Заминувањето на тиранинот

15.02.2011 15:43
egipet.jpg

Одеднаш сите почнаа да пеат.

И да се смеат, и да плачат и да викаат и да се молат, да клечат по улиците и да го бакнуваат валканиот асфалт токму пред мене. И да играат и да му се заблагодаруваат на бог што ги ослободил од Хосни Мубарак – што е интересен детаљ, зашто диктаторот е симнат поради нивната храброст, а не со божја рака – и да ги бришат солзите што им паѓаа по облеката. Беше тоа како сите мажи и жени тукушто да се венчаа, како радоста да може да избрише децении диктатура и болка и репресија и понижување и крв. Во историјата тоа засекогаш ќе биде забележано како Египетската револуција од 25 јануари, денот кога почна востанието, и тоа засекогаш ќе биде приказна за побунетиот народ.

Старецот конечно си замина, предавајќи ја власта не на својот потпретседател, туку – иако таа вечер милионите ненасилни револуционери не беа расположени да размислуваат на тоа – на Врховниот воен совет, на еден маршал и на куп генерали, сега гаранти на сè за што продемократски насочените демонстранти се бореа, а некои и загинаа. Но, дури и војниците се радуваа. Кога веста за повлекувањето на Мубарак како пожар се прошири низ масата демонстранти пред државната телевизија која беше под воена заштита, лицето на еден млад војник се озари од среќа. Цел ден демонстрантите им порачуваа на војниците дека тие се нивни браќа. Ќе видиме.

Приказните за историскиот ден некако го засенија вистинското значење на победата за Египќаните. Само со силата на својата волја, само со храброста пред агресивната полиција на Мубарак, само со сфаќањето дека за симнување на диктаторот понекогаш се потребни повеќе од зборови и од фејсбук, со самиот чин на борба со тупаници и камења против цајканите наружени со солзавец и боева муниција, тие го изведоа она невозможното: ја завршија – и можеби треба да го молат бога за тоа – речиси 60 години долгата автократија и репресија, од кои 30 години беа на Мубарак.

Арапите, клеветени, пцуени, расно злоставувани на Западот, третирани како заостанати од страна на многуте Израелци кои сакаат да го зачуваат често дивјачкото владеење на Мубарак, тие Арапи се дигнаа, се збогуваа од стравот и го избркаа човекот кој Западот го почитуваше како „умерен“ лидер кој ќе им завршува работи по цена од милијарда и пол долари годишно. Источноевропејците не се единствените кои умеат да се спротивстават на бруталноста.

Победата беше уште поголема заради самиот факт што овој човек – само 24 часа порано – во миг на помрачување на умот изјави дека сè уште сака да ги заштити своите „деца“ од „тероризмот“, како и дека ќе остане на својата положба. Во четвртокот вечерта, луѓето кои бараа демократија во Египет ги подигнаа своите чевли во воздухот, во знак на презир кон својот истрошен водач, кој ги третираше како деца, неспособни за политичко и морално достоинство. Потоа следниот ден едноставно побегна во Шарм ел Шеик, одморалиште на Црвеното море, кое со Египет има онолку врска колку и Марбеља или Бали.

Така египетската револуција заврши во рацете на војската, додека во низата нивни контрадикторни соопштенија можеше да се забележи дека купот маршали, генерали и бригадири се борат за власта врз урнатините на режимот на Мубарак. Како што тврдат некои истакнати воени семејства од Каиро, Израел се обидувал да го убеди Вашингтон на претседателската положба да го постави нивниот омилен Египќанин – поранешниот шеф на безбедносните служби и потпретседател Омар Сулејам, додека маршалот Тантави, министерот за одбрана, сакал да го постави својот шеф на кабинетот, генералот Сами Анан.

Кога во петокот попладнето Мубарак и неговото семејство заминаа во Шарм ел Шеик, тоа само го потврди впечатокот дека неговото физичко присуство беше повеќе ирелевантно отколку провокативно. Стотина илјадници демонстранти на плоштадот Тахрир ја помириса истата смрдеа на расипаната влас, па дури и Мухамед Ел Барадеј, поранешен инспектор на ОН за вооружување и амбициозен добитник на Нобеловата награда, изјави дека „Египет ќе експлодира“ и дека „војската мора да го спаси“.

Аналитичарите зборуваат за „мрежа“ на генерали во рамки на режимот, иако таа мрежа повеќе потсетува на пајажина. Станува збор за низа скарани високи офицери, кои своето лично богатство и придобивките што љубоморно ги чуваат ги стекнаа служејќи му на 83 годишниот водач кој сега изгледа подеднакво дементно и сенилно. Така сега здравјето на претседателот и активностите на милионите продемократски демонстранти се помалку важни од жестоките судири внатре во војската.

