Не толку злобни истекувања

07.12.2010 13:11
Не толку злобни истекувања

Аферата WikiLeaks има двократна вредност. Од една страна, излезе како застарен скандал, скандал кој се чини дека е скандал само затоа што ги прикажува кулисите на дволичноста која постои меѓу државата, граѓаните и печатот. Од друга страна, ја најавува значајната промена во меѓународната комуникација – и однапред ни ја претставува сликата за регресивната иднина на „незабележливиот“ напредок.

Но да ја погледнеме чекор по чекор. Како прво, Викиликс го потврди фактот дека секој документ склопен од страна на тајната служба (на која било нација) е составен од исечоци од печатот. „Несекојдневните“ американски откритија за сексуалните навики на Берлускони речиси се совпаѓаат со она што месеци претходно можеше да се прочита во секој весник (освен оние во сопственост на самиот Берлускони), и злокобната карикатура на Гадафи долго пред тоа беше предмет на кабаретските фарси.

Правилото кое вели дека тајните досиеја мораат да содржат само вести кои веќе се претходно познати е суштинско за динамиката на тајните служби, и тоа не само во овој век. Појдете во некоја езотерична книжарница и ќе најдете дека секоја книга на полиците (за Светиот грал, за „мистеријата“ на Rennes-le-Château [лажна теорија создадена да привлече туристи во ова француско гратче], за Темпларите или Розенкројцерите) е детално прераскажување на она што е веќе напишано во постарите книги. И тоа не е само поради тоа што окултните автори имаат одбивност кон спроведување оригинални истражувања (или не знаат каде да бараат вести за не-постоечкото), туку затоа што окултистите само веруваат во она што веќе го знаат и што го потврдува она што веќе го слушнале. И така стигнавме до успешната формула на Ден Браун.

Истото важи и за тајните документи. Информаторот е мрзлив. Таков е и раководителот на тајната служба: тој го признава за вистинито само она што го препознава. Врвната тајна за Берлускони која американската амбасада во Рим ја испрати во Стејт департментот беше истата приказна која излезе во весникот Newsweek една недела претходно.

Па тогаш, зошто толкава загриженост во врска со истекувањата? Како прво, тие го кажуваат она што секој прониклив набљудувач веќе го знае: дека амбасадите, барем од крајот на Втората светска војна, или откако шефовите на државите можат да си телефонираат еден на друг или да летаат со авион за да се сретнат за вечера, ја изгубиле својата дипломатска функција и, освен повремените церемонијални функции, се преобразиле во центри за шпионирање. Секој што гледал истражувачки документарци добро го знае тоа, и само поради дволичност ние глумиме незнаење. Сепак, повторувањето во јавноста претставува повреда на должноста на дволичноста и ја прикажува американската дипломатија во лошо светло.

Како второ, сознанието дека секој искусен хакер може да копа во најтајните тајни на најмоќната земја во светот му нанесе голем удар на угледот на Стејт департментот. Па така, овој скандал повеќе ги повреди „извршителите“ отколку „жртвите“.

Но, ајде да се свртиме кон подлабокото значење на она што се случи. Порано, уште во времето на Орвел, секоја власт можеше да биде сфатена како „Големиот брат кој го гледа секое движење своите поданици“. Пророштвото на Орвел целосно се оствари откако властите ја добија можноста да го прислушуваат секој телефонски повик на нивните граѓани, да го испитаат секој хотел во кој тие престојувале, да го проверат секој пат по кој возеле итн. Граѓанинот стана жртвата на воајерското око на државата. Но кога се случува, како што се случува сега, дури и шифрираните државни тајни да не се вон дофатот на хакерите, набљудувањето престанува да биде еднострано и станува обострано. Државата го вперила своето око во секој граѓанин, но секој граѓанин, или барем секој хакер – самоназначениот одмаздник на граѓаните – може да ѕирне во секоја тајна на државата.

Како една власт може да издржи ако повеќе не е во состојба да ги зачува сопствените тајни? Вистина е, како што еднаш забележа Георг Симел, дека вистинската тајна е празната тајна (која никогаш не може да биде ископана, т.е. откриена); исто така, вистина е тоа дека сето она што е познато за личностите на Берлускони или Меркел во суштина претставува празна тајна, тајна без тајна, бидејќи спаѓа во областа на јавното. Но да се открие, како што стори Викиликс, дека тајните на Хилари Клинтон се празни тајни, претставува одземање на сета нејзина моќ. Викиликс не им нанесоа никаква штета на Саркози или Меркел, но им нанесоа непоправлива штета на Клинтон и Обама.

Кои ќе бидат последиците на оваа рана која и’ е нанесена на една многу моќна сила? Очигледно е дека во иднина државите повеќе нема да можат да стават некоја строго доверлива информација на интернет – тоа ќе биде исто како да ја објават преку плакат на некој уличен агол. Но подеднакво јасен е фактот дека, со оглед на денешните технологии, залудна е надежта дека може да се имаат доверливи договарања преку телефон. Ништо не е полесно од откривањето дали претседателот на државата заминал или се вратил, или контактирал некој од своите колеги. Па, како во иднина да се спроведуваат нужните работи? Сега знам дека сега-засега, моите предвидувања сè уште претставуваат научна фантастика и поради тоа се и фантастични, но не можам да не си ги замислувам државните разузнавачи како дискретно се возат во кочии по споредни патишта, пренесувајќи само запаметени пораки или, во најлош случај, таен документ скриен во потпетицата на чевелот. Затоа ќе се чува само по една копија – во заклучени фиоки. На крајот на краиштата, обидот за упад Вотергејт беше помалку успешен од оној на Викиликс.

Еднаш ја имав можноста да набљудувам како технологијата напредува како краба, односно, наназад. Еден век откако безжичниот телеграф внесе пресврт во комуникациите, интернетот се постави како телеграф кој работи на (телефонски) жици. (Аналогните) видео касети им овозможија на филмските љубители да го прегледуваат филмот сцена по сцена, преку премотување нанапред или наназад за да ги пронајдат сите тајни на процесот на монтажата, но (дигиталните) компакт дискови сега ни дозволуваат само квантни скокови од едно поглавје на друго. Возовите кои развиваат огромни брзини нè носат од Рим до Милано за три часа, додека летањето со авион меѓу овие два града, вклучувајќи го превозот до и од аеродромот, одзема три и пол часа. Па затоа не би било чудно ако политиката и комуникациските технологии им се вратат на кочиите влечени од коњи.

Една последна забелешка: во минатото, печатот се обидуваше да дознае какви тајни се кријат во амбасадите. Денес, амбасадите се тие што го прашуваат печатот за она што се случува во нив самите.

Извор: Libération

ОкоБоли главаВицФото