15 Конзервирани импресии

03.06.2009 12:50
Thinking_of..._thoughts_and_whispersa.jpg

1.
Веројатно сум сè уште многу млад штом во немите полноќни часови добивам необјасниво силна желба да станам од кревет и да трчам, долго да трчам, низ заспаните, влажни улици.

 

5.
Чекам веќе десет часа, а неа ја нема. Да знам дека ќе дојде, воопшто не би ја чекал.

 

11.
Иако не ви е неопходна таа книга која продавачките одбија да ви ја причуваат, а која пред малку ќе ја купевте да имавте доволно пари, иако е, можеби, веќе продадена, иако книжарницата набргу се затвора, па е малку веројатно дека ќе стигнете на време, вие неутешно трчате низ вечерната толпа и не се осмелувате да помислите што ќе се случи ако останете без неа.

 

14.
Нештата би биле подносливи кога со сигурност, барем приближна, би можеле да им ги одредиме границите. Вака, тие наликуваат на парче леб во кое се загризало, но не се стигнало да се откине залак, туку останало ни ваму ни таму, со трага на заби и лиги.

 

18.
Замрсените состојби нè тераат да бараме излез или во обидите да н
е мислиме на нив, што е болно и најчесто неуспешно, или во обидите да ги претвориме во метафори, што е исто често неуспешно, но затоа помалку болно. Една таква метафора би била онаа за водата која сакаме да ја зачуваме в дланка додека беспомошно гледаме како ни се слева низ прсти.

25.
По долги месеци, конечно, во дланката држиме целосна рамнотежа, елементи споени во совршена хармонија. Набргу, нешто ситно и непредвидливо, како телефонски разговор, нè фрла во нови долги месеци.

 

30.
Светот да е една голема утроба... и јас да ја оплодам.

 

31.
Сето ова што со часови ми го раскажуваш и објаснуваш, одамна и одлично ми е познато. Воопшто не те слушам. Цело време размислувам како да бидеме заедно на некој потивок начин.

 

40.
По долго двоуме
ње конечно сте се осмелиле да ја поканите онаа убава девојка на игра. Таа дрско ги напрчува усните и долго ве премерува од глава до петици. Со кисела стрпливост го чекате исходот на нејзините калкулации, кој сега и не е битен затоа што дури и ако девојката се согласи да игра, дури и ако се согласи повторно да се видите, дури и ако се вљуби во вас, дури ако и по некоја чудна игра на случајот ви стане жена, вие никогаш не ќе & го простите ова понижувачко чекање.

 

43.
Не ни е мака што не можеме да бидеме она што не сме, но зошто никако докрај да бидеме она што претпоставуваме дека сме.

55.
Сочувствуваме само со онаа туѓа болка која е истовремено и наша. А тоа веќе не е сочувство, туку обично самосожалување.

 

85.
Ние, обично, наместо да се сакаме, само докажуваме дека сме научиле да влегуваме едни во други.

 

96.
Сите се правиме маратонци, а секој во стомакот знае точно колку може да истрча, до каде му е дадено да стаса.

 

97.

Навечер, со куфери в раце, брзам кон железничката станица, нервозно избегнувајќи ве вас, минувачите, кои ми доаѓате во пресрет. Да не одев на пат, вие ќе бевте мои сограѓани, мои собраќа, заедно уморно ќе одевме на спиење, како обично. Вака, веќе не ви припаѓам, овие улици не се мои улици, градов не е мој град. Иако сè уште не сум тргнал, веќе не сум со вас, не сум тука, веќе патувам.

 

101.
Околу мене предавства и убиства, палежи, колежи и сиромаштија, мака и смрт, неправда и лудило и самоубиства. Јас мирно седам и молчам и пишувам конзервирани импресии.


Горан Стефановски, Конзервирани импресии, Темплум 2005


Илустрации: Славица Јанешлиева

ОкоБоли главаВицФото