Фејсбук национализам

29.05.2009 11:17

Новите комуникациски технологии несомнено го менуваат светот со голема брзина. Денес на многумина животот би им бил незамислив без широкопојасен интернет и фејсбук, твитер, да не споменувам чет-клиенти или една најобична адреса за е-пошта. Тоа е една преопшта тема која е позната и нашироко елаборирана.

Начинот на кој технологијата ги менува комуникациските полиња во основа е редефинирање на нивните граници (или дури и нивно бришење). Комуникацијата денес е детериторијализирана, во смисла на тоа што физичкиот простор не е битен (па дури да се во прашање различни континенти). Дополнително, таа е децентрализирана, заради плуралноста на медиумите и начините на комуницирање. И како трето, комуникацијата, особено таа што се одвива преку интернет, е детемпорализирана зашто од една страна се случува во реално време, а од друга, речиси сè што е искажано останува виртуелно запишано.

Таквата слика во голема мера кореспондира со утописките визии за “21” век. Ефектите од овие процеси, пак, се чувствуваат многу непосредно: информациите циркулираат со неверојатна брзина, квалитетот на комуникацијата се подобрува (барем од технолошки аспект), луѓето се вмрежуваат. Се разбира, се исполнуваат и дистописките стравови: се случува инвазија врз приватноста, отуѓување, тотален пресврт на животните навики итн.

На дискурзивно ниво, промената која технологијата ја донесува, поедноставено може да ја наречеме интензитет. Многу од работите почнуваат да се случуваат фреквентно (роднината од странство кој порано пишувал едно писмо на две недели секој втор ден пишува мејл), на многу поефективен начин (истиот тој роднина може да се јави и на веб камера) и со многу подалекусежни ефекти (ако на твитер напише дека кивнал, тетка му на друг континент ќе се потресе – пеперутка ефект). Истото тоа се случува на макро ниво – протестите кои во реалноста се случуваат не баш често, во форма на фејсбук група или кауза се случуваат секоја минута; за 10 минути, побрзо од било каков друг начин на регрутација, веќе 100 луѓе земаат учество; за 15 минути, побрзо од што било каква разузнавачка служба може да постигне, веста за тој протест допира до министерот лично. Се разбира, зачестеноста, непосредноста и достапноста на сите овие процеси автоматски ја намалува нивната вредност (ефект сличен на инфлација). Јавувањето на роднината не е ништо посебно, а протестите на фејсбук се повеќе замор отколку што имаат ефект. Нивната вредност е намалена до толку што стануваат банални.

Баналноста сепак не значи бенигност. Напротив, баналните случувања често пати водат кон небанални катастрофални исходи. Особено кога станува збор за дискурси на колективи и заедници. Мајкл Билиг, формулирајќи еден сосем нов концепт на таканаречен банален национализам, фокусирајќи се на нетипичните случаи на САД и Британија, ќе заклучи дека баналноста која е карактеристична за општествената комуникација преку симболи е всушост катализатор на процесот на националистичка мобилизација (која во случајот на САД и Британија значи волонтирање во војна). За Билиг банализирани сегменти на национализмот се веењето знамиња, постоењето банкноти со национални мотиви, користењето одредени мапи за временска прогноза и така натаму. Поедноставено кажано, Билиг се труди да покаже дека некои банални сегменти од нашето постоење всушност се агенси на национализмот. Нивното постоење е неприметливо, банално, лишено од секакво посебно значење или вредност.

Еден од начините на кои вредноста на сите тие банални симболи им се враќа и на тој начин ја зголемува нивната мобилизациска улога, е преку новите комуникациски технологии. Ако флоскулата “Македонија е вечна” или слично во секојдневието е горе-долу банализирана, кога на фејсбук таа е сведена на содржина со иста стартна позиција како, на пример, јавувањето на роднината од странство, тогаш нејзината релативна вредност всушност се зголемува. Деновиве на мојата насловна страница на фејсбук осамнаа неколку содржини за тоа како моите пријатели го гласале македонскиот јазик за најубав од сите екс-ју јазици или како ја одбираат Македонија пред Грција; тие содржини беа на исто ниво и исти на број, како и оние за нешто, условно кажано, “паметно”. (Се разбира, ова зависи и од мојот избор на пријатели, но јас тргам од премисата дека баналниот национализам се случува секому, некогаш и не по негов избор.)

