Боли глава

Мизерија!

Нема да патетизирам околу раксошната мизерија на центарот на главниот ни град, но ваква комбинација од негрижа, невкус и корупција има само во земји од трет свет.
Исушени тревници, раскопани плочки, смешни куќарки, уличен свирач што свири српски турбо фолк, кранови и комбиња, казино и леле мајко велелепен хотел, грдосија од коњ и од освојувач, паднати букви на споменик на народен херој и едно улично куче опрчено да се сонча.

Тешко дека може да се најде друго место низ земјава како централниот дел на метрополата што би демонстрирал една пореалистична слика за целата Македонија. За тоа што кутрата можеше да биде, и што стана. За тоа како спасителите ја докрајчија. Со маски и со лага. И со тежок простотилак!

Кога ќе размислам, свирачот е единствениот вишок всушност - само тој има душа овде.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 20.04.24. 

нема
22.04 20:24
Неверојатно е колку се запустил МКЦ за толку кратко време

Вчера бев на премиера во МКЦ кај што не сум бил неколку месеци и неверојатно е колку се запустил за толку кратко време. Надвор темно, неискосени тревници, паркинзи за точаци празни, шанковите затворени, внатре пусто, без луѓе… А, просторот околу Малиот принц и терасата на бифето е претворен во јавно ВЦ и смрди на мочка.

Никола Наумоски, Фејсбук, 19.04.24.

нема
19.04 10:37
И оваа тепачка, како и сите претходни, е кој ќе продолжи да се богати

А и Ковачевски не мора толку да драматизира кога вели дека „овие избори се избор меѓу надеж и безнадежност“. Сме преживеале ние и со ВМРО-ДПМНЕ кога имаше 63 пратеници во 2008. Сме преживеале и кога СДСМ имаше 87 пратеници во 1994. Народот не изумре. Само политичарите се збогатија. И оваа тепачка, како и сите претходни, е кој ќе продолжи да се богати. И кој ќе се спаси со пратенички имунитет.

Горан Михајловски, СДК, 05.04.24.

нема
16.04 11:54
Да беше светот армиран бетон, па ќе попуштеше пред „Јовано Јованке“

„Јовано Јованке“ ја свирам 50 години, во цел свет. Па да беше светот армиран бетон, ќе попуштеше.

Влатко Стефановски, „У свом филму“, емисија на ХРТ, 09.04.24.

нема
10.04 10:15
Сликање по цркви и џамии е чист популизам

Верата во Бога, верата во некоја сила, во добрина, во што и да верувате, ако верувате, е едно од најинтимните нешта за човекот.

Сликање по цркви и џамии, на овие од најниска до највисока функција, за мене не само што е чист популизам, туку е и навреда кон суштината на самата вера.

Парада и позерај.

Просто дегутантно!

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 07.04.24.

нема
08.04 11:42
Градов е греота да се гледа

Градов е греота да се гледа: деца се вртат у круг, не знаат што да прават, сосе учителките.

Онаа што се преставува као градоначалник со уметничко име Салмонела (од мој колега позајмено) уште ги држи бутките од Нова година. Накусо, ни бина ни бутур, луѓе шетаат деца као муви без глави.

Абе пушти ги барем децата да се радуваат!

Со еден збор - очај.

Роберт Атанасовски, Фејсбук, 01.04.24.

нема
01.04 14:57
Нема шанси таа привилегија да не ја искористам

Воспитуван сум од добри луѓе кои во мене вложиле многу време, љубов и внимание. Воспитуван сум во прогресивен и космополитски дух. Нема шанси таа привилегија да не ја искористам. Сакам да креирам, сакам да го променам општеството на подобро, сакам да им покажам на луѓето. Се разбира, тоа има своја цена, но подготвен сум да ја платам.

Мирко Попов, Трн / Окно, 04.01.24.

нема
29.03 18:43
Живеам од денес за утре и ги собирам најубавите песни

Плачам зашто сум педесетгодишна будала која 30 години го прави истото: живее од денес за утре и ги собира најубавите песни за да им ги понуди на гладните, жедните и незаинтересираните. Плачам заради привилегијата да го живеам својот сон. Но, тоа е сон за кој сами се изборивме. Го изборивме поради тоа што бевме воспитани, образовани, култивирани, бестрашни и убави.

Мирко Попов, во поткастот „Брза кучка”, 23.02.24.

нема
27.03 11:35
За војна ли сте, директно да прашам?!

Каква треба да биде нашата МОРАЛНА позиција кога директно се засегнати регионалниот, европскиот и светски мир? Мала држава како нашата не би смеела да си дозволи аморалност во врска со овие нешта (прво заради себеопстанок во смисла на гол живот, и секако во контекст на општото и универзално добро).

Не можеме, мили мои, сега кога Финска и Шведска после вековна неутралност побараа да влезат во НАТО, ние, кои сме полноправна членка, сè уште да имаме дилеми околу тоа. Да не зборувам за тотално неодговорните политичари кои заговараат напуштање на НАТО.

