Автограм за убиецот

10.12.2010 12:21
Lenon-1.jpg

Пред триесет години, на 8 декември 1980 година, во Њујорк е убиен Џон Ленон, основачот на легендарните Битлси. Атентатот се случи пред зградата Дакота во која низа години живееше славниот музичар. Убиен е по излегувањето од автомобилот со кој тукушто се врати од студиото, неколку чекори откако влезе во холот на зградата. Убиецот кој претходно тука се врткал со часови, истрела 5 куршуми. Пред вџашената Јоко Оно и вратарот на Дакота, кои беа најблиски сведоци на овој настан.

Атентаторот Марк Чепмен не се обиде да бега од местото на настанот, туку мирно ја почека полицијата. Кај себе освен револверот имаше и примерок од романот на Селинџер „Ловец во ’ржта“. Во еден миг на прашањето на вратарот „Знаеш ли што направи“ – механички одговори – „Знам. Тукушто го убив Џон Ленон“. Така, накусо, изгледаа последните мигови во животот на водачот на Битлсите, кој кусо потоа умре на патот кон болницата. Точно два месеци порано наполни четириесет години.

Кога во кобниот ден во попладневните часови тргна кон студиото, пред Дакота го чекаше мала група фанови за да го види својот херој. Од неа се издвои Чепмен, му пријде на Ленон и го замоли за автограм. Во рацете го држеше тукушто објавениот албум Double fantasy кој го пружи за потпишување. „Дали тоа е сè што сакаш?“, го праша Ленон, како што сведочат изјавите на присутните. Чемпен не одговори ништо, но еден од присутните фанови со својот фотоапарат го овековечи мигот во кој Џон Ленон дава автограм на човекот кој на тоа исто место, само неколку чекори понатаму, ќе го убие. Тоа е последната фотографија на Џон Ленон жив.

Фотографијата настаната сосема случајно истата вечер ќе биде продадена на една од њујоршките новински редакции.

Дакота и влезот во самата зграда одамна влегоа во туристичката понуда на градот Њујорк.

Примерокот на албумот што Ленон го потпиша на својот убиец овие денови ќе се најде на аукциска продажба за 530.000 долари.

Од другата страна на Дакота, во Централ парк, се наоѓа „Strawwbery fields“, меморијален дел кој секоја година го посетуваат голем број луѓе. Бројот на спомениците и музеите посветени на Битлси постојано расте. Неодамна неговиот лик заврши на комеморативна паричка на Британската кралска ковачница за пари. Така Ленон ќе се најде во друштво со Шекспир, Дарвин, Черчил и други славни Британци. Пред шест месеци стиховите на песната A day in the life, која ја напиша Ленон се продадоа за повеќе од милион долари. Сè да не остане само на тоа се погрижи и анонимниот купувач на тоалетната школа која припаѓаше на славниот Битлс, и која исто така оваа година е продадена на аукција. Ваквите бизарности и не зачудуваат толку многу, ако се има предвид дека Ленон со својата група ширум светот продаде повеќе од милијарда плочи. Станува збор за огромен број обожаватели, подготвени да направат сешто, под услов да имаат пари.

За самиот атентат и за евентуалната негова позадина, особено во Америка, се пишуваат најразлични теории, а меѓу нив секако дека се најбројни оние кои припаѓаат на т.н. теорија на заговор. Некои истрајуваат сите овие децении, се објавуваат книги и текстови, тие наводно се производ на истражувачкото новинарство и што ли уште не, се водат како „сигурни“, па до оние најоткачените кои веројатно ги смислуваат натажените фанови ширум светот, а од кои не би се посрамиле ни бардовите на жолтото новинарство. Значи, во првите спаѓаат оние чија идеја водителка е дека во некои од тајните државни служби на идниот атентатор прво му бил „испран“ мозокот, а самиот тој потоа бил „програмиран“ за убиство на избраната жртва (секако, најчесто се споменува ЦИА), до будалесто таблоидните тврдење за вториот стрелец, или за тоа дека Пол Макартни е нарачател на убиството, а во истиот контекст се споменува и Јоко Оно.

Основа за сомнеж во официјалната верзија за „осамениот лудак“ кој пукаше „зашто тоа му го кажал внатрешниот глас“, меѓу другото се наоѓа и во сличноста со некои други „славни“ атентати, кои не беа до крај расветлени иако се случија пред очите на нацијата – пред сè убиството на браќата Кенеди и на Мартин Лутер Кинг, на пример, како и во фактот што ФБИ навистина го држеше на око Ленон, заради неговото антиджравно дејствување и влијание врз милиони млади.

И тоа на многумина им е доволен доказ дека официјалната верзија никако не може да биде целосна вистина.

А поводот за наводното државно убиство на големиот музичар, според заговорниците на оваа теорија, лежи во фактот што тој се „закачи“ со естаблишментот, особено со американскиот во времето на Никсон и Кисинџер, ги финансираше сите внатрешни непријатели на Америка, од водачите на левицата Хофман и Рубин до најважната организација на американските црнци – Црните пантери. Значи, убиен е од превентивни причини. Пречеше, па е спречен евентуално да не предизвика некои нови проблеми, на тоа се сведуваат убедувањата на оние кои сметаат дека атентатот е последица на завера, а не осаменички чин.

Навистина, меѓу администрацијата на Никсон и најексцентричниот Битлс се водеше мала војна, која заврши во 1972 година, кога Никсон беше реизбран, а ФБИ значително го намали интересот за овој проблематичен музичар.

Смешно е и да се помисли дека една таква империја би можел да ја загрози каков било уметник или поединец. Тоа само зборува колку поединци од власта беа на игли. Ни самиот Ленон немаше илузии дека неговата борба е вовед во некаква револуција, сметаше дека таквите ставови и сето она што на тој план го правеше се само зачеток за поинакво размислување кај луѓето, кое еден ден неизоставно ќе се случи.

Борбата за објавувањето на документите на ФБИ кои се однесуваат на Ленон траеше долго за во 1997 да ги објави администрацијата на Клинтон, но без клучните страници од кои не е тргната ознаката државна тајна. Тие ќе бидат достапни за триесет години.

Извор: e-novine