11. Кремлинологијата како симптом

20.05.2009 11:24
703.jpg

Проучувањето на комунизмот се соочува со еден очигледен феномен – несигурноста во фактите што се проучуваат. Да споменеме еден очигледен пример. Кога Хрушчов го наследи Сталин, започна ерата на тивка „десталинизација“. Хрушчов зборуваше за „илјадници“ Сталинови жртви, а најлудите проценки се вртеа околу „скромните“ 2.3 милиони умрени и исчезнати од диктатурата на Сталин меѓу 1930 и 1953. Кога почна да се добива посистематски увид во неговото владеење, разни истражувачи, вклучувајќи го и писателот Солжењицин, зборуваа за нешто помеѓу 8 и 12 милиони убиени. По отворањето на архивите на советските влади, во 1989 година, се дојде до бројката од околу 20 милиони жртви која сè уште не е финална.[1]

Кога се појави книгата на Конквест со проценката од 20 милиони жртви на Сталин, некои ревизионисти рекоа дека станува збор за анти-комунистичка хистерија, слична на макартизмот во САД. Во американската двогодишна хајка над комунистите, убиени се двајцата Розенбергови, а екскомуницирани се повеќе Американци за про-комунистички идеи. На овие напади Конквест одговори дека аналогијата на советскиот комунизам со макартизмот би била умесна доколку за тие две години, Американците ги стрелале најголемиот дел од своите службеници, 3/4 од членовите на Конгресот, стотици писатели и илјадници воени лица.[2] И тоа само од редовите на политичката номенклатура, не и од редовите на политички „ирелевантната“ категорија: селаните, работниците, секој што изразил сомнеж, напишал песна, раскажал виц, украл јаболко - меѓу 1930 и 1940 во советските гулази, имено, само 20 отсто се политички затвореници, просечниот работник во советскиот Гулаг бил колхозарот кој украл јаболка и бил прогласен за контрареволуционер.[3]

Како и нацистите, и комунистите оставија ужасно многу хартија зад своите најбесрамни злосторства. Но очигледниот проблем настанува околу прашањето како да се дојде до тие хартии? И кога ќе се дојде, колку се тие веродостојни? Со исклучок на Источна Германија, останатите поранешни комунистички земји имаат различно решение за пристапноста до архивите, но не секогаш најдобро. Проблемите се особено акутни во Русија. Во 1989 година советските архиви се отворија за странските и за домашните истражувачи. Потоа претседателските архиви се повеќе беа прогласувани за недостапни додека целосно не ги затворија, а денешните ФСБ архиви се достапни само за семејствата на репресираните и за поранешните вработени.[4]

Науката што ги студира советските досиеја се вика кремлинологија и е именувана според седиштето на советската влада. Кремлинолозите ја изнесуваат генералната поплака која личи на таа на која се жалат и историчарите во Македонија - дека досиејата од комунизмот се непристапни, дека се фабрикувани, дека мора да се читаат „меѓу редови“, дека истражувањата во голема мера се базираат на озборувања (овој слушнал дека оној бил шпион, којшто пак е сигурен дека чул дека во камповите итн...).[5]

Дека треба да се внимава на која фотографија кој член од Коминерната бил подоцна фотошопиран; да се гледа кои портрети исчезнале од учебниците по која година (Троцки во Русија, Ѓилас во Југославија, Ченто во Македонија); да се гледа по ситните детали од фотографиите, кој седел до Сталиновиот стол во 1931, а кој во 1933, или кој бил повикан на советувањето кај Тито во Бриони во 1941, а кој во 1966, каде исчезнува Ѓилас по 1950, зошто Кардељ исчезнува од столчињата во 1960-тите, а повторно е вратен во 1973; кој стои до Маршалот на 25 Мај, или кој е на слетот на Црвениот плоштад, на слетовите во Кина и Северна Кореја, и слично. Во сето тоа се испушта очигледниот феномен дека точно таа архивска „невозможност“ е самиот СИМПТОМ, според Жижек, на механизмите преку кои оперирал социјалистичкиот режим како заситен универзум на знаците.

