Седумте смртни гревови

08.10.2010 12:16
sedumte-smrtni-3.jpg

Дали политичарот, како и трговецот, секоја ситуација треба да ја користи за да профитира?! Се разбира - не.

Постојат многу ситуации каде морално и културно е недозволиво ловењето политички и други профити („политички и економски“ - тоа често е едно та исто; „што и да зборува политичарот, зборува за пари“ вели старата мудрост на Марфи). Кај нас тоа здраворазумско гледиште, дека не секогаш газот треба да биде зинат (како адвокатска чанта по пари), или ретко кој го знае или ретко кој го применува.

Портокаловата изродба тоа патолошко разбирање на политиката како непрекинато профитирање и поентирање го доведе до перверзни нивоа. Башка непрекинатиот маркетинг, од првата секунда по освојувањето на власта; од елементарни непогоди и фудбалски натпревари, преку судството, граѓанските организации, културата, образованието итн., сè служи, целокупниот општествен живот постои - за владетелот да присобере уште неколку лешничиња во својата владетелска дупка, за да потрае уште малку.

Така и со лустрацијава. Не се битни жртвите изминативе децении, не е битна нивната рехабилитација, не се битни пораките кои всушност треба да бидат клучни, дека градиме ново и зрело општество втемелено во достоинството на поединецот и во гарантирањето на човековите права; дека праведната валоризација на минатото е гаранција за подобра сегашност; дека правдата можеби е бавна, но достижна итн. Не, сето тоа не е битно; битно е лопатарот број еден да извојува уште една триумфална политичка победа (меѓу стотиците досега; за само четири години успеа да го покори секое ќоше на темниов вилает) на начин што неговите лопати овојпат ќе се струполат врз Уставниот суд; за да го замесат малку, како да е глина за уште една античка скулптура; а ако не оди со фино - има лопатата и други функции.

Застрашувачки се примитивноста и незрелоста на Груевски и на неговите главно голобради јуришници, засилени со седокоси егзекутори. И не се смируваат. Сè да се контролира, партијата врз сè да стави шепа, сè да проголта. Ги памети ли некој главните смртни гревови? Како што нè подучи морничавото филмско ремек-дело „Седум“, ги има токму седум: прождрливост, гордост, мрзливост, алчност, гнев, похота и завист (според американскиот стандард: gluttony, pride, sloth, greed, anger, lust, envy). Овие четири години лудачко практикување власт ни покажаа дека носечки столбови на портокаловата изродба токму се најголемите смртни гревови: прождрливоста (сè да се проголта), гордоста (само партијата знае), алчноста (сите пари се на државата, а државата е партијата, а партијата е фамилијата), гневот (Македонија е уништена од политичките опоненти на портокаловите) и зависта (партијата е кутра, немоќна и сиромашна; комуњарите сеуште тајно владеат со земјата). Значи, од целата христијанска палета на најстрашните човечки гревови кај портокаловиве изостануваат само мрзливоста и можеби похотата. Сите други гревови се просто програмски, бликаат од секој преродбенички чекор!
Оваа патологија на практикувањето политика дури и би можела да се разбере да стануваше збор за некоја радикална револуционерна партија која длабоко го преиспитува целокупниот морал и сите граѓански вредности. Но, власта во Македонија се декларира како конзервативна! Како чувар на, во прв ред, христијанските, но и на другите традиционални вредности!

Неодамна читав фрагменти од затворскиот дневник на Артур Кеслер. Една епизода од таму ме потсетува на нашите состојби. После многу затворско малтретирање, благодарение на размена на заробеници, осудениот на смрт Кестлер конечно излегол од затворот. Преку Гвадалкивир кабаљеросите со кола го превезуваат до најблискиот аеродром. Низ спуштениот прозорец на автомобилот Кестлер ги гледа сликите на слободата: кафеанските тераси со убави жени и со луѓе кои лежерно читаат весници. Но, пред да дојде на британското тло, Кестлер добил лекција по национална гордост. Го превезувале со мал авион во некое погранично гратче блиску до Гибралтар. За време на летот пилотот на диктаторот Франко со прстот покажал долу и му објаснил на Кестлер дека тоа е „националната Шпанија“ во која сите се „среќни и слободни“. Алудирајќи на Англичаните пилотот заклучил дека таму сиромашните се борат против богатите, додека во „националната Шпанија“ е воведен нов систем: не се гледа кој е сиромашен а кој богат, туку постојат добри сиромаси и добри богаташи, а постојат и лоши сиромаси и лоши богаташи. Франкистите вака го замислувале националното единство. Како капак на неговите политички согледувања, пилотот му објаснил на Кестлер дека „во длабочината на душата“ секој Шпанец ја прифаќа националната програма на Франко.
Приближно така и портокаловите „преродбеници“ го замислуваат македонското единство. Ако партијата, т.е. водачот, укаже дека македонскиот идентитет е антички - тогаш тој е антички. Ако партијата ја фалсификува историјата - тогаш тоа е во полза на „македонското национално единство“. Партијата исто така знае кои нарачатели и кодоши се прифатливи, а кои не се. И така натаму. Да се прифатат наметнатите директиви на изродбата значи да се прифати логиката на оној слепец којшто мисли дека не го гледа светот околу себе зашто тој свет е малецок и незабележлив, а не зашто самиот е слеп. Затоа треба да се спротиставиме. Без разлика на тоа дали слепецот е нашиот водач или е само еден обичен слеп граѓанин.

