Политиката го роди атентаторот од Аризона

13.01.2011 14:53
Политиката го роди атентаторот од Аризона

Иако политичката историја на САД изобилува со атентати, неодамнешниот напад на конгресменката Габриела Гифордс би можел да биде пресуден во оттуѓувањето на народот од своите претставници и да доведе до ерупција на насилството, сметаат аналитичарите.

Насилството во САД не е нова појава. Абрахам Линколн, браќата Кенеди, Мартин Лутер Кинг и Роналд Реган беа мети на атентаторите, но неодамнешното масовно убиство во Таксон, Аризона, во кој имаше неуспешен обид за атентат на членката на американскиот Конгрес, треба да биде пресвртница за САД, сметаат политичките стручњаци.

„Ова е сосем поинакво“, вели Роналд Репопорт за Дојче Веле, професор на колеџот „Вилијам и Мери“ во Вилијамсбург. Тој сè уште се наоѓа под силните впечатоци од нападот во кој 22-годишниот Џаред Лохнер пукаше во главата на Габриела Гифордс, која се среќаваше со своите избирачи пред една самопослуга. Во нападот загинаа пет лица, а 13 беа ранети.

Ова пукање не се вклопува во класичните политички мотивирани атентати, како што се нападите врз лекарите кои го поддржуваат абортусот... Репопорт смета дека Гилфорд е модерен демократ кој повеќе е наклонет кон либералната левица.

Поделено општество

„Американците се склони кон вооружено насилство“, вели Венди Шилер, професорка по политички науки на Брауновиот универзитет во Провиденс. „Но кога некој пука на конгресменка и притоа убива деветодишно дете, тоа е запрепастувачки и го тера човека да се замисли што се случува во американската политика.“ Таа додава дека Американците сè уште се во шок после овој агресивен чин и бараат одговори што и како довело до такво нешто.

Општата политичка мапа на САД открива длабоко поделено општество, што влијае на политичкиот дискурс. „Последниве 30 години политичките партии во САД сè повеќе се оддалечуваат“, смета Рапопорт. „Демократската партија е сè полиберална, додека Републиканците се стремат кон конзерватизмот. На тој начин, умерените групи во рамките на обете партии се сè помали.“

Политичката клима толку се поларизира што сè повеќе има такви кои се склони кон насилство и кои го изразуваат тоа. „Политиката и претходно беше проткаена со насилство, но ова е првпат во последниве 60 години некој конгресмен да биде мета на напад“, вели Шилер. „И дијалогот е загрозен во политичката арена на САД. Односот спрема избраните претставници, кои некогаш беше неприфатлив, денес е вообичаен... Економската криза и високата стапка на невработеност го засилија говорот на омраза и насилство во политиката.“

Десницата е поактивна

Денес во политиката тренд е нечовечноста, вербалните напади на лично ниво, како и неподготвеноста да се сослуша спротивното мислење. Порано тоа беа исклучоци. „Во САД во 2011 г., левите и десните се слични само во неприфатливиот речник и намерите да го претстават како злобен непријател или некој кој не е вистински Американец“, нагласува Шилер.

Политичките стручњаци сметаат дека левичарите брзо и лесно ја прифатија реториката на десничарите која гласи „ние против нив“. Сепак, склоноста кон очигледното користење на говорот на омраза е многу поголема меѓу конзервативците. „Денес десницата е поактивна, а пример за тоа е движењето ’Бостонска чајанка’. Ако ги погледнете политичките изјави и изборните пароли, многу повеќе десничари го користат насилството во политичкиот дискурс“, објаснува Кристијан Ламерт, гостувачки професор за внатрешна политика на САД на Берлинскиот универзитет.

Раздвојување на политичарите и граѓаните

Политичките аналитичари сметаат дека мора да се престане со клеветите и политичката поларизација, не само меѓу избраните претставници, туку и меѓу граѓаните. Во спротивно, ерупцијата на насилство би можела да нè изненади сите.

Еден клучен момент во американскиот политички живот веќе е доведен во прашање поради масакрот во Аризона. Граѓаните се навикнати на близок контакт со своите политички претставници во Вашингтон, што не не случај во повеќето земји. „Членовите на Конгресот како никогаш досега се исплашени поради наилството спрема нив“, вели Венди Шилер. „Тоа ќе ги промени и навиките на политичарите.“

Извор: deutsche welle

Слични содржини

Активизам / Европа / Свет
Општество / Балкан / Свет
Општество / Теорија
Општество / Активизам / Свет
Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Свет / Психологија / Наука

ОкоБоли главаВицФото