Изворите на тоталитаризмот

29.11.2010 13:26
Изворите на тоталитаризмот

(фрагменти од поглавјето Тоталитарната пропаганда)

Германскиот народ се состои од една третина херои, една третина кукавици, а остатокот се предавници.
Хитлер, 1923 г., во говор

Кого народот да го критикува? Членовите на партијата? Не. Остатокот на германскиот народ? Треба да бидат среќни што се уште живи. Би било премногу оние што се живи само благодарение на нашата милост уште да можат и да критикуваат.
Гебелс, 1934 г.

Конрад Хајден (во книгата Der Fuehrer: Hitler's Rise to Power, 1944) ја нагласува Хитлеровата „феноменална неискреност“, „отсуството на докажливи факти во речиси сите негови изјави“, неговата „рамнодушност кон сè што не го смета за значајно“. Со речиси истите зборови Хрушчов ја опишува „Сталиновата нерешителност да се соочи со секојдневната стварност“ и неговата рамнодушност кон „вистинската состојба на нештата“. Сталиновата претстава за значајот на фактите најдобро ја илустрираат неговите периодични ревизии на руската историја.

Пропагандата не е вештина на наметнување ставови на масата. Тоа всушност е вештина на прифаќањето на ставовите на масата.
Конрад Хајден


Тоталитарната пропаганда ги усовршува техниките на масовната пропаганда; таа, значи, не ги измислила ни нејзините техники, ни нејзините теми. Тие теми тоталитарната пропаганда ги црпеше од педесетте години подем на империјализмот и од распаѓањето на националните држави, во текот на кои толпата стапува на политичката сцена на Европа. Како и претходните водачи на толпи, заговорниците на тоталитарните движења имаа непогрешив инстинкт за она што обичната партиска пропаганда или јавното мнение го отфрлаа или од што се држеа на дистанца. Сето скриено, сето премолчувано, одеднаш доби на значење без оглед на својата стварна вредност. Толпата навистина верувала дека вистината е сè она преку што угледното друштво лицемерно преминувало или го заташкувало со корупција.

Мистериозноста како таква стана главно мерило за изборот на темите. Потеклото на мистеријата не било важно; тоа можела да биде разумната, политички оправдана желба за тајност, како во случајот на британската Тајна служба или француското Второ биро; или тоа можела да биде конспиративноста на некои револуционерни групи, да речеме анархисти и други терористички секти, или самата структура на општествата чијашто изворна тајна одамна станала добро позната, па само уште ритуалот сè уште ја задржал некогашната мистерија, како во случајот на слободните ѕидари, или, пак, тоа можеле да бидат друштва околу кои од дамнини се плетеле празноверија и легенди, како во случајот на језуитите и Евреите.

Нацистите во изборот на ваквите теми за масовна пропаганда се просто ненадминати, но и болшевиците со време го изучиле занаетот, иако тие помалку се потпираат на традиционалните мистерии; помили им се сопствените измислици. Занимливо е да се забележи дека болшевиците за време на Сталиновата ера просто ги трупаа сплетките, при што откритието на нова сплетка не морало да значи дека старата веќе не важи. Заверата на троцкистите започнала околу 1930 година, заверата на 300 семејства била додадена во текот на Народниот фронт, британскиот империјализам станал актуелен за време на Сталиновиот и Хитлеровиот сојуз, „американската разузнавачка служба“ следела веднаш по крајот на војната; последната завера, еврејскиот космополитизам, мошне упадливо и алармантно потсетува на нацистичката пропаганда.

Ефикасноста на ваквите типови пропаганда укажува на една од главните одлики на модерните маси. Тие не веруваат во очигледното, во реалноста на сопственото искуство; тие не им веруваат на своите очи и на своите уши, туку само на својата фантазија, која е подготвена да тргне по што било што е универзално и однатре конзистентно. Масите не можат да се убедат од фактите, дури ни од измислените факти, туку единствено со помош на конзистентен систем којшто наводно е создаден од тие факти. Повторувањето, повремено преценувано поради раширеното убедување во глупоста и заборавноста на масите, е важно само зашто тоа на масите им го дава чувството за временски континуитет.

Она што масите одбиваат да го разберат е принципот на случајноста кој ја проникнува стварноста. Масите се подложни на сите идеологии зашто овие ги разбираат фактите како прости докази за законите, и ја елиминираат случајноста така што измислуваат некоја сеопфатна, неограничена сила која наводно е извор на сите поединечни настани. Тоталитарната пропаганда е успешна благодарение на ова бекство од реалноста кон фикцијата, од случајноста во конзистентноста.

