1013 hPa
100 %
10 °C
Скопје - Вто, 23.04.2024 08:59
Она што најмногу ме загрижува е етничкиот предзнак на оваа иницијатива, секако поттикнат од мантрата на ДУИ – „ние, и само ние, сме Албанците“. Дополнителен проблем е што таков дијалог не постои кај другите партии, но уште повеќе, што ваквиот формат, чиј реактивен одек секако ќе биде башка дијалог на македонски, башка координација на албански партии, непријатно ме потсетува на нова политичка гетоизација по етничка оска.
Најсреќен ќе бев доколку сите партии (албански и македонски), сепак смогнеа сили дома, самоиницијативно, да седнат на заедничка маса и да се договорат за некои основни заеднички приоритети за нашето општество.
Петар Арсовски, Слободен печат, 13.01.23.
Македонија е држава во која ќе те уапсат ако „на црно" продаваш чај на пазар, но затоа без проблем можеш да шеташ со пушка на рамо и да убиваш кучиња.
Кучето е најдобриот пријател на човекот, човекот е најлошиот непријател... на сè.
Владимир Лукаш, Фејсбук, 12.01.23.
Владата со која, според идиотите, сум во блиски, да не речам, интимни односи, е последниот остаток од нормалноста на Македонија, таа влада е последната шанса на и за Македонија, нацијата е потоната во потрага по искуството на радикалната дезориентација, како жителите и гостите на Тангер по Втората светска војна, за кои пишува Сонтаг, со тоа што Мароканците за тоа одлепување користеле алкохол, дрога, момчиња, а Македонците ја користат дрогата на вмро и секој ден се предозираат со најевтината, а прилично ефикасна дрога која се прима и се емитира преку секојдневното кокодакање против владата. Раширеноста на таквите расположби покажуваат дека дрогата е прилично добра. Како последица на интензивното перење на мозоците во веш машината на медиумите и се разбира на вмро, нацијата е претворена во наркоманска комуна во која секој за секого има разбирање, но во основа луѓето се рамнодушни, сѐ додека е тука владата да ги опива со своите „антинародни политики, политики против идентитетот и против стандардот“.
Бранко Тричковски, Front line, 08.01.23.
На Бадник, кога ќе се завршат сите работи, во една чинија се растопува маст и во неа се огледуваат сите станари. Кој што нема да ја види својата глава, тој ќе умре во текот на годината.
Стари народни верувања за Бадник; Весник, 06.01.20.
Сериозно прашувам, и тоа некого што познава повеќе култури и бил на повеќе континенти: Има ли друг народ што плука по улици?
Од каде ни е ова? Од „пусто турско“ ли, кога се потплукнувал тој тутунот што го џвакале, или од каде?
Не ми е јасно зошто ниедна власт не се занимава со ова основно хигиенско прашање, а свежи плуканици, ’рканици, мрсули и други секрети (се извинувам вака) се гледаат насекаде по улиците. Според мене, ова е исто како да се уринира и дефецира по улици, што и би го правеле, сигурна сум, кога за тоа не би било потребно разголување. Лицемерниот јавен морал побрзо ја осудува голотијата отколку производот. Ако веќе, ете, некако сме сфатиле дека на улица не се моча и не се кака, зошто побогу се плука?
Прашувам зашто гледам дека дури и 8-9-годишни деца научиле од своите предци да плукаат наоколу, во време на пандемија и мирнодопско, едноставно постојано. И никој, ама баш никој од властите или институциите, на ниедно ниво, не се занимава со тоа. Барем една кампања од типот „Слушај си го срцето“ да смислеа.
Татјана Б. Ефтимоска, Фејсбук, 04.01.23.
Не постои начин во воспитен или во образовен процес, ниту во било каков друг процес, твоето дете да стане хомосексуалец.
Меѓутоа, поради твоето воспитување / образование можеш од твоето дете да создадеш ист таков хомофобен глупандер каков што си самиот, или да создадеш дете кое ќе те мрази или ќе се срами од тебе, независно дали е стрејт или геј.
Срѓан Јаниќиевиќ, Фејсбук, 25.12.22.
Замисли: се будиш на 01.01. и надвор мириса на цимет, никој не се сеќава дека некогаш имало загадување, се шеташ низ чисти улици и гледаш среќни, здрави и љубезни луѓе, никој не зборува за корупција и политика, никој не плаче за човекови права зашто сè си тече прекрасно, нема бездомници, нема преплашени кучиња, нема класни поделби, нема тролови низ соц. мрежи, никој не сака да те заебе за лична корист, се будиш и сите црнаици во главата ти се сториле белици, ја галиш козата на комшијата, немаш ниту еден лош збор за универзумот и така натаму и така наваму...
Можеби звучам ко трета придружничка на Избор за мис на Долно Дупени, ама баш ми е гајле.
Среќни празници!
Владимир Лукаш, 31.12.22.
Имам тело што не ги собира сите сеќавања. Имам срце и стомак што се прелеваат, како река што надоаѓа во пролет. Ме болат неправди и луѓе што ги снемува. Сакам кога ќе пораснам да има мир и диско во светот. Не пијам јогурт. Несмасна сум. Не сакам да ме брзаат. Имам три пара фармерки што не ми се закопчуваат. Ми никна мозолче на десниот агол од устата. Ми е страв за Надја во каков свет ќе живее. Имам 11 симпатии, мажи и жени. Се сакам себеси и кога најмалку се имам, а тоа е оваа зима.
