Активен набљудувач

20.08.2010 12:04
aktiven-nabluduvac-1.jpg

„Активен набљудувач“ - тоа е израз што во значајна мера ја определува мојата позиција во однос на јавните работи. Изразот веројатно го смислил Рејмон Арон кој во едно интервју зборува за својот асистентски период во Келн по 1932 година: „Тогаш одлучив да станам ’ангажиран набљудувач’. Сакав да бидам набљудувач на историјата што се случуваше, да се трудам со оглед на случувањата на историјата да бидам колку што е можно објективен, но истовремено не сосема дистанциран, туку ангажиран. Сакав стојалиштето на актерот да го поврзам со стојалиштето на набљудувачот.“

Што значи ангажманот во напнати историски околности? Ралф Дарендорф дава еден од можните одговори: тоа најнапред значи внатрешно учество во работата што се набљудува. Постојат интелектуалци, „на мраморните литици“, кои можеби се интензивни набљудувачи, но го избегнуваат секој ангажман и често го растопуваат во дискутабилни естетски или етички проценки. Наспроти тоа, ангажираното набљудување почива врз внатрешното учество кое по интензитет не заостанува зад оние што дејствуваат. Ни модата ни интересите не смеат да нè одвраќаат од вистината, вели Дарендорф.

Иако, во суштина, позицијата на „активниот набљудувач“ е парадоксална и малку лебдечка; и покрај поривот да се има снажно упориште, активниот набљудувач не е ниту академичар, ниту политичар, ниту новинар, туку престојува во еден делумно издвоен свет.

Втора важна особина на активниот набљудувач е бучниот ум. Ако ирационалните страсти се закануваат да го освојат полето на јавната расправа тогаш оној што верува во умот не смее да престане да го повишува гласот. Тоа го советува и претходникот на сите либерални интелектуалци, Еразмо Ротердамски, во „Пофалбата на лудоста“, кога вели дека страстите просто не го слушаат умот, туку со бришење го отстрануваат. Но, умот не може да се фрли на страна, не може да се замолчи: „Тој го прави единственото што го може, и засипнато се дере повторувајќи го формулите на доблеста“.

Парадоксалната позиција на „активен набљудувач“ во современиот свет можеби најдобро ја олицетворува израелската новинарка Амира Хас, која од 1993 година живее на палестинската територија Газа, како единствен израелски новинар што живее таму. Во својата книга “Drinking Sea at Gaza“ Амира Хас зборува како во мошне рана возраст се решила никогаш да не стои отстрана: „Тие нарации се легат на моите родители - цела историја на отпор спрема неправдите, отворен говор и возвраќање на нападите. Еден летен ден 1944 година мојата мајка, заедно со остатоците од човечкиот транспорт, била водена од сточните вагони кои од Белград ги довезле до концентрациониот логор Берген-Белзен. Тогаш таа здогледала група германски жени, некои оделе пеш, некои на велосипеди, жени кои кратко застанувале за со рамнодушна љубопитност да ја ѕирнат чудната процесија. За мене тие жени станаа презрен симбол за посматрањето од страна и во мошне рана возраст бев решила дека моето место не е меѓу посматрачите острана.“

Повторувам, позицијата на „активниот набљудувач“ е длабоко парадоксална, оти се обидува да ги помири врелата страст и студениот разум. Таа позиција можеби е одговор на прашањето на Макс Вебер: како врелата страст и студената процена можат да бидат заедно во иста душа? (Да потсетиме дека Вебер во својот славен текст за „политиката како повиканост“ зборува за трите врвни политички доблести: страста, чувството за одговорност и мерката.)

За крај, ќе издвојам една за мене посебно важна „програмска“ задача на современиот активен набљудувач: борбата против циничната деморализација. Како што вели Славој Жижек, живееме во системи обликувани од оние што владеат низ принципот на циничната деморализација, кајшто се мешаат наизглед наивни изливи на емоции со најсурова манипулација. Жижек зборува за два облика на фетишизам кои ја формираат современата свест: циничен и фундаменталистички.

