Архитектурата на социјализмот како визија за модерното еманципирано општество

23.11.2010 15:04
tanja-1.jpg

Интервју со Тања Деман

Во загрепската галерија Владимир Назор неодамна е отворена изложбата Deserted utopia (Напуштена утопија) на визуелната уметница Тања Деман и на белградската архитектка Весна Јовановиќ. Станува збор за проект кој ја промислува архитектурата на социјализмот низ деконтекстуализирана нова стварност, симулација – низа колажи, light-box-ови и заедничка книга, сето тоа е направено во обид да се создаде нова намена за ова културно наследство. Приказите на спомениците и на архитектурата на Источниот блок, настаните во периодот од 1953 до 1989 година, се јукстапозиционирани со идилични фотографии на туристи, модели од ревии, при што се создава опкружување кое го перципираме како дистопија. Делото се обидува да го објасни начинот на кој современо општество се занимава со своето архитектонско наследство, без разлика дали го негира или го брише од сеќавањето, нудејќи му нова намена.

Со младата сплитска уметница Тања Деман разговаравме за изложбата и за нејзините дела. Тања Деман, моментално на постдипломски студии по дигитална фотографија и видео во Ротердам, е авторка на низа site-specific проекти и светлосни инсталации кои ја истражуваат човечката перцепција; се занимава со исчитувањето на урбаниот простор и на архитектурата. Добитничка е на Ректоровата награда, наградата на Академијата за ликовни уметности и на наградата на публиката на T-HT, а нејзиното дело „No 222“ се наоѓа во збирката на Музејот на современа уметност во Загреб.

- Заедничката изложба „Deserted utopia“ остварена во коавторство со архитектката Весна Јовановиќ кореспондира со неодамна одржаната конференција „Недовршената модернизација“. Значи, станува збор за модернистичкото архитектонско наследство кое стана клучен и горлив проблем при постсоцијалистичката транзиција на општествата. Зошто токму модернизмот се наоѓа во средиштето на вашиот интерес? Кои се тие одлики што го прават толку вреден за ревалоризација и за проучување?

Во средиштето на нашиот интерес се наоѓа модернизмот на источна Европа, односно експерименталната архитектура на регионот остварена во времето на социјализмот. Во проектот ги вклучивме и народноослободителните споменици од поранешна Југославија, зашто многу од нив со својата големина и со дизајнот се наоѓаат на границата меѓу скулптурата и архитектурата.

Важно е да се спомене дека првенствено се занимаваме со репрезентативните објекти за јавна намена кои ги финансираше државата и кои служеа за создавањето на идентитетот на новото модернистичко социјалистичко општество.

Неретко станува збор за згради кои се изградени пред своето време, во надеж дека општеството ќе ги постигне идеалите и визиите кои беа имплементирани во него, т.е. она што требаше да претставува нов општествен напредок. Градбите што ги зедовме предвид припаѓаат на меѓународниот стил и многу од нив се физички артикулирани структури и автентични експерименти, кои имаат силно психолошко влијание врз околината во која се наоѓаат.

Архитектурата на источна Европа од времето на социјализмот денес претставува нелагодно наследство со кое постсоцијалистичкото општество се обидува да се носи, во некои случаи се обидува да го избрише, а некаде е на прагот да се обиде да го сфати и валоризира. Но, без разлика дали нашето општество денес го сака тоа наследство или не, тоа дефинитивно е нашето историско искуство. Пред да дозволиме да пропадне, се чини дека не би било лошо по нешто да се научи од тоа наследство и да се види каква културна корист можеме да добиеме од неговата повторна интерпретација. Во спротивно бришеме 40 години од својата историја и можноста за спознавање, што не изгледа како многу мудар потег.

- Колку сметате дека е важно освестувањето на јавноста за проблемот на модернистичката архитектура и кој би требало да ја преземе одговорноста за напуштените, често уништени споменици и архитектурата на социјализмот? (Да се сетиме само на споменикот на Бакиќ на Петрова гора.)

Мислам дека не е само важно освестувањето на јавноста за проблемите на таа модернистичка архитектура, туку поважно е јавноста да се освести за нејзините вредности. Искрено, зошто некој би се интересирал за нејзините проблеми ако не е свесен за нивната културна вредност?

Кога станува збор за одговорноста, таа треба да ја преземат сопствениците, што кај нас значи, ако не се лажам, државата и конзерваторите кои би требало поактивно да се погрижат за нив. Но, освестувањето и на државната апаратура и на општеството за нивните вредности би требало да го преземат луѓето од областа на културата и уметноста, зашто ова наследство припаѓа во оваа област. Тоа е првиот круг луѓе кои можат да ги пренесат вредностите на тоа наследство на идните генерации реферирајќи на него, повторно интерпретирајќи го и активирајќи го низ разни нови содржини.

