8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

06.05.2009 11:54
123.jpg

 

Не, рече сликарот, нити ја видов фигурата, ни таа фотелја,
сè е тоа измислено, но наредено ми е така да сликам.
Кафка

Според разни извори, во Македонија во годините меѓу 1960-1990 освен со фактичките полицајци во активна служба, структурите за набљудување на "сомнителните" лица биле хранети и од 12.000 до 40.000 доушници кои во наведениот период работеле за Службите за државна безбедност. Тие оперираат и меѓу македонските културни работници (поправо се дел од нив). Тие се не само носители на системот туку и носители на вистината.

Како биле коптирани овие шпони? Во досието на татко ми од октомври 1985 година има една ваква реченица, напишана од оперативното лице, а се однесува на информаторот и неговиот профил: со изворот разговарам првпат, истата до сега не сум ја познавал, а кај мене дошла по препорака од еден мој пријател од гратско собрание. Од јули 1987 година, значи по излегувањето на татко ми од затвор, има "Службена белешка за примопредавање на предмет во оперативна обработка", каде што стои дека ПОО Интимист останува интерес за СДБ, обработката да биде линиска, а да се обрне внимание на селективните лица од културните средини кои ќе послужат за обработка со СДБ.

Значи, што сакаат да дознаат овие кодоши, па и по цена на физичка ликвидација на следениот? Што е нивното крајно уточиште, која вистина очекуваат да ја најдат? Според централизираното и непрекинато бележење на кое се засновал системот на контрола, јасно е дека нивната задача е да бележат сè што (лично) ќе проценат како патолошко. Секој вишок смисла е патолошки. Кога некој има плата, а сè уште се жали на општествениот поредок - тој е патолошки случај. Односот на секој поет кон својот "вишок смисла" исто така мора да мине низ инстанците на власта.

Кога е затворен татко ми, настапува цела серија на (траги)„комични“ ситуации. Моето најтесно семејство и моите роднини неколку дена не може да го најдат татко ми кој, дента кога е уапсен, едноставно исчезнува од лицето на земјата. Кога конечно дознаваат дека е во истражен затвор, во неколку дена по телефон моите роднини си разменуваат бескрајно множество на можни претпоставки зошто татко ми е уапсен. Службите на СДБ, според прислушкуваните телефонски разговори од досието на татко ми, се алармирани за секоја една од нив. Еве некои од тие вишоци претпоставки (под Х ги ставам сите мои роднини, ќе ми дозволите да ги заштитам кога и онака веќе со децении биле изложени на севидливост):

3 септември 1985:
Х: За шумата ли е?
Х: Не знам, ништо не ми рекоа.
Х: Кој број има Х (роднина)?
Х: Не знам кој број има.
Х: А овие од Лисиче? (во Лисиче живееја во тоа време тројцата мои братучеди, моја заб).
Х: Не знам, никогаш не сум зборувала со нив.

Забелешката на инспекторот под овој разговор е чкртната, но зборот Лисиче и шумата се подвлечени.

3 септември 1985:
Х: Сигурно е за шумата.

3 септември 1985:
Х (полицаец-роднина): Криво ми е што не ме послуша никогаш. Јас толку пати го опоменував да не зборува пред секој, сум му кажувал дека нашите и по кафеаните одат да слушаат такви разговори, оттука леб вадат.

4 септември 1985:
Х: Мора да е нешто во врска со Струшките вечери. Сигурно има претерано и во зборувањето и во пиењето …. (Треба) убаво да им објасниш дека човекот бил испровоциран и нервозен, дека дрвата му ги исекле итн.

12 ноември 1985:
Х: Кога останавме сами ми вели: мене Јонче ми е куќен пријател од 1954. Инаку тој е правник од Кавадарци, заменик-јавен обвинител. Ако го обвинат Јонче за нешто, тој е само една лира во поезијата – ниту сторил, ниту може да стори нешто!

Забелешка за инспекторот: …(нечитко) за да ги елиминираме овие сплетки… (нечитко)… Што можат да (нечитко) прават? Кој е зам. обвинителот?"

3 ноември 1985:
Х: Сакав само да ти кажам поздрав од докторот… рече најмногу за него е заинтересиран Х".

Забелешка на инспекторот го "открива" идентитетот на "докторот". По сè, тој е гинеколог во (нечитко)….