Нацијата со помош на технологиите се детериторијализира и ја трансцендира секоја теорија која ја третира како инхерентно врзана за територија (пример, Гелнер). Ако веењето на државното знаме на Република Македонија на телевизија е типичен банален национализам кој за гледачите нема никакво или минорно значење, преку емитувањето на сателит, на пример, тоа добива на вредност кај гледачите Македонци во дијаспората. Тие не мора да се на тлото на Македонија за да се почувствуваат исполнети. Земете ги, на пример, коментарите на интернет изданијата на медиумите – значаен дел се од автори кои се потпишани дека живеат во странство. Ним не им треба да се во Македонија да бистрат политика и да се чувствуваат како подеднаков дел од нацијата (како и авторот на овие редови, впрочем).

Нацијата, исто така, се децентрализира зашто веќе националната елита или државата немаат монопол над интеракцијата со сентиментите – националистите можат и самите да се организираат и да дејствуваат во реалноста (пример, протестот за зачувување на името и идентитетот, март 2008, организиран на еден форум). Тоа задира во фундаментот на теоријата дека нацијата е “замислена заедница” чии членови тешко дека во текот на животот ќе се запознаат или осознаат едни со други. Преку најразличните форми на виртуелни заедници (форуми, блог-заедници, социјален софтвер и сл.), националистите имаат можност, ако не да се запознаат, барем да го осознаат постоењето на другите припадници на “замислената заедница”. Како што се брише границата на реалното со виртуелното, така и “замисленоста” на нацијата полека се релативизира.

На крајот, процесот на “национализирање” во смисла на ширење на митовите и самата мобилизација се детемпорализирани – се случуваат во реално време, и остануваат засекогаш запишани. Тоа задира во целиот модернистички постулат за “креирањето на нацијата одозгора”. Ако постои можност обичните граѓани да комуницираат меѓу себе во реално време, и тоа да остане запишано како една, условно кажано, “историја на нацијата”, тогаш преовладува перспективата дека нацијата е создадена “од долу”, па дури и дека “запишаното” е всушност запис од трансформирањето на примордијалната заедница во национална.

* * *

Поентата е дека новите технологии (можеби сепак зависно за каква средина станува збор) ниту помагаат во надминување на културните бериери, ниту се индифирентни кон националното прашање, сувопарно реплицирајќи го од реалноста во виртуелноста. Напротив, технолошкиот напредок овозможува пропаганда, “да му покажеме на светот кои сме”, “да ја покажеме вистината”, и од друга страна вистински придонесува национализмот да стане појак и пофлексибилен и поавтономен, зашто ја намалува неговата зависност од факторите како што се територија и комуникациски јадра. Повторно ќе речам, во зависност од контекстот, променлив е степенот до каде што технолошкиот прогрес и процветувањето на национализмот коинцидираат.

Наместо заклучок: Скоро ја чув мислата: “да им дадеш на националисти интернет е како да им дадеш на пралуѓето огнено оружје”. Имајќи предвид дека вториот најкоментиран клип во историјата на ЈуТјуб е насловен “Македонија е Грција”, а во самите коментари се развива една сочна дискусија проткаена со секакви видови говор на омраза, мислам дека споредбата и тоа како држи вода.


Илустрации: Carrie Ann Baade

Судир меѓу култури

„Поентата е дека новите технологии (можеби сепак зависно за каква средина станува збор) ниту помагаат во надминување на културните бериери, ниту се индифирентни кон националното прашање, сувопарно реплицирајќи го од реалноста во виртуелноста.Напротив, технолошкиот напредок овозможува пропаганда, “да му покажеме на светот кои сме”, “да ја покажеме вистината”...“
 
А судир меѓу културите, општествата, наместо верување дека постои само една култура во едно општество? Информации и идеи од другата страна наместо верување во едното и единственото? 
 
Нека е и пропаганда и лажна информација, меѓутоа е поинаква од верувањето и информацијата од твојата култура и општество.
 
Апсурдите на национализмот неможеш да ги согледаш од огледало, туку од другите што замалку ќе си го напишел,
 
„Преку најразличните форми на виртуелни заедници (форуми, блог-заедници, социјален софтвер и сл.), националистите имаат можност, ако не да се запознаат, барем да го осознаат постоењето на другите припадници на “замислената заедница”.

...but u refuse to believe бидејќи со тоа твоето сваќање т.е теза не може да функционира.

никаде јас не хомогенизирам

никаде јас не хомогенизирам под заеднички именител национализам, туку се фокусирам само на национализмот.
а "другите припадници" од цитатот кој го посочуваш се однесува на нивните fellow членови, не на останатите "други" фракции во општеството. можеби поприкладен израз би бил "останатите припадници", се сложувам.
поздрав.

ОкоБоли главаВицФото