„Глобус“, 05.10.10.

слики: Kati Heck

Опседнатоста на политичарите

Опседнатоста на политичарите со пари, може да се илустрира со прост пример. Дури и кога економијата се тркала по удолница, се користи референцата „негативна стапка на раст“. Важно си растеме. :)
Нормално, на нивните лични конта секогаш е позитивна. :)

 Изродбениве се всушност

 Изродбениве се всушност афирмација на сопствениот антипод и на нивниот омилен предмет на омраза - колективизмот, односно да ја употребам нивната вообичаена синтагма - комуњарството.
Загрижувачки е размерот до кој  дел од македонското општество (по последните анкети околу 20%) се вдоми во преродбеничките фаланги. Низата преродбенички глави набиени во шефовските им задници и се така до бр 1 неодоливо ме потсетува на слоновите од циркусот Медрано кои парадираат пред циркускиот шатор, фатени во низ сулрла за опаш!
Каков гротескен реликт од комунизмот!?
Во братскиот транс ни на сопствена мајка не би и простиле, само ако се дрзне да им ја расипе идилата. Целата таа квазипартиска булумента е една гигантска тендерска комисија, бескрајни плочници и тротоари, количества фрлени лопати достојни за советската филмска кино-журнал продукција,. Змија која си го јаде сопствениот опаш.
Овој социопатолошки феномен секако еден ден ќе биде извонреден case study за модерната социјална наука. 
Веројатно и материјал за некој иден македонски Марио Варгас Љоса.
 
 
 
 

  Со најновиот потег - или

 
Со најновиот потег - или намерно предизвиканото свртување на вниманието (наречете го како сакате) - владата се обидува да го претвори Скопје во вистински (ВИСТИНСКИ) забавен парк. Панорамското тркало што го најавија ќе биде црешата на врвот на тортата наречена Скопје (бидејќи после сите изградени згради и зданија, а и споменици) Скопје навистина ќе заличи на една навидум симпатична торта со дреч бои (кои обично содржат опасни вештачки бои и ароми и се штетни по здравјето). Ми се чини дека меѓу градските (повеќе би рекол селските или сељачките) и државните (или: недржавните) власти има натпревар во тоа кој ќе најави поголема глупост (или: непотребен објект, споменик итн.). На почетокот, ако ви текнува, им се смеевме кога најавуваа споменици на Александар и компанијата, ама сега гледаме дека не се заебавале, туку дека биле сериозни. Некои од нас доцна се освестија, некои се’ уште не се освестиле и најверојтно никогаш нема ни да се освестат. Некои, демек, беа освестени, па креваа врева, ама немаше кој да ги слушне. По којзнае кој пат, Македонија е заробена во својот маѓепсан круг, а ние продолжуваме да се потсмеваме. Најтажното од се’ е тоа дека нештата нема да се сменат во блиска иднина. Кога и да отидам во странство (а идам често), ме поразува напредокот. Нивниот, не нашиот.

Сакам да го пофалам

Сакам да го пофалам коментарот на Квазимен: брилијантно!
Штета што ретко се обрнува внимание на квалитетот на коментарите и тие главно се сметаат како неизбежен отпад на демократијата. Ради тоа, изгледа, низ интернетов и доминираат петокласните навивачки или, главно, плукачки коментари. Како коментарорите да се топовско месо на некои (полу)тајни офицерчиња. А жанрот, коментирањето, всушност е сјаен: современ, демократски, бара збиеност, луцидност, знаење, култивирани судови...
Голема радост е, повторувам, кога - ретко, додуше - ќе се налета на добар коментар. Сликата со циркускиот круг слонови фатени со сурлите-опаши е прецизна и незаборавна!
(може коментарот е добар и зашто е сместен меѓу други два исто така добри коментари?:) (Никола Пчински, впрочем, е еден од легендарните коментатори:)

ОкоБоли главаВицФото