Треба ли да се плашиме од арапскиот револуционерен дух

07.02.2011 15:36
Треба ли да се плашиме од арапскиот револуционерен дух

Во протестите во Тунис и Египет не може да се занемари една работа – очигледното отсуство на муслиманскиот фундаментализам. Во најдобрата секуларна демократска традиција луѓето едноставно се побунија против еден угнетувачки режим, корупција и сиромаштија, барајќи слобода и економска надеж. Циничната мудрост на западните либерали, според кои во арапските земји изворното демократско чувство е ограничено на малубројната елита, додека мнозинството може да биде придвижено само од верскиот фундаментализам или национализам, се докажа како погрешна. Главното прашање е што ќе се случи сега? Кој ќе избие на површината како политички победник?

Кога во Тунис беше основана нова привремена влада, во неа немаше исламисти и радикални десничари. Реакцијата на либералите полни со надеж беше: во ред, во суштина тие се исти; две тоталитарни крајности – но дали нештата навистина се толку едноставни? Не е ли суштински долгорочен антагонизмот токму оној меѓу исламистите и левичарите? Дури и кога се привремено обединети против режимот, штом ќе се приближи победата, нивното единство се кине, тие се впуштаат во борба на живот и смрт, често посурова од борбата против заедничкиот непријател.

Зарем не видовме токму таква борба по последните избори во Иран? Стотина илјади поддржувачи на Мусави се бореа за еден народен сон кој ја одржа револуцијата на Хомеини: за слобода и правда. Иако тој сон беше и утописки, сепак доведе до фасцинантно избувнување на политичката и социјална креативност, до организациски експерименти и дебата меѓу студентите и обичните граѓани. Тоа автентично отворање кое ја ослободи невидената сила на општествената трансформација, тој миг кога сè беше можно, сето тоа подоцна беше постепено задушено со преземање на политичка контрола од страна на исламскиот естаблишмент.

Дури и кога во прашање се очигледно фундаменталистичките движења, не треба да се губи од вид социјалната компонента. Талибанците по правило се прикажувани како фундаменталистичко-исламистичка група која своето владеење го наметнува со терор. Меѓутоа, кога пролетта 2009 г. ја зазедоа долината Сват во Пакистан, Њујорк тајмс пишуваше за „класната побуна која ја искористува длабоката поделеност на мала група богати земјопоседници и нивните божемски закупци“. Ако со „искористувањето“ на тешката положба на селаните Талибанците создаваат, како што пишува Њујорк тајмс, „паника поради заканата во Пакистан, кој и понатаму во најголем дел е феудален“, што ги спречило демократите во Пакистан и САД исто така да ја „искористат“ таа тешка положба и да им помогнат на оние без земја? Дали е така зашто феудалните сили во Пакистан се природни сојузници на либералната демократија?

Се наметнува заклучокот дека подемот на радикалниот исламизам отсекогаш бил опачината на исчезнувањето на секуларната левица во муслиманските земји. Кога Авганистан се претставува како екстремно исламистичко-фундаменталистичка држава, кој може да се сети дека пред 40 години тоа беше земја со силна секуларна традиција, во која моќната комунистичка партија ја презеде власта без помош на Советскиот сојуз? Каде исчезна таа секуларна традиција?

Тековните настани во Тунис и Египет (и Јемен и... можеби, да се надеваме, дури и во Саудиска Арабија) мора да се согледаат во тоа светло. Ако ситуацијата на крајот се стабилизира со тоа што стариот режим преживее со некаква либерална козметичка корекција, тоа ќе предизвика несопирлива фундаменталистичка реакција. За да преживее суштинското либерално наследство, на либералите им е потребна братската помош од радикалната левица. Што се однесува до Египет, најсрамната и најопортунистичката реакција беше реакцијата на Тони Блер, која ја пренесе CNN: потребна е промена, но таа мора да биде стабилна. Стабилна промена во Египет денес може да значи единствено спогодба со силите на Мубарак низ благо проширување на владејачката номенклатура. Затоа сега е безобразно да се зборува за мирна транзиција: со разбивањето на опозицијата, Мубарак самиот го оневозможи тоа. Кога Мубарак испрати војска на демонстрантите, изборот стана јасен: или козметичка промена во која нешто се менува за сè да остане исто, или вистински раскин.

Тоа е, значи, моментот на вистината: не може да се тврди, како во случајот со Алжир од пред 10 години, дека дозволувањето на навистина слободни избори значи препуштање на власта на муслиманските фундаменталисти. Втората мака која ги мачи либералите е дека нема организирани либерални сили кои би ја презеле власта ако Мубарак си замине. Секако дека ги нема; Мубарак се погрижи за тоа правејќи маргинален украс од опозицијата, така што, крајниот исход потсетува на насловот на познатиот роман на Агата Кристи „And Then There Were None“ (Не остана ниеден). Аргументот за Мубарак – или тој или хаос – навистина е аргумент против него.

Лицемерието на западните либерали е неописливо: тие јавно ја поддржаа демократијата, а сега, кога луѓето се кренаа против тиранинот во име на секуларната слобода и правда, а не во име на верата, тие сите се длабоко загрижени. Зошто се загрижени, зошто не се радуваат поради тоа што на слободата и’ е пружена шанса? Денес, повеќе од кога и да е, е битна стара изрека на Мао Це Тунг: „Под небото има голем хаос – ситуацијата е одлична“.

Каде, тогаш, оди Мубарак? Овде одговорот исто така е јасен – во Хаг. Ако постои некој водач кој заслужува да се најде таму, тогаш тоа е тој.

Извор: Guardian

Илустрации: Багус Хутомо

ОкоБоли главаВицФото