Се надевам дека ќе го видам Египет уште еднаш

14.02.2011 10:17
Се надевам дека ќе го видам Египет уште еднаш

Се плашам од ова што се случува во Египет. Се плашам за половина од моето семејство, за моите роднини и нивните деца. Не поради тоа што нешто би можело да им се случи за време на демонстрациите – тие се преумни и превнимателни да се појават на местата каде што горат барикади и умираат луѓе.

Се плашам за нивната иднина. И се плашам дека можеби никогаш повотрно нема да ги видам, доколку режимот на Хосни Мубарак падне и доколку лошите луѓе дојдат на власт во најмоќната арапска земја.

Ненормално се плашам дека Египет, како колевка на цивилизацијата, може да стане закана за западната цивилизација. Или за која било друга. Каков и да е режимот на Мубарак, едно не може да му се замери – не претставува воена закана за ниедна земја. Напротив. За целиот регион Египет, со својата војска која брои половина милион војници, е единствена гаранција за безбедноста.

Засега.

Од друга страна, го разбирам воодушевувањето на младите кои фрлаат камења на полицијата и војската, и кои сакаат слобода. Оној кој бил во Египет, покрај познатите летувалишта, и кој ја видел вистинската сиромаштија на оваа земја, го разбира тоа. Голем број куќи се наоѓаат во катастрофална положба, а поради регулираните ниски цени за наемнина се немаат пари за нивно обновување. Во Египет, државата е најголемиот работодавец, а сивата економија е единствената економија која функционира таму. Со оглед на своите роднини и милионите млади луѓе, сакам да се промени сево ова и Египет да стане демократска земја во која секој ќе има еднаква можност да се образова и да успее. Проблемот е во тоа што засега не е возможно.

Ако демонстрантите навистина го урнат претседателот во име на борбата за слобода, ќе исполнат половина од својот план. Втората половина, воспоставување демократија, се чини, сè уште не ја смислиле. Во земјата не постои никаква демократска влада во сенка која би била подготвена со свој сложен план да изврши промени во земјата. Единствени кои се спремни и добро организирани се исламистите од Муслиманското братство. И како и да се однесувале тие, јас не им верувам. А младите и образовани Египќани, чие мислење имав можност непосредно или посредно да го слушнам, исто така не им веруваат. Но тоа е сè што можат да сторат во овој миг.

Кога религијата ќе се смеша со политиката и бизнисот, тоа никогаш не води кон мирно и напредно општество. Демонстрантите сакаат секуларен Египет, а не исламска република, а ако некогаш сакате да појдете во оваа прекрасна земја, надевајте се дека ќе се случи некое чудо и дека желбите на студентите од улиците ќе се исполнат. Бидејќи видливо е дека во Египет е сè поголема силата на исламистите, а верата се уфрлува онаму каде што, гледано од наш агол, нема што да бара.

Не веруваш? Грешиш!

Еден пример за сите: „Зошто, кога во Египет започнувам разговор со келнерите во ресторан и им се претставам, тие ме прашуваат дали сум муслиман? Откако во себе ќе ја проголтам првата бесна реакција поради приватноста на поставеното прашање и им одговорам дека не сум, следи прашањето – а зошто не? Или: „Што учел татко ти?“ Ако кажам дека сум муслиман, во истиот миг станувам нивен брат и добивам многу подобра услуга од онаа што ја добива просечниот гостин-странец. Дали христијанинот во Ватикан добива поинаков третман од хиндуистот? Напоменувам дека слични глупави прашања во врска со религијата доаѓаат често и од образованите луѓе, ама токму нив ги има многу во Египет и токму на нивната поддршка ќе сметаат исламистите на изборите.

Кога деновиве ги читам текстовите за настаните во Египет, мило ми е што ја видов таа земја уште многу пред да почнат да умираат луѓе на улиците, пред државниот апарат да покаже дека поради моќта се цензурира интернетот и се исклучуваат телекомуникациските мрежи, пред вандалите да ја изгубат почитта кон своите споменици на културата и кон туристите кои ги хранат во голема мера, и пред да го кренат своето официјално зелено знаме оние кои сакаат да ја искористат студентската револуција за својата борба за власт.

По повод честитањата за настаните од претходните денови, сигурен сум дека кога ќе појдам следниот пат во родната земја на мојот татко, таа ќе биде поинаква. Деновите кои следат ќе покажат дали ќе биде подобра или полоша.

Авторот е уредник на најтиражниот чешки весник Mlada Fronta Dnes.

Извор: Mlada Fronta Dnes

ОкоБоли главаВицФото