Лидија Митоска
Саатот
Постојано го слушав.
Ми тропаше.
Ми ги броеше секундите.
Посебно ноќе.
Многу гласно.
Не можев да спијам.
Сношти го зедов, излегов, отидов до контејнерите, отворив, го фрлив внатре, го треснав силно, затворив, заминав, таму нека брои, секунди, саати, што сака, не знам, нека брои, јас се ослободив од саатот, од времето, и си отидов, и спиев!
И го сонував:
Броеше.
Така зборуваше станицата
Овде никој не живее. Сите се на поминување. Или чекаат, или заминуваат, или поминуваат. Некои седат одредено време (не знам од кои причини), некои долго време, со саати... и после заминуваат. Секако заминуваат. Некои веројатно мислат. Некои трчаат и се цели црвени. Некои се црни, некои бели, некои - ни црни ни бели. Сите идат овде. Никој од нив овде не живее. Живеат на други места. Имаат деца, жени, мажи, имаат работи. Разни работи. Така велат, кога зборуваат. Имаат. Имаат брчки: или две големи меѓу веѓите, или на челата, или околу устата.
Нивниот живот јас не го знам. Овде само поминуваат. Ова е станица, не е живот. Животот е некаде надвор. Животот е нешто друго, нешто убаво, исполнето, во животот се има, се прави, се живее, некаде на друго место, не овде, не знам каде, јас не знам, не се разбирам. Ова е само станица. Овде никој не живее.
Д. Краљевски
Оние што заслужуваат
Беше веќе стемнета ноќ, а безбројните светли точки на небото го осветлуваа тоа ноќно темнило, преправајќи го во бледо модра боја. Тој одеше по празните шини по кои не поминал воз повеќе од дваесет години, реконструкцијата на таа пруга никогаш не беше завршена. Таа ни самата не можеше да знае зошто воопшто почнаа да ја реконструираат, си беше во совршена состојба и со дрвени држачи. Како и да е, тука веќе не поминуваат возови и таа беше проклето осамена, исто како и него - човекот што таа ноќ чекореше по неа.
-Тие што заслужуваат, никогаш не добиваат. Токму затоа и заслжуваат, нели? – Се слушна женски глас од зад дрвото крај десната шина.
Тој се приближи понатаму и виде згрчен женски лик, потонат во солзи. Ја виде како зборува со пругата и застана најпрво да се исчуди малку.
-Точно е, - рече, - никој не го заслужува добиеното откако ќе го добие. Затоа постојат и сите загуби. Сите мора да го изгубиме она што ќе го добиеме
Таа го гледаше со некоја замрзната чудност, како да сакаше да праша дали нејзиното полудување може да создаде човек пред неа со кој ќе си зборува. Ја префрли раката преку нејзиното раме, а таа се притаи до него. По две минути тишина, заспа од скршен умор...
Ѓургица Костадиновска
Очи
Среде ноќните светулки сјаат два пара очи. Едните зелени, другите сини. Велат светлите очи полесно го губат видот. Тоа и не е важно во „приказнава“.
Тие јасно се гледаа и ко да проникнуваа едни во други. Зениците се прошируваа или се смалуваа во зависност од светлината. Којзнае колку долго траеше тоа.
Горе, на небото намигнуваа ѕвездите. Месечината се разлеа ко кашкавал во тост и се тегнеше непрекинато.
Неочекувано од едното око капна солза.
Се стрчав со неа да ги полеам копнежите.
Ангелот
Полека и лесно од небото се спушти ангел. Тоа требаше да го видите! Сноп светлина зрачеше во неговите очи. Се доближи до студенилото на еден камен. Го подигна! Почна да го превртува, сакаше да го срони меѓу прстите. Тогаш помина човек. Го погледна ангелот и вчуденевиден праша:
- Го рониш неговото студенило меѓу прсти?
Ангелот се насмевна.
- Барам топол зрак во него, ќе го всадам во срцето на еден студен човек.
Патникот ги протри очите, му се чинеше дека лебди, не чувствуваше тло под нозете.
Лагите и измамите не му ги засенија мислите, не падна обеспокоен. Неговото срце го исполни слаткото спокојство. Легна до каменот. Гребеше по него. Од некаде слушна глас што никогаш порано го немаше слушнато. Така уште посилно почна да гребе по каменот. Изненаден од себеси почна да вика. Не си го препознаваше крикот, но нешто го тераше да го прави тоа.