И покрај тоа што се ослободија од реисот – претседателот – луѓето од врховната команда се луѓе од стариот поредок. Најголем дел од високите офицери одамна се вовлечени во владејачките структури на режимот. Во последната влада на Мубарак, потпретседателот беше генерал, премиерот беше генерал, заменикот на премиерот беше генерал, министерот за одбрана беше генерал и министерот за внатрешни работи беше генерал. И самиот Мубарак беше командант на воздухопловството. Војската го доведе Насер на власт. Војската го поддржуваше генералот Анвар Садат. Војската го поддржуваше генералот Мубарак. Војската ја воведе диктатурата во 1952 година, а демонстрантите сега веруваат дека војската ќе воведе демократија. Многу оптимистички.

Така – за жал – Египет е војската, а војската е Египет. Или барем војската мисли така. Затоа таа сака да ги контролира – т.е. да ги „заштити“, како што постојано истакнува во соопштенија – демонстрантите кои бараат конечно заминување на Мубарак. Но, стотина илјади демократски револуционери – гневни заради одбивањето на Мубарак да ја остави власта – решија самите да го преземат Каиро, исполнувајќи го плоштадот Тахрир, не само околу зградата на парламентот, туку и до главната зграда на телевизијата и радиото и главните автопати кои водат до луксузните вили на Мубарак во богатото предградие Хелиополис. Илјадници демонстранти во Александрија дојдоа до самите капии на една од палатите на Мубарак, каде припадниците на претседателската гарда им дадоа вода и храна, во помирлив гест на „пријателство“ со народот. Демонстрантите го презедоа и плоштадот Талат Хаб во комерцијалниот центар на Каиро, додека илјадници студенти и професори од три главни градски универзитети утрото се упатија кон Тахрир.

По разгневеноста во ноќта после патерналистичкиот, длабоко навредлив говор на Мубарак – во кој опширно зборуваше за себе и за своето војување во 1973 година, а само патем се осврна на должноста која наводно ќе му ја препушти на својот потпретседател Омар Сулејман – демонстрациите почнаа во добро расположение и многу цивилизирано. Ако блиските на Мубарак се надеваа дека неговата речиси самоубиствена одлука од четвртокот ќе испровоцира милиони демонстранти ширум Египет да се свртат кон насилството, се измамија: низ Каиро, младите луѓе кои ја претставуваат главната база на египетската револуција, покажаа воздржаност на која претседателот Обама онака метилаво повикуваше. Во многу земји демонстрантите би запалиле згради на државните институции по толку арогантен претседателски говор: на плоштадот Тахрир се читаше поезија. А потоа слушнаа дека нивниот беден противник си заминал.

Но, арапските стихови не победуваат во револуциите. Идниот политички систем на Египет ќе зависи од стотина офицери. Во едно воено соопштение се бараат „слободни и фер избори“, и се додава дека оружените сили на Египет се „посветени на барањата на народот“ кој би требало да се „врати на нормалниот живот“. Преведено на цивилен јазик, тоа значи дека револуционерите треба да се здружат со генералскиот естаблишмент и да ги поделат министерствата во новата влада. Во некои држави тоа се нарекува „coup d'etat“.

Во петок претседателската гарда, која самата преставува засебна и моќна паравоена сила во рамки на војската, постави бодликава жица околу напуштената палата на Мубарак во Каиро, нареди вреќи со песок и постави стража со тешки митралези. Тоа беше празен гест на самиот Мубарак – зашто веќе имаше побегнато.

Египќаните во Каиро се бореа против војската на Наполеон во 1798 година, против монархијата во 1881 година и 1882 година, се кренаа на востание против Британците во 1919 и 1952 година, се побунија против Садат во 1977 година и против Мубарак во 1986 година, кога дури и полицијата ја напушти владата. Во четвртокот најмалку четири војници преминаа на страната на демонстрантите. Пред една недела еден полковник на плоштадот Тахрир ми рече: „Еден наш пријател се обиде да се убие“. Затоа генералите кои како мршојадци се борат околу остатокот од режимот на Мубарак мораат да се потрудат нивните војници да не се „инфицираат“ од револуцијата.

Што се однесува до Омар Сулејман, неговиот „постмубараковски“ говор во четвртокот вечерта беше речиси исто толку детинест како и оној на претседателот. Тој на демонстрантите им порача да си одат дома – третирајќи ги, како што еден од демонстрантите рече, како деца – и секако, ги обвини „телевизијата и радиото“ за насилството на улиците, што е подеднакво бесмислено обвинување како и она безброј пати повторено тврдење на Мубарак дека зад револуцијата стојат „странски сили“. Можеби и неговите претседателски амбиции исчезнаа. Уште еден старец кој мислеше дека ќе ја запре револуцијата со лажни ветувања.

Можеби сенката што војската ја фрла е премногу мрачна помисла веднаш по толку голема револуција. Можеби радоста на Сигфрид Сасун на денот на прогласувањето на примирјето во 1918 година, кога е завршена Првата светска војна – и кога исто така сите заедно запеаја – беше искрена и оправдана. Но, тој мир предизвика нови големи страдања. Египќаните, кои три недели на улиците се бореа за својата иднина, ќе мораат да ја заштитат својата револуција од внатрешните и надворешните непријатели, ако сакаат да воведат вистинска демократија. Војската одлучи да го заштити народот. Но, кој ќе ја контролира моќта на војската?

Извор: The Indipendent

ОкоБоли главаВицФото