 

Аушвиц цигари
(За жртвениот биланс на комунизмот)


Постои уште една причина, настрана од личната, сè уште да се пишува за комунизмот. Тоа е универзалната етичка причина.

Комунизмот е најголемата жртвена идеологија на 20 век. Таа уби повеќе луѓе од која било друга идеологија во 20 век. Нацизмот уби околу 25 милиони луѓе, а комунизмот околу 100 милиони. Од тоа, во Кина 72 милиони, во Советскиот Сојуз повеќе од 20 милиони, во Камбоџа 2.3 милиони, во Северна Кореја 2 милиони, во Африка 1.7 милиони, во Виетнам 1 милион, во Источна Европа (Југославија, Албанија, Бугарија, Романија, Полска, Унгарија, Чехословачка, ДДР) околу 1 милион, во Латинска Америка 150.000.[6] Додека светот создаде механизми за комеморација на жртвите од нацизмот, комунизмот не повлече зад себе соодветен комеморативен однос кон жртвите.

Паралелните студии на нацизмот и комунизмот [7] даваат зачудувачки сличности, но и зачудувачки разлики.[8]

Еве некои од разликите. Во Русија, Белорусија и Украина денес, може да купите цигари од марката „Беломорканал“. Беломорканал е кампот во кој се убиени 200.000 затвореници на советските гулази. Замислете каква драма би настанала кога во Германија, денес, некој би пушел „Аушвиц“ цигари? (Во 1985 полскиот дисидент Јан Келус ги нарече Беломорканал цигарите - Аушвиц цигари). Или друга споредба. Во 2002 година руската пошта објави серија марки по повод „80-годишнината на Советската контраразузнавачка служба“ со ликовите на Артузов, Пузитски, Стирн, Балитски - едни од најозлогласените џелати на тајната полиција на Советската империја, кои организираа убивање на половина милион Козаци, илјадници Узбекистанци и кои го наредија изгладнувањето на 11 милиони Украинци. Замислите каква планетарна побуна би го следела истоветниот потег на германската влада да ја извади од заборав тајната полиција на Третиот Рајх и да направи комеморација на Рајнхард Хајдрих, Хајнрих Химлер или на Адолф Ајхман?[9]

Да се негира или да се игнорира искуството од Холокаустот денес е ирационално и без никаков кредибилитет. Победата над фашизмот е една од најважните етички и цивилизациски победи на 20 век. Но да се негираат жртвите на комунизмот со одмавнување на раката е општо место во некогашните комунистички земји, па и во Македонија. Русија на Медведев, денес, ниту го правда, ниту го суди рускиот комунизам. Градоначалникот на Москва предложи повторно подигање на статуата на Џерзински, првиот човек на Чеха, подоцна на КГБ.[10] Замислете што би се случило кога некој во Германија би предложил подигање на статуата на Химлер, првиот човек на Гестапо? Во Русија официјалниот однос кон жртвите на гулазите или нивните деца е државата да доделува „рехабилитација“ во вид на пензија од 3 долари месечно, „практично решение со кое се признава недолжноста на односната личност, но без признание за тоа кој е одговорен“.[11] Во Русија на Путин беше вратена советската химна, со која се вршени масовни злосторства и се стрелани милиони луѓе. Во 2003 година е направена анкета врз над илјада жители од Санкт Петерсбург од кои 45% сметаат дека Сталин има позитивна улога во руската историја. На прашањето дали би гласале за Сталин ако е меѓу претседателските кандидати, 26% одговориле позитивно.[12] За разлика од документираните материјали на жртвите во Германија, Камбоџа и Латинска Америка, главнината на советските искуства останува несистематизирана,[13] а пристапот до официјалните архиви во најголем дел од времето е забранет.[14] Во повеќето поранешни комунистички земји нема никакви позначајни обиди за соочување со минатото, ни внатрешни, ни надворешни процеси, комисии за помирување и сл. – никаква транзициска правдина.