Па вие не само што сте аморални, вие сте една голема приватна трагедија со страотна јавна последица. За војна ли сте, директно да прашам?!

Ана Чупеска, Либертас, 20.03.24.

нема
25.03 20:11
Не можеме да игнорираме актуелен министер кој ги нарекува Соединетите Држави труп чии нокти продолжуваат да растат

Не можеме да го игнорираме тоа кога претседателот на Националното собрание на Унгарија тврди дека војната на Путин во Украина е всушност ‘водена од Соединетите Држави’. Не можеме да игнорираме актуелен министер кој ги нарекува Соединетите Држави труп чии нокти продолжуваат да растат. Не можеме ниту да разбереме ниту да прифатиме премиерот да ги идентификува Соединетите Држави како ‘главен противник’ на нашиот сојузник, Унгарија. Или неговото тврдење дека владата на Соединетите Држави се обидува да ја собори унгарската влада - буквално, да го ‘порази’.

Дејвид Пресман, амбасадор на САД во Унгарија; Дојче веле, 16.03.24.

нема
22.03 19:11
Немаме друг избор освен да го окупираме Брисел

На Западот започнуваат војни, уриваат светови, прекројуваат граници и пасат како скакулци. Ние Унгарците живееме поинаку и сакаме да живееме поинаку. (...) Ако сакаме да ги зачуваме слободата и суверенитетот на Унгарија, немаме друг избор освен да го окупираме Брисел.

Виктор Орбан, унгарски премиер, во говор; Дојче веле, 16.03.24.

нема
19.03 14:33
Овие исфрустрирани кукавици со години ме малтретираат

Јас сум дебелокожец, односно низ годините навикнав и отрпнав на различни гадости кон мене и тие веќе не ме допираат како порано. Сепак, два пати ми се случило вистински да сум вознемирена и да ми се преврти утробата. Првиот кога ми го чепнаа детето, а вториот е ова. Моето ментално и физичко здравје не можат да останат недопрени од такви ситуации. За да наречеш некого нацист или фашист зашто не мисли како тебе, треба да си длабоко злобен и гаден лик.

Овие исфрустрирани кукавици, кои немаат храброст да се појават со име и презиме и да застанат јасно зад своите ставови, со години ме малтретираат. Ако пребарате на нивната ФБ страница ќе добиете над 50 засебни објави кои го содржат моето име и мојата слика.

Никогаш досега не сум реагирала институционално, ама овојпат не можам да не го сторам тоа. Сите 50+ објави ги архивирав, заедно со последнава, и ќе побарам заштита од полицијата и судството. Знам дека ваквите се заштитени мечки во нашето општество, знам и дека безбедноста на активистките никогаш не била важна за нашиот систем, ама јас друга опција немам.

Ирена Цветковиќ, Фејсбук, 14.03.24.

14.03 13:03
Колку се сложни кога ни ја газат државата, тоа е чудо невидено

Кога ги гледа човек носителите на листи апсолутно е логична последната обединета акција на пиљарите СДСМ, ДПМНЕ и ДУИ за измени на Изборниот законик по скратена постапка за да се отежни какво било учество на независен кандидат на какви било избори сега и во иднина.

Видете им ги луѓето (додуша, веќе видени). Па се разбира дека заеднички ќе ја држат политичката сцена што позатворена - на најмал провев што би расчистил терен за фер битка овие сите би одлетале во неповрат.

Инаку, колку се сложни кога ни ја газат државата, тоа е чудо невидено.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 1,04.24.

нема
12.03 18:26
Среќен да ни е денот на девојчињата и жените и да ја шириме свесноста за еднаквите права на сите луѓе

Вчера едно шестгодишно девојче ми објасни дека Осми март не е ден на мајките и учителките, туку е и нејзин ден, како и на сите девојчиња и жени. Ми кажа дека учителката им го објаснила тоа и за неа сега тоа е најголемата вистина.

Каква радост ме облеа!

Браво за учител(к)ите кои им ги објаснуваат важните работи на децата!

Среќен да ни е денот на девојчињата и жените и да ја шириме свесноста за еднаквите права на сите луѓе.

Маја Цветаноска, Фејсбук, 08.03.24.

нема
08.03 11:59

Препорачуваме

На оние кои легнале на брашно (пет песни)

Фашизмот е тема на петте книжулиња во третиот том на едицијата ОК.NO.

Секој ден песна - мала антологија на светската современа поезија

Десет песни од новата Темплум книга во едицијата „Модерна Македонија“.

Најдобрите вицови на Окно

OK.NO. - нова едиција книги по повод петнаесетгодишнината на нашиот портал.

На маргините може да се пишува

Тони Димков го водеше разговорот со Никола Гелевски, основачот и главниот уредник на порталот Окно.

ОкоБоли главаВицФото