- Сакам да кажам… Да, сакам сите да ме чуете!
Александра Живкоска
...
Не, А не сака да пишува, А не знае што да напише... само трите точки и се наједноставни... знае таа дека тие секогаш имаат што да кажат, секогаш повеќе од неа, секогаш поубаво од неа... па зашто, си помисли, зашто краткиот расказ не се состои само од три точки, па и тоа е доволно за почеток... а можеби и премногу... Знае таа дека, само таа ќе го препрочитува овој расказ безброј пати, знае таа што стои зад тие три точки, стојат следните и следните три ... Но, ајде, помисли, ајде да напишам уште нешто, ете можеби ќе падне ова фигуративно парче лист кај некој сосем случајно..., еве можеби некој цитат од некои многу драги текстови..., да звучам ете постмодерно..., текст кој ќе му го задржи вниманието за уште неколку секунди, ете, сеедно, ќе го прочита, единствено зошто е напишано до токму тие три...
Така А, во 9 часот и 48-та минута одбра соодветен цитат кој ќе го смести до тие три точки и тој текст изгледаше вака:
...
Ali kad bi se moglo otići zauvijek, i zaista otići s pjesmom
mislim da bih se rastajala dugo od mjesta na kojima sam plakala.
I nikad ne bih zaboravila one koji su zbog mene, bar jednom
bili malo radosni i praštali mi nasmiješeni.
Кобе24
Ете...
Некако од некаде се појави постот на Фејсбук за краткиот краток- расказ, па А помисли: можеби и ќе напишам нешто, па сигурно не е залудно тоа што завршив книжевност, ајде, па сигурно можеш да напишеш еден краток- краток расказ... Сепак, А се откажа пред самиот старт, се откажа кога ги прочита расказите од 07 до 14 јуни и стигна до оној на Ѓоко Бушавиот. Тука сопре и помисли: ех,прекрасно и прекасно.... па веќе некој го има најубавиот расказ, што ли бараат моите 1200 знаци (се разбира заедно, со празните места ). Така, А повторно се откажа од можноста некогаш да објави сопствен текст надвор од задолжителните факултетски текстови и продолжи во меланхолијата на деноноќието да ја пие чашата со бело вино и придружувана со Буди сам на улици остана да тажи што беше родена во доцните 80-ти..
А нараторот, па и тој, се разбира, пиеше од чашата со вино и користејќи се со небрижноста на опијанетата А, го испрати овој краток- краток текст кој А и нејзината самкритичност никогаш не би се осмелиле... и најдискретно ги замоли читателите, А за тоа, да не дознае!
Елла
Пијачка
Во неделата се опив. Солидно. Тогаш за прв пат можев да седам со него навечер, онака на пијачка. Јас испив сто. Прво зашто сум склона кон тоа ,а и дополнително бев превозбудена. Имавме и некое друштво но другите ми беа неважни. Не е дека не разговаравме сите, разговаравме и тоа како. Јас постојано плампав, на тоа се сеќавам. Ломотев и ломотев непрестајно. Нему му кажував сè што мислев и чуствував за него сето изминато време. Ама баш сè.
Кога станав утрото, брат ми ме праша дали сум била ОК зашто цела ноќ сум повраќала. Не ме чуди. Повраќав и цел ден.Умирав. Му напишав духовита порака и го замолив да ми се јави кога ќе може да се чуеме. По извесно време му напишав уште една. Не ми се јави..Мора да сум му кажала се што не сакал да слушне или пак се исплашил од мојата искреност. Можеби ги изморило моето постојанао верглање. Навистина не знам.
Можеби се уште ги преџвакува зборовите, па повраќа.Она што не може да го проголта.Или пак едноставно не сака да излегува на пијачка зашто тој никогаш не пие.
Каролина Давческа
Неколку едноставни објаснувања за убавината на црно-белиот свет
Затоа што изборот е едноставен (или црно или бело). Затоа што нема раси (сите се или потемни или посветли). Затоа што Барби е посериозна во црни нијанси (нема розева, нема шмизли). Затоа што серизноста на црно-белата комбинација на кошула и панталони, никогаш нема да биде заменета од небесно сини мокасинки. Затоа што небото е поедноставно. Затоа што крвта не е крвава. Затоа што Хемфри Богарт не знае да глуми во боја. Затоа што некој едноставно не може да си ги објасни виножитата. Затоа што емо-сексуалците ќе имаат оправдување да скокнат од мост. Затоа што и фекалиите имаат иста боја како земја. Затоа што сите се задоволни со црно и бело. Затоа што бумбарите ќе станат безначајни. Затоа што може да се облечеш во црно и да го искомбинираш со бела насмевка.