Во септември 2007 бев во Киев, главниот град на Украина. Само во оваа земја, помеѓу 1932 и 1933, Сталин со свесна стратегија на изгладнување убил околу 11 милиони луѓе, во она што денес го знаеме како „големиот глад“. Истата година Советскиот Сојуз извезува 18 милиони квинтали жито во странство.[15] Секојдневно од улиците на Харков биле собирани по 250 човечки трупови, оние што преживеале јаделе мочуришни треви, корења и –други луѓе. Во тие две години се случи најголемиот канибализам во современата историја на светот.

За овој геноцид во Киев има само еден споменик подигнат во 1993 година, во централната црква во градот, споменикот не е поголем од мене. За 10-те милиони жртви од нацистичката окупација на Украина има илјадници антифашистички споменици низ целата земја, високи со десетици метри. На полиците од киевските книжарници, таму кадешто порано стоела марксистичката литература, денес се продаваат книги за евроинтеграции, 70 години се избришани од општата меморија на луѓето. Зошто? Нацистичкото зло е видливо во нашата цивилизација, комунистичкото не е. Од каде тоа чудно молчење за жртвените биланси на комунизмот? Одговорот лежи во политичката анестезија.

 

[1] Nensi Adler (2005): Preživeli iz Gulaga, S one strane sovjetskog sistema, Beogradski krug, Beograd, 44-47.
[2]Исто, 47.
[3]Од документарниот филм „La Faute e Lenine“ (2001).
[4] Rayfield, Donald (2005): Stalin and His Hangmen, Penguin Books, London, New York, xxiii.
[5]Žižek, Slavoj (2007) Stalinism, http://www.lacan.com/zizstalin.htm
[6] Според „Црната книга на комунизмот“, Париз, 1997.
[7] Постои еден Закон за нацистички аналогии, формулиран од Мајк Годвин во 1990 година. Тој се базира на еден постар закон против грешки во логиката, познат како reduction ad Hitlerum, воведен од Штраус во 1950 година, веројатно по Нирнберг, кога честопати била употребувана фразата дека Хитлер е како Икс, затоа Икс е лош. Или Хитлер е против Ипсилон, затоа Ипсилон е добар. Тоа е создавање вина/квалитет по асоцијација. Законот на Годвин се однесуваше на избегнувањето на преголемата употреба на споредби со Хитлер и со нацизмот кога се дискутира на интернет-форуми. Според Годвин: „Како што се натрупува дискусијата на интернет, така расте можноста да се случи споредба со нацизмот или со Хитлер.“ Тоа важи за случаите кога дискутирате за десетта тема, а вашиот соговорник, хумористично или не, ќе ви залепи етикета: „не биди фашист“. Но веќе Годвин предупреди дека постои и злоупотреба на злоупотребата на законот на Годвин. Тоа се однесува на случаите кога е легитимно да се повикате на споредбата со нацизмот затоа што дискутирате за историски геноцид, за таков случај, дури рапидно посериозен, треба да се зборува кога е во прашање комунизмот.
[8] Rayfield, Donald (2005): Stalin and His Hangmen, op. cit., xx.
[9] Исто, xxii.
[10]Исто, xxii.
[11]Nensi Adler (2005): Preživeli iz Gulaga, op. cit., 11.
[12]Исто, 22
[13]Исто, 33
[14]Исто, 33
[15]Податоци според документарниот филм „La Faute e Lenine“ (2001).

 

Илустрации: Мартин Мекмареј

 

Другите делови од фељтонот можете да ги видите на следниве линкови

10. Пет забелешки за природата на анализите што следат

9. „Нема ништо, нели?“

8. Потрага по „патолошкиот“ вишок смисла

7. Феноменологија на кодошот

6. Колку едно живо суштество може да издржи?

5. Тврдо крило

4. Садизам

3. Биографии на пријателите

2. Интимист (Досие 5622)

1. За емоциите што останаа во еден автобус

ОкоБоли главаВицФото