И така натаму. Значи, Службите за државна безбедност, кои по затворањето на татко ми ги следат сите "потреси" во неговото семејство, имаат полни раце "нови докази" за неговата суштинска вина пред Системот, а тие докази се, на пример: шумата, исечените дрва, докторот –гинекологот (?), заменик-јавниот обвинител, потоа што точно татко ми зборувал и кажал на Струшките вечери на поезијата, Лисиче како претпоставено превдо-утописко упориште на отпорот… Сите овие атрибути, локации, состојби, имиња, немање од имиња, јасни и нејасни позиции се вишок. А вишокот е проблем.

Откако власта ќе констатира вишок, таа пристапува кон "дезинфицирање" на домот. Тоа дезинфицирање се одвива преку забележување и алармирање и околу најситните апсурдности. Тие "апсурдности", значи тие "вишоци" информации и смисла, тие "патологии" на збунетите роднини сигурно внеле дополнителни недоразбирања во службите на ДБ и вработување на уште една армија информатори.

Во досието на татко ми од 26 јуни 1987 година има документ според кој, кога од хрватскиот ПЕН-центар доаѓа иницијативата за ослободување на татко ми, оперативците на теренот забележале дека се појавува тенденција Ј. Котески да биде доживеан како репресиран писател, поради што инспекторот е: на мислење сме да на истиот се одложи рокот на ослободување, односно избегне можноста истиот да присуствува на овогодишните Струшки вечери на поезијата.

На 27 јули 1987 има белешка во која е прислушкуван телефонскиот разговор на татко ми со некое лице. Тоа е првиот разговор на татко ми по неговото излегување од затвор, по експресното ослободување.
Х: Како си?
Татко ми: Нема грешка.

Но гледате, суштината на целото устројство на системот е дека таму сè е грешка. Грешка на една полициска држава. Кога татко ми излегува од затвор има документ кој се вика "ПЛАН на мерки и активности за обработка на ПОО Интимист во текот на 1987", а датира од 26 јануари 1987 година. На две страници има детални стратегии за негово повторно следење, разобличување на неговите интереси, проверка на сите лица што ќе стапат во контакт со него, планирање мерки и активности за обработака на интересите, коментарите, искажувањата на лицата што ќе стапат во контакт со него, а (како што стои во овој план): во зависност од потребите ќе бидат применети и мерките (чкртнато со фломастер)! Оваа реченица доаѓа откако сите мерки, вклучително и мерката прислушкување и следење, веќе е исполнета… Неколку дена откако татко ми е ослободен, во јули 1987 има оперативна забелешка на инспекторот: Ј. Котевски останува доследен во неискреноста и лагата. Остава впечаток дека и верува во истата. Објективно, оваа состојба му е еднакво сложена како и онаа кога беше во затвор. Треба максимално да се следи неговата активност и врзување со одредени луѓе затоа што сега е спремен да се поврзе со секого.

Апсурдноста на системот се состои во неможноста од излез. Татко ми е цел живот веќе максимално следен, веќе невин одлежал речиси двегодишна затворска казна, излегол од затвор, според судските стандарди е слободен.

Но сега, според податоците од досието, фрапантно, тој е понеслободен од кога било досега! Сега започнува дуплирање и одново оцврснување на следењето. Според документот на П. Матвеевиќ јасно е дека за татко ми не било дозволено судење со присуство на јавноста. Татко ми со денови се наоѓа во истражен затвор, а транскрипциите од разговорите на членовите на моето семејство со роднините покажуваат дека тие не може да лоцираат каде е татко ми, во кој затвор, со денови шпекулираат зошто е затворен. Во текот на процесот не е дадена можност за никакво вештачење. Не е понуден ниеден доказ за неговата вина. Но за овој систем сето тоа не е потребно. Затоа што е јасно. Конечната причина заради којашто тој оди во затвор е точно таа дека тој оди во затвор затоа што е следен, затоа што е прислушкуван во тек на долги децении. Работата е во тоа дека за оваа машинерија вие сте исконски виновен и таа машинерија мора да продолжи да ја докажува смислата на своето постоење.

