Јунак на работничката класа

06.12.2010 13:28
Јунак на работничката класа

Ноќта меѓу осми и деветти декември радио-станиците низ светот до бесвест го повторуваа новиот сингл на Џон Ленон „Just Like Starting Over“, а на никој на нас, кои клечевме покрај радио-приемниците и кои едвај разбиравме по некој збор на англиски, не ни беше јасно зошто. Тогаш следното утро стигна веста која делуваше како прерана првоаприлска глупава шага: „Во Њујорк е убиен Џон Ленон“.

Првата вест за убиството, на вестите на CBS, ја објави познатиот Валтер Кронкит, човекот кој на Америка и’ ја обзнани смртта на Џон Ф. Кенеди.

Убиецот, кој не заслужува да му биде објавено името, само една минута претходно го зел албумот на кој му се потпишал Џон Ленон. Глупавата инспирација за својот идитски чин пореметениот злосторник ја правдаше со едно толку невино чисто дело како што е романот „Ловец во ’ржта“ на Селинџер, книга која во тие мигови ја носел во џеб. На тој начин заврши физичкиот живот на едно супериорно човечко суштество.

Ленон беше гениј со неуморен ум, виртуозна композиторска умешност, огромна духовитост, брилијантна иронија, маркантна физичка појава. Го красеа речиси непогрешливи етички процени, се одликуваше со инстинкт за правда, огнен идеализам и вродена храброст. Меѓу музичарите посебно се истакнуваше како целосно изградено политичко битие.

„Вие на евтините седишта тапкате со рацете, останатите можат само да ѕвечкаат со накитот.“ Кој не го памти овој брилијантен штос на Ленон на концертот пред Кралицата? Неколку години подоцна тој го прати возачот во кралската палата да го врати одликувањето, во знак на протестот против поддршката на В. Британија кон САД во витнамската војна.

Беше голем во Битлси, кога непрестајно ги влечеше кон нови уметнички но и филозофски предизвици. Ги натера засекогаш да им кажат збогум на клишеата – уште во 1966 г. престанаа да одржуваат концерти бидејќи на нив и онака ништо не можеше да се слушне поради врескањето на присутните. Почнаа да снимаат исклучително промислени албуми чии концепти, композиторска умешност и поетска вредност никогаш нема да бидат надминати. Станаа, како што самиот Ленон изјави и го предизвика бесот на христијанските фундаменталисти, „поголеми и од Исус“. Оваа изјава вроди со јавни спалувања на нивните плочи на американскиот југ. Освен од Исус, по распадот на групата, Ленон стана поголем и од Битлси, како осамен уметник-активист.

И денес го нарекуваат јунак на работничката класа, според неговата песна „Working Class Hero“, во која на автоироничен начин го опиша болното искуство со суровиот класен систем на Обединетото Кралство, кој го презирал од дното на душата.

Денешните рок ѕвезди се само застрашувачки празни серковци, манекени на либералниот капитализам. Брилијантните музичари, но застрашувачки општествено несвесните White Stripes, кога беа запрашани за војната во Ирак, изговараат неповрзани ментални склопови од типот на: „Уффф... хм.... па знаете... ова, ние не би сакале да се мешаме... знаете... хм... ние сме уметници, а не политичари...“ Дилан, Стоунси, Doors, The Who одамна и’ ги продадоа на рекламната индустрија најголемите музички скапоцености за рекламирање банкарски кредити, коли и машини за перење.

Но пред четириесетина години властите навистина се плашеле од ликовите како Ленон. Тој и официјално бил прогласен за опасен човек. Во Русија, цариниците со школски шестари ги уништувале грамофонските плочи на аеродромите – бидејќи Битлси биле неофицијално забранети. Тогаш досетливите млади Руси правеле копии од прокриумчарените албуми на единствениот расположлив примерок на пластика – рендгенските снимки. Во САД, каде што Ленон се преселил во 1970-те, Ричард Никсон трескавично барал начин да го депортира од земјата.

Еднаш кога бил поканет на телевизија, Ленон со себе го донел водачот на Црни пантери, Боби Сили. Телевизијата сакала да му приреди некоја малограѓанска свеченост во чест на неговиот лик и дело, а тој им одржал политички говор од кој сите замолкнале. На владетелите од Белата куќа не им било пријатно кога слушале стотици илјади демонстранти како ја пеат неговата песна „Дајте му шанса на мирот“ (Give Piece a Chance) пред нивниот влез. Па се барал начин тоа итно да престане.

И така, Ленон станал предмет на прислушкување и следење од страна на ФБИ, по наредба на Едгар Џ. Хувер. Никсон му се заканил да не се меша во политиката. Заедно со Јоко Оно, Ленон финансиски ги помагал феминистките, Индијанците, левичарите и другите субверзивни друштва. Јавно повикувал на отпор спрема регрутацијата и ја поддржал ИРА, а британските разузнавачи од МИ5 тврделе и дека им давал пари и на побунетите Ирци.

Во март 1972 г. Ленон и Оно примиле налог за депортација кој требало да се изврши во рок од 60 дена. Причина: парична казна поради поседување лесни дроги кон крајот на претходното десетлетие во Лондон. По падот на Никсон во 1973 г., нападот на државата ослабнал. Адвокатите го побиле обвинението и Ленон го добил спорот во 1975 г. Триесетина години подоцна, откриена е директната преписка меѓу Едгар Џ. Хувер и канцеларијата на Никсон за следење на противрежимските дејанија на Ленон.

Постои една теорија дека Битлси и Ролингстоунси се толку успешни, цврсти и неуморни бидејќи сите редум се деца на војната, односно, родени се за време на најстрашните нацистички бомбардирања. Всушност, целото растење на Ленон било емоционална бомба: татко му го напуштил, мајка му загинала кога имал 17 г. Колку и да било одбележано со општествен ангажман, неговото соло творештво го носело печатот на емоционалните трауми од детството и пубертетот.

Денес обожавателите на Битлси сè уште безутешно длабоко ја проживуваат смртта на Ленон. 30 години подоцна, професионалните чувари на спомените го сместуваат во алејата на познатите, а Ватикан официјално му прости за несреќната констатација дека христијанството се наоѓа во својот залез. Но се чини дека на Ленон баш му е гајле за сето тоа. Бидејќи таму горе Џон Ленон од Ливерпул и денес си ја пее „Strawberry Fields Forever“, а она ѓубре кое мислеше дека го убило овој бесмртен човек, па уште и се осмелува да побара помилување, заслужи да не му се спомене името.

Десетте најангажирани песни на Ленон од неговата соло кариера:

Woman Is The Nigger Of The World – посветено на жените кои го одгледале и на феминистичкото движење;

Sunday Bloody Sunday – за масакрот на Ирците во Дери, 1972 г;

Attica State – за побуната во затворот Атика со 40 загинати;

Angela – за Анџела Дејвис, членка на Црните пантери и Комунистичката партија на САД;

John Sinclair – менаџерот на MC5, активист на Белите пантери, казнет со десет години затвор поради два џоинти марихуана;

Imagine антирелигиозна, неконвенционална, антикаиталистичка, прифатена само зашто ја спакував во шеќер (Ленон);

Scumbag - посветена на Ричард Никсон;

Happy Xmas (War Is Over), Power To The People, Give Peace A Chance – химни на антивоеното движење.

Извор: novossti.com

ОкоБоли главаВицФото