Главниот недостаток на тоталитарната пропаганда е што таа не може да ја задоволи оваа потреба на масите за наполно конзистентен, разбирлив и предвидлив свет без притоа сериозно да се судри со здравиот разум. Ако, на пример, сите политички противници во Советскиот Сојуз своите „признанија“ ги артикулираат со истата фразелогија и ако ги признаваат истите мотиви, масите што посакуваат конзистентност ќе ја прифатат фикцијата како крунски доказ за вистинитоста на ваквите признанија - здравиот разум, меѓутоа, зборува дека токму таквата конзистентност не е нормална и дека докажува дека признанијава се измислици. Сликовито зборувајќи, се чини дека масите бараат постојано повторување на чудото на Септуагинта: според старата легенда, седумдесет преведувачи, независно еден од друг, создале седумдесет идентични верзии на Стариот завет на грчки. Здравиот разум приказнава може да ја прифати како легенда или чудо, но таа исто така може да се искористи и како доказ за апсолутната веродостојност на секој збор на преводот.

Иако, значи, е точно дека масите се опседнати од желбата да побегнат од стварноста затоа што, во својата суштинска искоренетост, веќе не можат да ги поднесат нејзините произволни, неразбирливи аспекти, точно е и тоа дека нивниот копнеж по конзистентна фикција има некоја врска со одредени способности на човечкиот ум, кој благодарение на својата структурна конзистентност е надмоќен над појавниот свет.

Бекството на масите од стварноста е пресуда против светот во кој тие се присилени да живеат, но во кој не можат да опстанат, бидејќи случајноста станала врховно начело, а луѓето имаат потреба хаотичните и случајните околности во коишто живеат постојано да ги претвораат во некоја релативно конзистентна, разбирлива слика.

Побуната на масите против „реализмот“, здравиот разум и наводната „здраворазумска устроеност на овој свет“ (Берк) е резултат на нивната атомизација, на загубата на општествената положба и на истовремената загуба на целата сфера на односи во заедницата, во рамките на која здравиот разум сè уште има некаква смисла. Во таква ситуација на духовна и општествена искоренетост, осознавањето на меѓусебната зависност на произволното и осмисленото, случајното и нужното, веќе не е можно.

Тоталитарната пропаганда може срамно да го повреди здравиот разум само ако здравиот разум ја изгуби својата вредност. Ако треба да избираат помеѓу соочувањето со анархичниот, потполно произволен распад од едната страна, и покорувањето кон крајно ригидната, лудачка конзистентност на идеологијата од друга страна, масите веројатно ќе се одлучат за ова второво и ќе бидат подготвени тоа да го платат дури и со смрт - и тоа не зашто се глупи или зли, туку затоа што во времето на сеопштото пропаѓање ова бекство им дава минимум самопочитување.

(...) Пред да дојдат на власт и сè да преуредат во склад со своите доктрини, тоталитарните движења создаваат лажен свет на конзистентноста кој повеќе одговара на потребите на човечкиот ум отколку на стварноста, свет кој искоренетите маси веќе со простото имагинирање можат да го прифатат како свој, свет во кој тие се поштедени од бесконечните удари со кои стварниот живот и секојдневното искуство ги изложуваат луѓето и нивните очекувања. И пред тие движења да станат доволно силни за да ги спуштат железните завеси со цел да спречат секого макар и со најмал детаљ од стварноста да ја вознемири морничавата тишина на еден сосема имагинарен свет, тоталитарната пропаганда е веќе доволно силна да ги изолира масите од стварноста. Единствените сигнали коишто неинтегрираните и дезинтегрираните маси (а нив секој удар на злата судбина ги прави полековерни) сè уште можат да ги примат од стварниот свет всушност се неговите шуплини, прашањата за коишто никој не сака јавно да расправа, или гласините на кои никој не смее да им застане на пат затоа што тие удираат, иако на претеран и деформиран начин, во некоја болна точка.

Токму од овие болни точки лагите на тоталитарната пропаганда го црпат минимумот на вистинитоста и реалното искуство којшто им е потребен за да го премостат јазот помеѓу стварноста и фикцијата.Само теророт може да се потпира на простата фикција, а дури и лагите на тоталитарните режими, поткрепени со теророт, сè уште не се сосема произволни, иако главно се посирови, многу побезочни и, во одредена смисла, многу пооригинални отколку лагите на движењата што им претходеле на тоталитарните режими. (Потребна е власта, а не пропагандата, за во оптек да се пушти ревидираната историја на Руската револуција во која на позицијата главнокомандувачки со Црвената армија веќе не се појавува човекот по име Троцки.) Лагите на движењата, од друга страна, се многу посуптилни. Тие можат да се применат врз секој аспект на општествениот и политичкиот живот кој е сокриен од очите на јавноста. Тие се најуспешни таму каде што претставниците на власта се опкружени со атмосфера на таинственост. Во очите на масата овие лаги тогаш добиваат привид на некоја „повисока стварност“, затоа што имаат допир со стварната состојба на нештата, која се прикрива.

Скандалите во високото друштво, корумпираноста на политичарите, сето она што е предмет на жолтиот печат, во рацете на пропагандата станува оружје многу поубиствено од сензационалноста на самите скандали.

извор: Hannah Arendt, The Origins of Totalitarianism

превод: П.В.

слики: Готфрид Хелвајн

ОкоБоли главаВицФото