 

Обележаност (на телото, на духот и на делото)

 

Полониј: Ме познавате ли, кнезу?
Хамлет: О, сосема, сосема добро. Вие сте рибар.
Шекспир

Честопати ми го поставиле прашањето: зошто токму татко ми? И тоа прашање во најмала рака нема добар одговор. Затоа што е прашање од типот на оние кои ги третира античката трагедија. Ти не си направил субјективна вина, но мора да страдаш затоа што боговите ти намениле такво пророштво. Да, но токму тоа е прашањето на смислата: зошто ти намениле такво пророштво? Дали е тоа затоа што си бил хибристичен, прекумерен во своите особини, дали си се лутел премногу, ако си конфузен дали си бил конфузен на начин на кој не и’ се допаѓал на власта, дали фактот дека си бил поет те прави сомнителен од овде до небото?

Дали си бил обележан? Во досието има документ од 18.3.1986 каде што се цитира некој писател (избришано е името): Уште со самата појава во македонската литература (иако тој е силен поет) физички е неугледен и честопати бил запоставуван. И додава дека: (П)озитивното во оваа трагикомедија на ’Интимист’ е што тој е осуден... затоа што ако не беше осуден од општеството, самите литературни творци едноставно ’ќе го изеделè затоа што не била едноставна работа да си трет литературен творец во Македонија (по Ацо Шопов и Славко Јаневски. (!?) Во друг документ стои дека: Иако имал огромен талент, бил низок и немал начин да се наметне во средината во која владееле "харизматични" лидери. Сакам да обрнеме внимание на овие детали. Затоа што дел од одговорот на прашањето во што се состои суштината на нашата модерна политичка трагедија од минатите децении - е дека некој страда (и) поради обележаност.

Војникот на системот е некој кој се препознава оддалеку. Тој се одликува со гордост, неговото тело зрачи срчаност и снага. Нема врска што тој не го познава занаетот (забележете како во гарда секогаш имате луѓе кои можеби не знаат да раководат со оружјето, но кои, како што пишува Фуко, се истакнуваат со маршот, со држењето на главата, со телесната граѓа и со достоинствениот изглед). Армијата на послушните тела е армија која е обликувана од телесно тесто кое научило како да се носи себеси. Во Македонија од 1960 натаму е проблем ако не знаете да го носите своето тело.

Објаснете ми кој знае да го носи своето тело, ако се занимава со "руските прашања" на смислата, на животот, на идеологиите, на слободата, на правата? Телото е објект и мета на власта. Тоа е тело со кое се манипулира, ако не знаеш да го носиш своето тело на начин на кој ќе ја претставуваш својата социјалистичка идеологија, ти си исто така сомнителен.

Проблем претставува и духот. Татко ми, на пример, е поопуштен одошто било препорачливо, зборувал и ваму и таму, како Дон Кихот, се бунтувал и за ова и за она. Во неговите изјави има и јасна национална идеолошка линија, но и социјалистичкиот поредок не му се допаѓа. И во сето тоа не е подобен за војник на системот, има вишок што системот сака да го укине.

И конечно, а најважно: проблем претставува твоето творештво. Во досието на татко ми постои еден документ со кој некој „влијателен писател“ (чкртнато е кој) на татко ми му нуди пазарење: слобода за престанок на творењето. Што е, ќе се согласите смешно, дури и според постмодернистичките стандарди за авторство. Во тој документ буквално стои дека овој писател му порачува: откажи се од пишување песни во иднина и ќе ти издејствувам слобода. Оваа македонска верзија на скалиеровштината е важна инспирација за поголем дел од оваа книга. Кога татко ми оди во затвор, излегуваат две различни верзии од списанието „Разгледи“ - во првото се поместени две песни од татко ми, а во второто тие се извадени и целиот тираж е препечатен. Кога татко ми оди во затвор, сите негови збирки се повлечени од книжарниците и од библиотеките. Еден дел од бунтот што Ален Гинзберг неуспешно сакал да го предизвика кај македонските поети се однесувал токму на цензурата на неговото творештво. Во оперативната забелешка од 15.10.1987 дадена од „нашата оперативна позиција вработена во библиотеката „Браќа Миладиновци“ стои дека: по затворањето на Котески сите негови дела се повлечени и забранети. Во една друга белешка од 26.6.1987, откако до Службите се пренесува веста за можното пуштање на татко ми од затвор, оперативниот коментар гласи дека е можно татко ми: да се издигне на случај кој е репресиран, заради што инспекторот бара: да му се одложи рокот за ослободување, односно да се избегне можноста да истиот присуствува на овогодишните СВП.

Илустрации: Комар е Меламид

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

Слични содржини

Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија
Живот / Теорија

ОкоБоли главаВицФото