Новогодишна резолуција

03.01.2011 13:39
seve.jpg

Вилијам Сомерсет (Se7en(1995)): Луѓето не сакаат херои, тие сакаат да јадат чизбургери, да играат лото и да гледаат телевизија.

...и јас би додала, мислат дека тоа е многу добра работа. Нивното стоење настрана, тивкото посматрање на животот, броејќи ги деновите кои поминале и сметајќи се себеси за совршено и мазно вклучени во ова општество, сметајќи го тоа за успех. Вештачки создадените конформистички норми се тотално прифатени: секојдневно опкружени со бесполезни телевизиски серии, апарати за непрекината комуникација кои ја прават приватноста и ограничувањето на една единка од социјалниот живот луксуз, поминуваат деновите екстра лесно, со лоботомирана визија.

Вилијам Сомерсет (Se7en(1995)): Мислам дека не можам да продолжам да живеам во место кое ја прифаќа и негува апатијата како да е доблест.

Дејвид Милс: Ти не си различен. Не си подобар.

Вилијам Сомерсет: Не реков дека сум различен или подобар. Не сум. По ѓаволите, јас сочувствувам; јас сочувствувам целосно. Апатијата е решението. Мислам, полесно е да се изгубиш во светот на дрогата, отколку да се соочиш со животот. Полесно е да го украдеш она што го сакаш отколку да го заработиш. Полесно е да натепаш дете отколку да го израснеш.

Одбирајќи го полесниот пат, односно она кое некои го нарекуваат едноставно „живеење“, се ограничуваме од одговорноста да бидеме вистински живи, и имаме совршен изговор за тоа. Се ограничуваме од можноста да направиме избор и да го обликуваме се она што е „јас“, и наместо да се сместиме себеси во ова општество каде вистински ни е местото, дозволуваме да бидеме расфрлани на сите страни од „обврските“ кои сме си ги приковале самите себеси на врат, без да застанеме и да помислиме за момент. Не сум ни јас различна, не сум ни јас подобра.

Човештвото некаде одамна престанало да учи од туѓите грешки, го нема веќе тоа во нашата култура. Нашите политички претставници, некогаш водачи на својот народ, се сведоа на препродавачи на нашата среќа и достоинство, а ние од единки кои некогаш се воделе од филозофијата „Мислам, значи постојам“, сега цврсто се држиме за „Прифатен сум, значи постојам“. Човекот отсекогаш копнеел да припаѓа некаде, но никогаш тоа не било толку потребно како денес. Во ова глобално село, апатијата и тоа како се смета за доблест.

Вилијам Сомерсет (Se7en(1995)): О, чекај! Тебе ти е гајле?

Дејвид Милс: И тоа како.

Вилијам Сомерсет: И ти ќе направиш разлика?

Да, и тоа како ќе направиш разлика.

Во Македонија, постојано се повторува еден ист шаблон. Луѓето се збунети затоа што никој не им покажува во кој правец да се движат, и трчаат наоколу паничејќи, чувствувајќи се притиснати да одберат страна за да им помогне да излезат од тој хаос. Сум го видела тоа во очите на земјоделците кои дозволуваат да бидат манипулирани како кучиња кои ги подготвуваат за борба, да водат нечија туѓа битка, само за да не се чувствуваат беспомошни. Сум го видела во солзите на стечајните работници кои кампуваа пред мојата зграда. На останатите, на оние кои сè уште имаат доволно средства за да ги задоволат своите хедонистички потреби не им се гледа тој страв толку отворено на лицата, но сепак е некаде длабоко во нив, затоа веат знамиња на митинзи, и стискаат раце за кои се молат кога ќе ги држат тие конците, да не тресат премногу силно.

И на крај, како што вели Кандид, ако секој си работи на својата бавча, јас би додала, ќе ги јаде плодовите на неговиот труд. Работејќи на себе, борејќи се со ограничувачките норми и досадноста и апатијата, отфрлајќи ги непотребните стресови и нервози кои никој со сила пробува да ни ги наметне, оградувајќи се од лажниот оптимизам за подобро утре само ако сме послушни, само тогаш ќе си ја уживаме прекрасната топлина на нашата драга земја. Со „револт против малограѓанското самозадоволство, против просечноста без подлабоки амбиции и повисоки цели“, против живот каков не сакаме, борејќи се за живот каков заслужуваме.

Им посакувам на сите во оваа 2011, барем еден ден во годината, наместо губењето во деструктивното влијание на дневните вести да поуживаат во тишината и друштвото на самите себе. И секако, се извинувам однапред што имам време да се занимавам со филозофијата на животот.

Цитатите се извадок од филмот „Se7en“ од 1995 година.

Илустрација: Инсерт од филмот „Se7en“

ОкоБоли главаВицФото