Нема врска

23.07.2010 13:13
kosovo_e_srbija.jpg

Оние кои ја следеа расправата пред Судот на правдата можеа да знаат и што точно се прашува и каков ќе биде одговорот. Особено беше јасно истапувањето на професорот Крофорд, чие мислење Судот во голема мерка го уважи. Дали тоа требаше да го знаат српските политичари и правници? Одговорот е позитивен. Дали тоа го знаеја? Тоа во демократските земји би било утврдено на некое одговорно политичко место, зашто ни власта која држи до себе, а ни јавноста која држи до себе не би сакале да не го постават прашањето за интелектуалната и политичката одговорност. Ништо од тоа. Одговорот на власта и на јавноста во Србија е, отприлика, нема врска, одиме понатаму. Тоа никако не може да излезе на добро.

Претседателот на државата јавноста ја информира на следниов начин: „Судот избегна да се изјасни за суштинското прашање и препушти за нив и за сите политички импликации да се расправа во највисокиот орган на ОН – Генералното собрание“. Тибор Варади, како експерт, рече дека е разочаран што Судот не се занимавал со „суштинското прашање“. Е сега, ако ја читате расправата пред Судот од декември мината година ќе видите дека српската страна беше предупредувана дека прилично ограничено и малку бесмислено го формулираше прашањето. Во тоа време јавноста е убедувана дека токму тоа е мудар потег и, според вообичаената импликација, дека станува збор за лукавство на српските политичари и правни експерти. Судот, се тврдеше, не може да каже дека прогласувањето независност е во склад со меѓународното право, а потоа тоа ќе се толкува и како мислење дека и самата независност е во расчекор со меѓународното право. Тоа беше мудро, се тврдеше, затоа што ако непосредно се поставеше прашањето за правото на сецесија или на самоопределување, Судот би можел да се раководи од политички, а не од правни причини. Вака, Судот мора да суди по правото, а не по политиката, па е јасно дека ќе пресуди дека прогласувањето независност е во спротивност со меѓународното право.

Тоа е она што Англичаните го нарекуваат „to be too clever by half“. Зошто? Затоа што судот, кој било суд, не би требало да одговара на „суштински прашања“, туку на оние кои му се поставуваат. Врз основа на тоа не би требало да се заклучи, пред барем да се потроши време да се прочитаат одлуката и образложението, дека Судот не одговорил и на „суштинското прашање“. Тадиќ, Јеремиќ и нивните соработници и советници изнесуваат ставови како никој да не ќе го чита образложението, туку само ќе ги слуша нивните толкувања. Сосема е можно српската јавност да се однесува на тој начин, но така нема да се однесуваат и меѓународните политички фактори. Зашто оваа одлука на Судот е премногу важна и содржајна за едноставно да се отфрли како „техничка“ и политички неважна.

Судот, имено, се занимаваше со суштинското прашање, а тоа е дали прогласувањето на независност е во спротивност со постојното право – внатрешно или меѓународно. Притоа, а тоа никако нема да биде неважно во идните расправи, ја протолкува и резолуцијата 1244 и улогата на Марти Ахтисари и сите релевантни одлуки на Советот за безбедност и нивната мотивација. Значи, ја протолкува реалната, постојна правна рамка во која дојде до прогласување на независноста на Косово. Ова е одговор на многу суштинско прашање и е од големо значење за сите оние кои сакаат да донесуваат изјави за независност во кој било дел од светот. Одговорот на суштинското прашање гласи, како што во декемвриската расправа и е истакнато дека ќе гласи, дека меѓународните инстанци, на пример, Советот за безбедност или неговите претставници, можат да се изјаснат, што тоа и често го правеа, за некој чин на сецесија или самоопределување или прогласување независност – позитивно или негативно. Судот, меѓутоа, дојде до заклучок дека ништо во правната рамка и во одлуките на Советот за безбедност не укажува на тоа дека се забранува или прогласува за нелегално прогласувањето на независноста на Косово и самата независност на Косово. Тоа е одговор на суштинското правно прашање.

Она со што Судот не сакаше да се занимава е дали ваквиот став на меѓународните установи се коси со правото на самоопределување или со правото на сецесија, зашто тоа не беше прашање. Меѓутоа, од образложението може да се заклучи, како што тоа беше истакнато и во декемвриската расправа, дека одговорот на тоа прашање би бил негативен. Но, Судот одби со изјаснување за прашањето кое му беше поставено, по импликација а не непосредно, да се изјаснува и за „суштинското прашање“ што му беше поставено, т.е. самиот да открива и да формулира кое е тоа „суштинско прашање“. Покрај тоа, Судот исто така одби да се занимава со прашањето дали Косово ќе стане држава или не. Зашто тоа е прашање само за Косово и за меѓународната заедница и не може да се реши со судско мислење.

Значи, Судот одговори на прашањето што му е поставено, суштински и технички, а не на прашањата што не му се поставени. Одговорот е заснован врз правото, а не врз политиката. Тој е сеопфатен, а не „ограничено технички“. И ќе има значајна правна и политичка тежина.

Српските власти и јавноста можат да кажат дека сето тоа „нема врска“, но тоа е само начин да се избегне одговорноста. Понатамошните исходи на таквата политика зависат од одговорноста на однесувањето на другите, пред сè на Европската унија и Соединетите Држави. Тие ќе мораат да се погрижат за српските интереси повеќе од самите српски власти и српската политичка јавност. Ако не постои систем на интелектуална и политичка одговорност, тоа не може да излезе на добро.

Извор: Peščanik

ОкоБоли главаВицФото