Фундаменталистот ја игнорира аргументацијата и слепо се држи до својот фетиш; циникот божем ја прифаќа аргументацијата, но ја игнорира нејзината симболичка делотворност. Фундаменталистот божем ја „знае“ вистината отелотворена во неговиот фетиш. Циникот ја практикува логиката на порекнувањето („Многу добро знам, но...“). Циниците, според Жижек, не успеваат да ја препознаат симболичката делотворност на илузиите, начинот на кој тие ја регулираат активноста што ја генерира општествената стварност. Позицијата на цинизмот е онаа на здравиот разум - парадигматски циникот приватно, со сосема доверлив глас, ви вели: „Но зарем не разбираш? Дека сè се врти околу тоа (парите, сексот, моќта...), дека сите големи принципи и вредности се само празни фрази што не се однесуваат на ништо?“ Во таа смисла, сугерира Жижек, филозофите (или „активните набљудувачи“) всушност „веруваат во моќта на идеите“, тие веруваат дека „идеите владеат со светот“, а циниците се наполно во право кога ги обвинуваат за тој грев. Она што, меѓутоа, циниците не го согледуваат е нивната сопствена наивност. Жижек заклучува: филозофите (како активни набљудувачи) се вистинските реалисти: тие се мошне свесни дека циничната позиција е неможна и неконзистентна и дека циниците всушност ги следат принципите со коишто јавно се подбиваат.

слики: Вилијам Кентриџ

„Глобус“, 17.08.10.

Posle vovedot vo koj avtorot

Posle vovedot vo koj avtorot vetuva deka ke zboruva za srzta na svoeto avtorstvo, sleduva tekst od 8 pasusa od koi 7 se sveduvaat na citati. Aron, Darendorf, Roterdamski, Has, Veber i Zizek (2). Fino e referenciranjeto ama za avtorstvo se raboti, doboga. Fino e da se imaat teoriski paterici ama avtorot nekogas treba i sam da p(r)oodi. Ako nekomu trebaa topic clasteri, verojatno na Google ke otidese. Mnogu, mnogu streberski sfateno avtorstvo. Bucniot um zamolcen od tivki kopi - pejstovi. Avtogol.

Цитирањето толку го засенува

Цитирањето толку го засенува авторот во колумнава, што станал непрепознатлив,  ламентира Анонимен погоре.
Ако се прашам дали би бил подобар сајтов без колумните на Коља, немам дилеми дека секако не би бил!
Всушност кога ќе видам колку многу вибрации предизвикува со неговото активно набљудување во редовите на владеачката екипа, имам впечаток дека умее добро да опише што видел. И други потоа посматраат и ги приметуваат деталите што можеби им одминале.
Затоа изгледа „станува досаден, се повторува, не е смешен, не е оригинален...“
Ако јас би интерпретирал во што е важноста на едно такво активно набљудување, би рекол дека без критички став, без размена на идеи за стварноста и нашата перцепција за неа, впрочем без увид во ставовите на други автори, филозофи, искуства - одамна (и неосетно) би се претвориле во дел од колективизираната толпа. Би станале задоволни консументи на дневните соопштенија.
Што секако го редуцира човекот на ниво на толпа и го оневозможува во неговиот обид да ја осмисли својата егзистенција, да се издигне над баналното и посегне по вредното и возвишеното.

Pocituvan anonimen, zarem

Pocituvan anonimen, zarem dosegasnite tekstovi i javni stavovi na Gelevski ne se dovolni okolu bucnosta na umot?
So isklucuvanje na negovata dosegasna biografija, vasiot stav e cista malicioznost.

Со сета почит, но тоа е

Со сета почит, но тоа е парадоксална синтагма. За ангажираноста се зборува како за претпоставена врела крв а за набљудувањето како за ладнокрвна дистанцираност но никако не се кажува кој е предметот врз кого тој ангажиран делува. Врз зборот, врз симболиката, врз цврстата материјална стварност, врз политичкото милје, врз што ли? Пишувањето е омилената интелектуална ангажираност во Европа последниов век, до таа мера на крај го девалвираше значењето на поимот јавна фигура. Истовремено во таа иста Европа се појави друг поим, ангажирана уметност, која наместо со зборови, се ангажираше со естетски и симболични креации. Исход: самата таа стана сржта на општата пасивност, во смисол, ако тоа е ангажирана уметност, тогаш што останува.
И апсурдноста во сето тоа, во чие име е таа ангажираност, каде е таа толпа на чие чело треба да се застане (о да, интелектуалната ангажираност секогаш претпоставува духовно водство)? Или пророкот е тука, се чекаат само верниците...
 

ОкоБоли главаВицФото