Политиката како усогласено дејствување

26.11.2010 16:23
politikata-kako-usoglaseno-dejstvuvanje-4.jpg

Борбата против груевизмот е борба за. Позитивна борба. Борба за вредности и за принципи. За слобода, демократија и мир. Борбата е против, нагласено против, зашто груевизмот е радикално негативен; ги загрозува токму слободата, демократијата и мирот. Ги загрозува крадејќи, лажејќи, манипулирајќи. Ги загрозува со злоупотреба на политиката и моќта. Ги загрозува слободата, мирот и демократијата експлицитно (со судски пресуди за слободно изречен збор, со ширење говор на омраза, со постојани заплашувања на оние што мислат поинаку од пропишаното); но ги загрозува темелните општествени вредности и имплицитно, зашто целиот систем тивко се урушува, се претвора во партиски, т.е. во олигархиски, фамилијарен.

Интересно е што груевизмот борбата за слобода, демократија и мир ја прогласува за субверзивна, за „рушење на легитимно избраната власт“, како што формулира еден високо позициониран член на фамилијата (со функција на кум). Мала група граѓански и европски ориентирани луѓе туку-така се прогласени за екстремисти. Од курташак. Од забава. Од бесната потреба, во целиов мрак, во целава изгубеност, да се испалат уште пар сигнални ракети, не за ориентација туку за лажна тревога, онака, како на албанска свадба, со по некој рафал, да биде повесело и позачинето. Само зашто „им се може“. Само зашто господарот забегал толку што оние кои останале нормални, застапувајќи некои цивилизациски вредности, сега станале екстремни, т.е. неприфатливи за власта. Ако некаква будала утре одново дојде на власт, дали тоа значи дека секој граѓанин треба да го прифати будалестиот светоглед?! Сите умерени луѓе, логично е, се екстремни во однос на нацистите. За Сталин либералите биле најекстремните луѓе на светот, зашто самиот бил речиси сосема луд. Во однос на него нормалните луѓе се екстрем, тоа е точно.

Во случајов, се чини, важно е, за груевистите, за вечно стегнатите „конобари на фашизмот“, енергијата на незадоволството да ја насочат кон измислен непријател. Не е важно што граѓанскиот сектор во Македонија е речиси небитен. Матрицата е постојана низ просторите и времињата: во земји во кои речиси нема Евреи - има антисемитизам. Груевистите практикуваат една од најстарите политички вештини: создади идеја за непријателот кој ја расипува среќата. Општеството ќе беше супер да ги немаше тие другите. Да ги немаше Грците, ЕУ, Америка, СДСМ, ГЕМ итн. На крајот на таа бескрајна верига на „нарушувачи на забавата“ меѓу себе ќе се дофатат самите кумови! Откако ќе ги расчистат сите други непријатели, членовите на Фамилијата меѓу себе ќе се фатат за вратови! (Делови од таа приказна гледаме и денес: до вчера во истата фамилија беа Љубчо, Љубе и Грујо, на пример.)

Политиката не треба да биде „систематско организирање на омразата“ (како што цинично ја дефинираше Хенри Адамс уште во 1775 година). Суштината на политиката треба да биде усогласеното дејствување. Појдовни точки на политиката се судирот и соработката. Темелна политиколошка претпоставка е дека постоењето на спротиставени мислења, различни желби, судрените потреби и интереси неминовно доведуваат до несогласувања меѓу луѓето. Од друга страна, луѓето разбираат дека мораат меѓусебно да соработуваат ако сакаат да влијаат на општествените правила или да обезбедат нивно почитување.
Усогласеното дејствување во груевизмот не постои. Не постои дури ни во траги свеста дека во современите општества не владее само владата. Всушност, не постои ни сенка на свеста дека со современите општества веќе не се „владее“ туку се управува. Во груевизмот се исмеваат сите обиди политиката да се контролира и ограничува со цел власта да не се злоупотребува.

Затоа се важни вредностите, принципите, борбата за. За да не победи сфаќањето на политиката како „систематско организирање на омразата“. Белки барем на цивилната сцена ќе биде дозволена идејата за политиката која инсистира на одговорност, а не на моќ?! Која им помага на луѓето да се менуваат, подобро да се снајдат во новите времиња. Политиката не значи само да им се оди во пресрет на еднаш засекогаш дадените желби и мислења на луѓето. Смислата на политиката, барем онака како што јас ја разбирам, е дебатата во која ги убедувате луѓето дека е потребно да се смени светот и да се промени мислењето. Политиката треба на луѓето да им ги отвора перспективите и да ја зборува вистината, а не да ги лаже, да ги манипулира и да игра на картата на глупоста и стравот.

Најпосле, суштински важно за демократијата е некој секогаш снажно да стои наспроти мнозинското мислење. Бурдие, на пример, вели дека ни изборите не се медиум на вистината. Го дава примерот на Франција во 1940 година. Дури и Жак Дукло, вториот човек на француската Комунистичка партија подоцна признал дека, ако во тој момент биле одржани слободни избори во Франција, ќе победел маршалот Петен (соработникот на нацистите), и тоа со 90% од гласовите. Кога Де Гол одбил да капитулира пред Германците, зборувајќи во името на вистинската Франција (а не само во името на „повеќето Французи“!) тоа било длабоко вистинито, дури и ако, „демократски“ зборувајќи, тоа било ем нелигитимно, ем во спротивност со мислењето на мнозинството од францускиот народ.

За жал, нашите локални конобари на моќта тешко ги разбираат подлабоките политички и историски поуки. Што, ќе се согласите, сепак е нивен проблем. Но, во онаа мера во која нивниот проблем (на ограничениот ум) ни создава сериозен општествен проблем, во таа мера, пак за жал, сакале или нејќеле, ми се чини, ќе мораме да се занимаваме и со нивниот проблем.

„Глобус“, 23.11.10.

слики: Хиеронимус Бош

ОкоБоли главаВицФото