- Твоите колажи и фотомонтажи ги покажуваат деконтекстуализираните социјалистички објекти, сместени во „храбриот нов свет“ на консумеризмот, утопијата на новото време. Колку проучувањето и документирањето на минатото и контекстот на регионот беше важно за создавањето на овој проект, во која насока течеше истражувањето?

Проучувањето на периодот од 1945 до 1990 година низ разни сфери ни беше клучно за овој проект. Искрено, тој дел можеби ни беше поважен од самото производство на објектите за изложбата. Имаше толку дупки во нашето знаење за овој период и речиси ништо од расположливата литература поврзана со споменатата архитектура. Истражувањето го почнавме со попишување и собирање на што е можно поголема документација за архитектонските објекти од овој периодот и регион. Во желбата да ги сфатиме идеите кои се наоѓаат зад самите згради, тргнавме во проучувањето на стилот на живот на овој период, на идеологиите, како и на политичките, културни и економски односи и размени меѓу земјите од источна Европа, како и на нивниот однос со остатокот од светот. Поголемиот број влијанија доаѓаа од споменатите региони, а во нив имаше многу малку размена и комуникација, слично на денешната ситуација. Всушност, се занимававме со земјите со слична историја, но кои никогаш не функционираа како целина.

На крајот се одлучивме за деконтекстуализирање на архитектонските објекти во просторот на утопијата, а местото на занесот и светлата иднина на еманципираното модерно социјалистичко општество како место кое толку силно се посакуваше.

- Во своите дела многу често ја проблематизирате архитектурата, и тоа особено идејата за градот. Често во нив е отелотворена идејата за „нелагодноста“ и по малку апокалиптичната атмосфера. Градот на модернизмот беше синоним за нелагодноста, а колку таа е присутна во современите мегалополиси кои денес се концентрација на капиталот?

Со модернистичкиот град се занимавам низ неговите идеи и визии, низ нашиот однос и емотивното доживување на тоа наследство, на кој начин тоа функционира и колку првичните идеи се во расчекор со изграденото урбано ткиво.

Јазот меѓу посакуваното и реализираното создава одредени тензии во просторот. Обидот за освестување и исчитување на тие тензии ми е особено интригантен.

Кога станува збор за нелагодноста на современиот мегалополис, со неа се занимавав во рамки на интерактивната звучно-ласерска инсталација Место за престој. И тука во фокусот ми беше френетичната атмосфера на денешниот урбан пејзаж, како и контролата и надзорот на тој простор. Од друга страна, нелагодноста со која се занимавам во рамки на модернистичкиот град, на пример серијата дела Fernweh, произлегува од тишината на големите отворени простори на природата и зградите кои се обидуваат да и’ се покорат, т.е. градот кој се измолкнува на мерката на човекот.

- Завршивте вајарство, меѓутоа поголемиот дел од вашите дела како медиум ја користи или фотографијата (фотоманипулацијата) или целосно неопипливата материја – светлината. Колку светлината е потешко да се обликува, да се „скроти“, за разлика од некои традиционални скулпторски материјали? Која е улогата на светлината во вашите дела?

Во последните пет години светлината и просторот играат важна улога во моите дела, при што светлината примарно ја користам за создавање атмосфера која за мене е многу важен дел од самото дело, но и за моделирање на изложбениот простор во чии рамки во презентирам делото. Всушност, таа е медиумот со кој можам лесно и мошне директно да комуницирам на емотивно ниво со публиката.

- Колку во своето дело го користите компјутерскиот софтвер и колку тој придонесува за конечниот резултат при создавањето генерички простори?

Компјутерскиот софтвер го користам како алатка која ми ја олеснува работата, т.е. ме доведува до целта, но не негувам некое посебно воодушевување од него и не чувствувам дека игра значајна улога во мојата естетика. Кога би ја користела аналогната фотографија, естетиката делумно би се променила, би добила на топлина и на мекост, што ми е привлечно во делата на другите уметници. Во последно време интензивно размислувам за занимавање со неа, но не знам дали таа ќе биде провлечена низ дигиталниот медиум. Сепак, тој однос е полн со потенцијал и ми се чини дека е интересен, креативен простор.

Извор: pogledaj.to

Ауу, со глисер кроз

Ауу, со глисер кроз Тјентиште! Феноменално, да не кажам авсоме!
Нашион крушевски Мадршип плаче за ваков третман али дјеби га, нема кој...
 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото