Кина има своја награда за мир

09.12.2010 11:19
Кина има своја награда за мир

Само еден ден пред да биде доделена Нобеловата награда за мир во Осло на кинескиот дисидент Ли Сјаобо, Кина ќе додели сопствена „Конфучиева награда за мир“.

Наречена по славниот кинески филозоф, новата награда е создадена „за да ги протолкува гледиштата на мирот кои ги има кинескиот народ“.

Познат е и првиот лауреат – поранешниот тајвански потпретседател Лиен Чан, бидејќи „изградил мост на мирот меѓу татковината и Тајван“, а наградата ќе му биде доделена во Пекинг.

Меѓу номинираните беа и два претходни добитника на Нобеловата награда за мир, Нелсон Мандела и палестинскиот водач Махмуд Абас, како и Бил Гејтс, кинескиот поет Чиао Дамо, поранешниот претседател на САД, Џими Картер, како и 20-годишниот Панчен Лама, втората најважна фигура во тибетскиот будизам, кој за духовен водач на Тибеќанците е одбран од страна на Пекинг како контраст на Далај Лама, духовниот водач на Тибеќанците кој е признат на Запад.

Претседавајќи со комитетот за доделување на Конфучиевата награда, Тан Чангли изјави дека ова тело не е државно, но призна дека тоа тесно соработува со кинеското министерство за култура.

Лауреатот ќе добие 100 000 јуани, односно 15 000 долари, а Тан изрази надеж дека луѓето ќе стекнат уверување дека наградата – која нема меѓународно признание – ќе има глобално значење.

Во соопштението на комитетот на кинеската награда за мир се вели дека воведувањето на наградата „претставува еден вид мировен одговор на овогодинешната Нобелова награда за мир“.

Овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за мир, дисидентот Ли Сјаобо, се наоѓа во кинески затвор, каде што отслужува 11-годишна казна поради повикот политички да се реформира неговата комунистичка татковина. Пекинг е гневен поради одлуката на Нобеловиот комитет, и не му дозволува на Ли, ниту на членовите на неговото семејство да присуствуваат на церемонијата во Осло.

Исто така, Пекинг водеше и кампања во која ги убедуваше другите земји да не испраќаат свои претставници на доделувањето кое ќе биде во петок (9. 12. 2010).

Извор: e-novine