Владеење со страв и кукавичлук

25.03.2017 04:53
Владеење со страв и кукавичлук

Треба да се читаат класиците. На пример, Томас Ман. На пример, дневнивите од 1933 и 1934 година, пишувани во Швајцарија, каде доаѓањето на власт на Хитлер (16 јануари 1933) за среќа го затекнало надвор од Германија и каде останал, инаку немало да го претекне. Потоа, подоцна од Америка, преку Би Би Си им пишувал писма на своите германски слушатели сè до мај 1945, писма полни со тага и очајничка надеж дека Германците ќе се приберат и опаметат. Кога и за тоа било предоцна, не се радувал; бил уште потажен, со право: Германците до крајот не сфатиле што ги снашло и со што се согласиле уште тогаш, 1933 година.

Описите на национализмот на Ман се полни со гадење, но се мошне прецизни. Накратко, се сведуваат на улогата на стравот и кукавичлукот, зашто едното не оди без другото. Еден друг посматрач на нацизмот одблиску, Курцио Малапарте (Kaputt), во тоа време како воен дописник, укажува на една црта на германскиот карактер: Германците не се плашат од храбрите и силните; се плашат од хистерично слабите и сиромашните. Но, тоа е посебна тема. Да се вратиме на Томас Ман. Тој пишува за „мачнината предизвикана од мешавината на бруталноста со врескавата плачливост, карактеристична за нацизмот“. Грубост со плачливо истоштување: едното се храни со другото, најмногу грубоста со плачливоста која е изговор за бруталноста. „Безобѕирно газење и тоталното униформирање на јавното мислење, уништување на секоја критика, изјава за бесмисленост на секоја опозиција“... „Дрско, модерно, модерно темпо, футуристичкото во служба на безидејноста непријателски расположена спрема иднината; мамутска реклама за Ништо“... „Само по себе се разбира дека образованието и мислењето не се пожелни, туку се оди кон заглупавување на масите со цел механичко еднообразно владеење со помош на модерните техники на сугестија“ (17 март 1933).

Со оглед на тоа дека едвај добил мнозинство во Рајхстагот, Хитлер извлекол заклучок дека може 49 проценти од германскиот народ да го понижи и пикне во своето сеопшто владеење секаде: правата на покраините (Баварија, пред сè) биле згазени и настапила нацификација на целиот Рајх (Gleichschaltung) по победата во Рајхстагот. „Секое поинакво мислење, секоја прикладна вистина се фрла под нозе“... „Закани до печатот кој се држи само 'пасивно'“. „Оној што сега не лаже, тој е лукав, зашто „Вистината е предавство за земјата“ (според Ернст Јингер)... „Зашто и пасивниот отпор се толкува и чувствува како активен“. Хитлеровите „мисли кои ги повторува беспомошно, постојано правејќи пропусти и претставувајќи ги во беден стил, се мисли на учениче кое се труди беспомошно. Тие уште би можеле и да остават некаков впечаток кога не би биле сведоштво на морничавата нескромност“ (18 септември 1933).

Кога сме кај тоа: малку подоцна, Томас Ман ја наведува приказната на Освалд Шпенглер, автор на тогаш извиканата книга „Пропаста на Западот“ за средбите кои ги имал со Хитлер и Мусолини, на кои се обидел да влијае (залудно). Мусолини го примил учтиво, му понудил да седне и го слушал внимателно; Хитлер бил неучтив и цел час не му давал да дојде до збор: го опсипал со својот хистеричен говор од еден час и го испратил надвор. „Постојано се заканува со самоубиство, се дере... како тешко хистерична баба, исполнет со најниско осветољубие“, вели Шпенглер. Со Хитлер не се разговара; тој зборува. Неговите медиуми (Der Stuermer, чиј главен уредник Џулиус Шпенглер потоа бил обесен во Нирнберг, сосема логично) дивјачки го напаѓаат Томас Ман, беспомошен и надвор од земјата. „Во сето тоа“, се чуди Ман, „необично е тоа што бесот и покрај тоа што целосно победија – не стивнува. Зошто тие луѓе и натаму ја ослободуваат својата омраза и потребата за навредување? Дали се чувствуваат несигурни? Зарем не веруваат во својата победа?

Тука нешто не е во ред: Хитлер во Минхен (февруари 1934) вели дека „во почетокот целта била да се придобијат масите, а сега треба да се придобие германскиот човек воопшто заради моќта на оваа држава“. Зарем, се прашува Томас Ман, изборите не покажаа дека германскиот човек е придобиен?

Но, никогаш не им е доволно; несигурни, исплашени и затоа сè побрутални. Томас Ман никако да им се изначуди на нацистите: еве ја имаат сета власт; „човечките права се отстранети“ (Гебелс во Берлин 1933, со аплауз и извици на „десет илјади малоумни бедници“); имаат сè што може да се има во една држава и уште многу повеќе – тотална власт над секој поединец. Па, сепак не им е доволно, се чуди Томас Ман; зошто? Гладта на лумпен-малограѓанскиот шљам кој ја гледа својата шанса – сега или никогаш? Шанса со членството во НСДАП (Националсоцијалистичката работничка партија на Германија) да се стекне работа, подобра плата, еврејски стан или дуќан? На патот на академската или уметничката кариера да се отстранат попаметните и поталентираните (за тоа кај Ман има многу примери)? Наптреварување во лажење, клеветење и провлекување низ калта за секој за кого барем и ќе се посомнева дека не е на првата страна? Тие, вели Томас Ман, не поднесуваат никаков отпор, дури ни најблаг, цивилизиран и аргументиран. Ако некој, случајно каже нешто против или изрази блага резерва – готов е. Ако некој впечатливо молчи и се дистанцира, сомнителен е. Тие сакаат сè и сакаат веднаш, зашто еден ден ќе биде предоцна – како што и беше.

Е, сега: ако сето ова ви се чини познато, виновна е вашата расипана имагинација, срам да ви е. Јас не ги измислив горделивите плачипички, лажачите, уметниците на ирелевантното, кафанските софисти, интелектуалните муви од под задникот и „аналитичарите“ со анална ориентација, новинари во цивил и експерти за заговори и државни удари, атентати и слично. Сето тоа убаво е напишано кај Томас Ман во „Дневниците 1933 – 1934“ и во „Писмата до германскиот слушател“. Двете книги се преведени и достапни. Има уште, но за тоа другпат. Тоа се приказните за стравот и кукавичлукот – што не е исто. Стравот се совладува и го крева адреналинот; кукавичлукот е најлошиот порок.

Извор: http://www.autonomija.info

ОкоБоли главаВицФото