Се раздадов. Во 2023 сакам да одморам од отсуствата низ себе. Сакам да те сакам долго.
И да пеам во светкаво розе палто на концертот на Хари Стајлс.
Ана Голејшка Џикова, Фејсбук, 19.12.22.
Ако за едно нешто плачам по времето Грујово, тоа е комплетната ЗАБРАНА за пушење во јавни простории и угостителски објекти. Овие СДСМ треба да се самоубијат пошто имаа на тацна закон што беше прогресивен и што функционираше. Ама и тоа успеаја да го усерат. Неверојатна способност!
Костадин Шурбановски, Фејсбук, 29.12.22.
Пред некое време купив едно македонско списание за жени. Стотина страни на кои нема ништо, како промашена италијанска супа минестроне со многу состојки, нафрлани текстови и слики без било каква страст, желба, убавина, спој на некои чудни приказни за жени и лак за нокти, една севкупна промашена тема што растажува.
Погрешниот однос кон „културно-забавното“ новинарство не е од вчера но, се чини, во општиот неред, таквото новинарство потполно ја загуби вредноста. Да не зборувам за порталите во кои е вест која телевизиска новинарка носи пократка сукња и и тоа дека „никогаш не изгледала подобро“. Ниту ги интересира добра фотографија, ниту текст со содржина, па формата им станала новата содржина, а и таа не е за гледање.
И, се чудам, имаат стотина страни на располагање да направат мастер дело, а тие нафрлале што стигнале, којзнае кој пишувал препишувал со грешки, преведувал, без личен печат, без име и презиме.
Офелија Димковска, Фејсбук, 16.12.22.
Не ми се верува, она десничарското криминално кецарошче Груевски, кое негираше сè за што се бореле партизаните, ја негираше социјалистичка Македонија, ни го внесе во историјата Аце таткоубиецот, и од кое едвај се ослободивме - одеднаш почнало да го рецитира Кочо Рацин.
Гони се бре кретенче, не го валкај името на партизанот и револуционерот.
Мирјана Најчевска, Фејсбук, 23.12.22.
Лелее разноразни луѓенца се расправаат дали било позагадено во време на ВМРО или во време на СДСМ? Тоа на повисоко ниво. Па после дали менаџеркава е крива или претходниот? Или тој пред него...
Абе дали има нешто посмешно и потажно во исто време?
Ова што за овој напатен и ограбен народ воздухот не е бесплатен, туку скапо го плаќа по болници, бара да се погледне надвор од тоа вашите ви трла.
Состојбата бара итна, значи итна реакција за креирање на долгорочен, сеопфатен и сериозен план и одлучност за негова имплементација.
Ништо од тоа не гледаме, ама гледаме партиски кучиња да си вадат очи викенд време и жолчно да си ја бранат бандата во која припаѓаат.
Оние кои се платени за тоа - пеки, дневница, ама овие пусти заблудени глави... е заради нив тие 60 проценти што не веруваат никому ќе станат 80. Само продолжете вака...
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 24.12.22.
Неверојатна комбинација на многу мал број одбрани и до перфекционизам синхронизирани зборови и мисла ставени на хартија, како најмилизвучна музичка композиција во која се ужива со затворени очи. Неверојатен талент!
Никола Груевски, поранешен премиер и криминалец во бегство, во текст за Кочо Рацин; Фејсбук, 23.12.22.
Во Германија пучистите за една ноќ ги испофаќаа како глувци, и експресно, со челични белегзии на рацете, ги сместија зад решетки.
Во Белгија, еврпратеничката апашаана по брза постапка од гаќи ја истресоа. Становите ршум им ги направија. Сè што треба запленија и без многу правни церемонии и полициски процедури, билет за смештај во ѓуза им врачија.
Нашиот правен систем е исклучително уникатен, но перцепиран според неговата ненормалност. Криминалците, мангупите, крвопиите, кои со децении врз нашата кожа ја испишуваат својата богата злосторничка биографија, ги третираме безмалку како носители на ордени за посебни заслуги за народот и државата. Корупцијата ни се вовлекува во менталниот код како религија. Дозволивме судски крш да се трансформира во некакво недопирливо божество, искачено на Олимпот на нашата системска конфузија. Да метастазира до степен на неизлечива рак-рана. Се престори во едноклеточен близнак на пробисветите од нашето криминално пренаселено подземје.
Се наоѓаме пред одлука - ќе дозволиме владеење на правниот хаос, громење на државниот стабилитет, или ќе се определиме за чекори што ќе доведат до безусловна елиминација на криминалците.
Треба да им ги скршиме роговите на тие богато товени а стерилни свети крави.
Бошко Нацевски, Фејсбук, 20.12.22.
Фашизмот е тема на петте книжулиња во третиот том на едицијата ОК.NO.
Десет песни од новата Темплум книга во едицијата „Модерна Македонија“.
OK.NO. - нова едиција книги по повод петнаесетгодишнината на нашиот портал.
Тони Димков го водеше разговорот со Никола Гелевски, основачот и главниот уредник на порталот Окно.