9. „Нема ништо, нели?“

08.05.2009 16:09
130_a.jpg

Во септември 2007 го посетив некогашниот штаб на Штази-службата во Берлин. Огромната зграда, некогашна база на источногерманската тајна полиција, денес е претворена во музеј. Пред масивната капија, туристите, главно Американци, со весел глас ги лоцираа на мапата на Берлин останатите десетици згради на Штази-службата низ градот - сега сме на нултата точка, во самиот епицентар, во штабот - групата ведро се договараше да ги обиколи сите објекти за еден ден.

Жената која ни ги чекираше картите, обратно, беше нервозна. Побарав да купам книги, некаков материјал, филмови, што било, ме преупати до архивите на горните катови, таму има сè, сè е достапно, таа лично не знае англиски, не е ова туризам, „нема ништо“ - ми вели и ме турка пред себе, нека влезам зад пултот (влегувам повеќе од срам одошто од потреба), гледам ли јас нешто за продавање? Се повлекувам, се извинувам во последователни низи, нејасно размислувам дека не е лесно секој ден да продаваш карти за нечиј поранешен пекол, не е таа тука за да им ја вдахне смислата на некогашните комунистички приказни на посетителите, по ѓаволите, продава карти за плата, има семејство што мора да го храни, не е таа тука за да се носи со нашата потрага по смисла, јасно ли ми е сега?

Тешко се качувам по скалите. На секој кат триесетина канцеларии. Многу катови. Во секоја од канцелариите само една супстанција, поточно една боја – административно сиво. Една фотелја, една работна маса, еден или два телефони, некаде и три, и шкафче за документи. Понекаде и мапа на Источна Германија. И тоа е буквално сè. Секоја канцеларија е слична на претходната, секоја е иста со следната. Никаква супстанција нема во оваа зграда. Тука некој ја вршел својата проклета задача за својата скромна плата. Сè потешко се качувам на секој од погорните катови додека во мене педантно расте сè поургентната нужност да влезам баш во секоја канцеларија. Што ако следната ми даде некакво објаснување?

Кога излегов од музејот, врнеше. Не можев да се мрднам од место. Не од шокот што го видов, туку затоа што не видов ништо. Смртта лебди во воздухот, на секој од тие застарени телефони, им се пресудувало на десетици и на стотици контрареволуционери во низи. Но денес таму мириса на доместос и има црвени конопи зад секоја офуцана фотелја. Пред портата, на дождот, ми пријде еден Германец. „Нема ништо, нели?“ „Ништо“ – гледав в земја. „Чудно е тоа.“- продолжи - „Ги изгубив сите што ги имав заради оваа зграда. Откако ја претворија во музеј, доаѓам секој ден. Не можам да престанам да доаѓам. Нема ништо, нели? Баш затоа доаѓам. Морам секој ден да гледам баш во тоа ништото. Ме разбираш ли?“

Во хотелската соба ги потрошив сите шампони. Сè се чисти, секаква зазорна супстанција, ако некој ти поврати на новата кошула, ако се посереш над сопствената книга; тоа што не може да се измие е бирократската безинтересност, тоа сивило од мебел што останало зад нив. САМО ништото не може да се измие. На хотелскиот телевизор фатив Шрек 3. Барем тука чудовиштата имаат препознатливо лице - страшните изгледаат страшно, добрите изгледаат добро. И така заспав.


Македонската паланка и селективното читање на досиејата


А потоа се разбудив. Моите прашања се следниве: какво е нашето будење денес, каков поглед е сè уште можен врз искуствата од комунизмот? А потоа и ова: зошто уште едно навраќање кон мотивот комунизам денес, кога тој еднаш беше критикуван, и тоа успешно, веќе во времето на своето постоење? Од каде некрофилската желба вторпат да се пука во мртвиот идеолошки труп кога, за еден аналитичар, тврдам, не постои поздодевна тема од комунистичката, тие книги и таа замрзната епоха се читаат само со огромен напор.