NuTella
Таа вечер ми требаше пијалок
Таа вечер ми требаше пијалок.Нешто жестоко,како огнена кугла,да ја протркалам низ грлото.Влегов во првиот бар на кој наидов.Непознатите фаци ми оддаваа чувство на смиреност.На шанкот спроти мене стоеше млада жена.Ја здогледав,како со ореол обрабена од темнината,таа беше најубавото нешто што чекори врз земјата.Темната коса и паѓаше до рамената и и создаваше мека сенка на образите.Очите и беа замислени,но не загрижени,крупни,сиви,оцртани со црн молив.Носот и беше свртен надоле,но на нејзиното лице беше толку совршен,и создаваше острина од која запира здивот во градите.На десната рака,бурмата ме печеше како вжештена лава.Совеста,во вид на чад,силно ми удираше во носот,и се создаваше од моето препечено месо под бурмата.Решив да го игнорирам и зачекорив кон девојката.И пријдов и неколку секунди како нем зјапав во неа,без да прозборам.-Дали е слободно?-ја прашав сакајќи да седнам до неа.-Всушност не е,очекувам некого.-Хм,се извинувам..тој е многу среќен...-ТАА..-се завртев откако слушнав женски глас позади мене-Таа е многу среќна-повтори ѓаволесто една русокоса девојка,седна на местото до црнокосата и страсно ја бакна...
Цветанка Рујан Колева
ХиМен.
Уште не е свесна за своето постоење,а веќе на првиот Благовец ја носaт да и ги дупнат ушите. Женско. Земаат дел од невиноста. Првото кубење на веѓите.
Женско. Легнува за првпат во кој ги шири нозете, замислува јќи колку светот ќе се смени потоа, и дали овој првиот ќе и биде и последен. Така ја учат од мала .
Женско. Тој ќе заврши работа, ќе го скине ХиМенот, некој останува, некој не. Таа замислувала поинкау, ќе рече добро и тоа помина. Првпат кај Козметичарката, фрлајќи ги гаќите на страна. Раце,нозе, препони. Голо.
Женско. Мазно. Чисто низ мали ситни лаги, криења, ја крати косата првпат со причина, ја фарба првпат со причина. ХиМенот се губи во ,,да,, пред матично и бога.Сакаат да и’ прават и можеби раѓа деца, можеби и не.
Женско. Изгубен Химен во дали е во ред жена и мајка и жена. Го загорува ручекот за првпат, па вари шапагети. Kога легнува првпат изневерувчки.
Женко. Секој ден по пет невиности најмалку. Постојано.
Женско. Како се смее и како изгледа, ко најважно , Боже мој! А Кога издава книга и јавно пред сите зборува за губењето на сите свои невиности,
Женско! Врескаат, а само гласно кажала за изгубените ХиМени, пред прост народ кој му служи на честа.
Две Крвави Мери застанати на шанк
1-вата Крвава Мери: се дери,
Инзвонрендно! Диво смеење ја докрајчи вселената.
Само еден поглед кон градите што се наѕираат додека барменот близу нив ги меша сосовите, а наоколу сите луди.
- Ти треба една Крвава Мери, да те опне низ вените, да можеш да останеш на нозете, се кези барменот, додека го гледаш нејзиното фустанче во неможна боја како се ниша околу колковите, мириса со нив. Не можеш да наслушнеш, дали тоа таа доаѓа или заминува, додека ти мавта со раката.
Штрец. Уште еден проклет сон. Утрата се сè пожешки и пожешки.
2-рата Крвава Мери: блада,
Инзвонредно! Занесено смеење ја засени вселената.
Без умот се играм со чувствата.
- Луда си. Ти светат очите! Додека ги меша сосовите, ии треба една Крвава Мери, вели барменот. Ја подава со сламка. Јас се фатив за сламката. Очите ми станаа дупли, кога тој се наведна накај мене. Ох! реков, па не си ти тој. Јас го чекам оној кој вчера замина.
Штрак. Уште еден проклет сон. Утрата се се пожешки и пожешки.
Стакленца
Тогаш уште не знаевме за тежината на светот огромен. Огромни беа само елите зелени во таа мешана шума каде првпат ги допре моите цициња. Јас ти го пикнав јазикот во устата.
