Комунизам на афектите

02.07.2010 11:04
gh293.jpg

Пол Вирилио, зборувајќи за времето во кое живееме, користи интересен израз: комунизам на афектите. Некогаш живеевме во „демократии на мислењето“, кои денес се заменуваат со „демократии на емоциите“. „Комунизмот на афектите“, според Вирилио, произлегува од нашата променета перцепција на демократијата; со забрзаното ширење на електронските медиуми дојдовме до една култура на спектаклот кајшто мислењето не е пожелно оти е досадно. Клучните одлуки денес не се носат врз основа на промислување туку врз основа на чувства, а тие чувства најчесто се медиумски инсценирани. И тука лежи клучниот проблем: не толку во самите емоции, колку во големиот манипулативен простор кој генерира расположенија по желба на моќниците. Вештите (или вештачките, или вештерските) играчи си играат со масовните чувства и, држејќи ги главните медиуми под контрола, едноставно индуцираат вакви или онакви масовни расположенија. Ефектите се значајни, оти чувствата ем се „посилни“ од мислењето, ем се поатрактивни. Таа дегенерација на политиката Вирилио ја нарекува комунизам на афектите.

Македонската власт веќе четири години нè потсетува колку беше убаво да се живее во комунизмот, со тоа што на сегашниот фактички комунизам (една партија, еден водач, едно мислење) само му е извадена етикетата, та имаме национализам на афектите. Тој „национализам на афектите“, со чијашто помош владее адвертајзинг агенцијата ДПМНЕ (која, патем, државата ја разбира како сопствен банкомат), на овие простори, како технологија на владеење, го промовира балканскиот касап, Слободан Милошевиќ. При таквото владеење станува збор за, како што објаснува Жижек, лажна трансгресија; режимите коишто ги сметаме за недемократски и кои имаат некаква популистичка мобилизација (како оние на Груевски или Милошевиќ), не се едноставно опресивни туку, на едно потиснато ниво, нудат опсцено уживање. Велам, трансгресијата е лажна зашто Милошевиќ, на пример, на Србите имплицитно им соопшти: сега можете да мразите, крадете, силувате, да се опивате и да ги решавате проблемите со оружје.

Афективниот национализам нуди слобода на дејствувањето; најнезаузданите фантазии слободно можат да се изразат: Господ е Македонец, ние сме истовремено наследници на Александар Македонски, на хеленската култура, на византискиот и словенскиот свет, на ВМРО и на партизаните... Згора на тоа, најстари сме и, според тоа, најсилни, барем во духот, и затоа неуништиви и бесмртни итн. Груевски, исто како Милошевиќ, владее со помош на шарлатани и идиоти (кои, меѓу другото, кога сè ќе отиде по ѓаволите, служат за најнакрај да се изрецитира циркуското резиме: „само смо се шалили“; од идиот тешко дека на крајот на баладата се очекува одговорност); таквата авторитарна власт, според Жижек, не е терор, туку во сопственото тоталитарно јадро го има опсцениот карневалски хумор. Затоа Жижек смета дека само психоанализата може да ја објасни клучната улога на уживањето во недемократската власт.

Се разбира, не велам дека се сосема идентични симулакрумите на Саркози, Берлускони, Милошевиќ, Груевски итн. Но, структурни сличности постојат. Популизмот на афектите лежи во сржта на тие манипулативни политики. Кога, на пример, слушаме како популистот зборува за стварноста, најчесто станува збор за мамење: како кога во излогот на некоја старинарница ќе видите табла на која пишува „Сè лекуваме“. Ако некој влезе внатре и побара некаков лек за својот проблем, ќе се излаже. Таблата во излогот е ставена за продажба.

На едно поинакво рамниште, за улогата на емоциите во светската политика, зборува и еден друг француски геополитиколог, Доминик Моизи, во својата нова книга „Геополитиката на емоциите“. Тој тврди дека три емоции ја обликуваат меѓународната политика: надежта, понижувањето и стравот. Сите три емоции се поврзани со самодовербата. Надежта е израз на самодоверба, стравот е недостиг на вера во себе, а понижувањето е повредена самодоверба. Моизи, врз основа на една, според мене, поедноставена мрежа на индикатори (која истовремено опфаќа политички изјави и архитектонски стилови), заклучува дека во Азија доминира културата на надежта; во Европа и Америка преовладува културата на стравот; додека Блискиот исток е потонат во културата на понижувањето. Според Моизи, Киндија (Кина + Индија) е азиската локомотива на самодовербата во која 40% од светското население веруваат дека денес е подобро од вчера, а дека утре ќе биде уште подобро. Запад, пак, живее во страв; Европа е исплашена и од своето неодамнешно страшно минато (империјализмите, двете светски војни, нацизмот, сталинизмот, холокаустот) и од предизвиците на иднината: што воопшто претставува Европа?! Американците, пак, полека губејќи ја големата надмоќ, не ги загрижува толку идентитетскиот европски проблем („што сме ние?“) туку прашањето: „зошто нè мразат?“ Арапскиот свет, за тоа време, живее во преовладувачкото чувство на пониженост, чувство кога не си го контролирате сопствениот живот. Тој живот без надеж води во очајание и во деструктивна желба за одмазда.

Како да се спротивставиме на политиките што манипулираат со емоциите на луѓето?! Кој е одговорот на мислењето дека политиката половина се состои од создавање привиди, а половина од вештината луѓето да бидат наведени да поверуваат во тие привиди? Еден од старите одговори е овој: моќниците можеме да ги разбереме само ако ги гледаме во нозете, а не во устата.

„Глобус“, 29.06.10.

слики: Готфрид Хелвајн

Ednas da objasnese sto bilo

Ednas da objasnese sto bilo poubavo koga bese drugata partija na vlast. Ne za drugo, jas sum pomlad, pa da znam da napravam razlika.

За секој што е заинтересиран

За секој што е заинтересиран за моето „колумнистичко“ творештво (јал од естетски, теориски или политички агол), солидна архива на моите текстови во последниве десетина години има на сајтот на Контрапункт:
http://www.kontrapunkt-mk.org/kontra/arhiva-dvete.htm
Инаку, критички политички текстови сум пишувал и во списанието Маргина, во текот на девеесеттите години, т.е. од 94 натака...
Така што, кој е расположен да истражува - бујрум:)

Памтам како Гелевски, по

Памтам како Гелевски, по блогови, го мааше по уши славниот Двоцевски (т.е. Троцевски, по најново) коа овој ги извршуваше функциите на шеф на кабинет на потпредседателот на владата, Минчо Јорданов, за време на СДСМ. После Двоцевски (т.е. Троцевски, а некои скратено и антиципирајќи ги следните настани го нарекуваат: Каќуша, Вишецевниот) пожестоко и од Гелевски ги замава своите довчерашни сопартијци.
Памтам и како Маргина беше жестоко антиестаблишмент списание за време на СДСМ во девеесеттите...
Мада - џабе памтењето овде. Мк е рај за типови ко Каќуша (Вишецевниот) кајшто меморијата на луѓето е на ниво на аквариумски риби.
Башка, младиве ретарди немаат ни елементарни аналитички капацитети, дури и ако занемариме дека памтат од вчера, и тоа само она што од партијата им го дозволиле за памтење. Што и да било во минатото, ретардот мисли дека е згодно за уште еден преродбенички спот. Мала гротескна империја на идиоти и споменици - мк.

И ти Гелевски со кованици од

И ти Гелевски со кованици од типот „недемократска власт“ создаваш привид дека божем може да има и некаде има или имало и некаква друга, „демократска“ власт.
Се поплитко заринкуваш

ОкоБоли главаВицФото