Мојата причина е лична. Јас можев да се самоутешувам дека татко ми бил жртва на боговите, но тој романтизам е неодговорен. Сите луѓе се жртви на боговите, обратно, некои луѓе се дополнително жртви и на други луѓе, на системите што оперирале преку другите луѓе. Нас нè уверуваат дека работите не се лични, но тоа не е точно. Секоја работа има свое лично име. Името на идеологијата што стоела зад трагизмот на татко ми се вика комунизам. Дали ако пишуваш за комунизмот, тоа автоматски значи дека капитализмот ти е драг? До сите што во последниве две години ми упатуваа забелешки за темата на оваа книга: „Глупаво е да го напаѓаш комунизмот, гледај колку не чини капитализмот“, имам прашање: „Дали ако едниот систем испадне сив, другиот ќе биде помалце црн?“

Трите најголеми идеологии на 20 век: New deal капитализмот, фашизмот и комунизмот, оперирале со слични механизми. Овој оглед за комунизмот може само да им биде од полза на критичарите на капитализмот, тие два система се огледални, што има во едното се огледува преку оптичка искривеност во другото, и истото назад. Погледнете како кафетериите и рестораните со Титовите теми („Броз Кафе“, „Кај Маршалот“...), како и претприемачите што продаваат артефакти за носталгијата по социјализмот (постерите, преработките на југословенските хитови, филмовите, како и целокупниот имиџ), се претприемачки проекти, капиталистички крави за молзење кеш. Денес има смисла да се залагате за носталгија за социјализмот само ако сте капиталист. Што парадоксално прави дека ако пишувате против комунизмот, вие сте носталгичар! А има ли вистинска доза во приодот кон нашето минато? Носталгијата не го враќа назад замрзнатото социјалистичко време во историското, носталгијата го сместува споменот за социјализмот во „отсутното“ време на денешниот капиталистички свет. Капитализмот е цивилизација со укинато време, „првата светска цивилизација без свет“ како што вели Бадју, има инфраструктура, но наместо одложеното време (на социјализмот), го има укинатото време на капитализмот - тие две форми на идеолошко време се сродни.

Татко ми беше жртва на паланечката верзија на македонскиот комунизам. Дали тоа значи дека паланката треба да се разобличи со истите методи со кои и самата оперирала? Откако јавно прозборев за досието на татко ми во декември 2005, ми се јавуваа разни „доброволци“ за да го публикуваат неговото досие. Тоа набрзо ми стана одвратно. Затоа што значеше да и’ се понуди НОВА ХРАНА на бесконечната метонимиска глад на Македонецот за озборување: „Види како овој кодош бил стрвен, каков идиот бил, колку бил неписмен, комичен, итн... да ги извадиме нивните имиња, да ги полниме нашите весници со нив... да ги свртиме нивните паланечки оружја против нив самите нив...“ Проблемот со ова решение е дека истиот миг кога „под маса“ ќе му го поттуриш недекласираниот материјал на „твојот“ публицист, ти само ја храниш паланката која сакаш да ја напаѓаш, и потоа таа перпетуална низа нема крај; од неа само паланката има полза, сите луѓе остануваат темелно изгризени.

Две третини од моите сограѓани секое утро и секоја вечер ги голтаат овие публицистички натписи, секое во истиот тон, секое пострашно од другото. Весниците ги буцкаат, ги обработуваат и ги охрабруваат, заради нив луѓето стануват незадоволни и зли, а целта зад сето тоа е нова битка, нови жртви кои ќе бидат уште почудовишни од претходните. Политичкото во кое верувам е истовременото отворање на СИТЕ досиеја за СИТЕ, тогаш публицистите можат и треба да пишуваат. Во архивите во Берлин ја видов таа сеопшта транспарентност на досиејата, сите за сите, тоа е „политичкото“ наспроти „паланечкото“ во кое верувам. Ова е воедно и објаснување за начинот на кој е организирана оваа книга. За мене, единствениот достоинствен начин да зборувам за досието на татко ми е објаснувањето на машинеријата на комунизмот, неговата социјална логика, што тоа значело.

(Иако, овде има уште нешто. Во моето неможење да распознаам кој ми пришол со искрена помош околу досието а кој не, одеднаш сфатив дека сите подеднакво ги доживувам како закана што сака да ми ја одземе мојата болка. Како да нема да имам зад што да се скријам, еднаш, кога болката ќе ја поделам со другите.)

Илустрации: Комар е Меламид

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

ОкоБоли главаВицФото