Ах ... па не се уплашивме. Воопшто, не. Несакајќи паѓавме гледајќи го небото оти годишните времиња се менуваа, а ние секогаш еден врз друг. Без да влеземе доволно внатре. Таква љубов ми треба сега. Нерасипана. Со годишните времиња пораснавме и ние. Ти се пикаше на друго место. Во мене други се пикаа.
И кај тебе и кај мене доволно долго. До заболување, нели?
Не мора да си признаваме за болките. Тоа се подразбира со растењето.
Многу сме собрале од другите во нас. Ги користам твоите раце да ми ги затвораат фиоките натискани со крпчиња, оти партали меѓувремето стори од нив. Знам, не мора да ми кажуваш, за истото ги користиш и ти моите. Мене тоа не ми пречи. Пријатно ми доаѓаш. Вака повторно. Исто ко на времето. Само пораснати и со ѕвекот во ушите од кршење. Ќе заобиколиме некои нешта. Доволно сме изрешетени . Не се најдовме повторно низ сокаците без причина.
Ми се допаднаа Саатот и Така
Испратено на 20 јули 2010 од анастасијаМи се допаднаа Саатот и Така зборуваше станицата. Имаат приказна, длабочина и смисол. Токму овде им е местото. Браво!
Мене ми се допаѓаар расказите
Испратено на 20 јули 2010 од АнонименМене ми се допаѓаар расказите од Цветанка. И СААТОТ на Лидија.
А вам?Што ви се допаѓа од оваа недела?
Мене Nu Tella..:)
Испратено на 20 јули 2010 од Г.Е.ЈМене Nu Tella..:)
На воведните страници една
Испратено на 21 јули 2010 од Исидор ИвановскиНа воведните страници една американска писателка имаше напишано дека вештината на еден писател е способноста да евоцира слики кај читателите. Таа слика всушност треба да биде исполнета преку внатрешната перспектива на самиот автор. Затоа таква една слика преку вештината на авторот се издига до трансцедентно ниво.Така како што јазикот се дели на внатрешен и надворешен исто е и со пишувањето, каде надворешниот дел е условен од моќта на исказот како рационална категорија. Но сепак ниту силината на логичкото иследување само по себе нема да те направи нов Wittgenstein ниту пак внатрешниот допир со светот не те прави нов Шекспир. Но заедничарењето на овие две е услов за секој уметничка парадигма и за секој оригинален автор.Повеќе ја нагласувам вештината затоа што таа нам ни недостасува.
Цветанка Рујан Колева !
Испратено на 21 јули 2010 од АнонименЦветанка Рујан Колева !
Расказот „очи“ -
Испратено на 21 јули 2010 од КраљевскиРасказот „очи“ - фаворитот ми : ))
kusi-kusi raskazzi
Испратено на 21 јули 2010 од Ludellaми се допаѓа Елла, толку едноставна а сепак наративна...
А и Лидија Митоска исто така, неа ја читаш објаснувајќи ти дека од некои работи не можеме да побегнеме...
Приметив, расказот
Испратено на 21 јули 2010 од КраљевскиПриметив, расказот „сонот на душата“ има 1721 знаци, може и така да пројде?
пошаренолико од минатата
Испратено на 22 јули 2010 од Анонименпошаренолико од минатата недела...повеќе ми го задржаа вниманието овие раскази...можеби заради тоа што имаше помалку автори или пак јас бев помалку уморна :) во секој случај, Цветанка, Каролина и Саатот на Лидија, ми се допаднаа..онака "ќејфски"...
Благодариме на укажувањето,
Испратено на 22 јули 2010 од marijana2Благодариме на укажувањето, тој расказ веднаш ќе го отстраниме.
Окно
„ Oчи“ -
Испратено на 24 јули 2010 од елена„ Oчи“ - дефинитивно!
cvetanka rujan!
Испратено на 24 јули 2010 од temjanacvetanka rujan!
Најпрво, честитки до сите за
Испратено на 28 јули 2010 од МиленаНајпрво, честитки до сите за трудот! Само напред! Ако мора да изберам мој фаворит, тоа ќе биде Лидија Митоска. Браво! Додека ги читав нејзините раскази, имав чувство дека гледам два мајсторски скроени кратки филма полни со енергија, без ниеден излишен збор/сцена... Можеби еден ден навистина ќе дочекаме нивна премиера на филмското платно...