Боли глава

Оружје и абортус

Изгледа дури и фасцинантно што денес во САД правото да се купи огнено оружје се смета за демократска придобивка, да не кажеме некаква „слободарска“ традиција, а правото на жената да реши дали сака да роди деца, дали смее да си го планира семејството и воопшто да реши што е за неа најдобро, се смета за некаков вид злосторство.

Ѕвездан Георгиевски, Призма, 27.06.22.

нема
29.06 2022
Да, Парадата е неопходна

Да, Парадата е неопходна зашто видливоста е неопходна, зашто револтот е преголем, зашто неправдата е историска, достоинството прегазено, институциите незаинтересирани и неспособни, заради сонот за една слобода која удобно ја уживаат оние кои прашуваат: „Што ви е одземено за да го барате?“, без да разберат дека на оваа заедница ништо не ѝ е ни дадено за да ѝ биде одземено.

Поради сите одвратни навреди, поради безобразното наметнување во туѓата интимност до степен на перверзија, поради дехуманизирањето на цела маса граѓани, нарекувајќи ги маскоти, грешки и изроди, поради неказнетиот говор на омраза што некој го нарекува слобода на говор.

Понатаму, поради небезбедноста и останувањето без пријатели, ближни, родители. Поради изгубените животи. Поради секое „Бидете си тоа што сте, ама дома кај вас“, кажано без да се стави прст на глава и да се помисли колку е нечовечно и грозно да се изјави такво нешто и од која надмена позиција се изјавува такво нешто. Поради секој ден поминат во страв, срам и омаловажување.

Зашто не ни знаете кого можете да навредите кога пишувате и кажувате клетви, зашто оној за кој најмалку претпоставувате, а го имате во вашиот живот, може да биде еден од тие педери или лезбејки на кои им посакувате одвратности.

Поради секое дете кое мисли дека е невредно и незаслужно љубов, грижа, прифаќање, права и еднаквост. Поради скршеноста, но и заради вербата во и борбата за подобро утре.

The future is bright.

Моника Стојановска, Фејсбук, 27.06.22.

нема
27.06 2022
А каде е Македонија во делот на заштитата на природните богатства?

Албанија ја заштити реката Вјоса и нејзините притоки со највисок степен на заштита што го има една држава, во време кога веќе се изградија две хидроцентрали ,а беше планирана изградба на уште неколку, и во време на незапамтена енергетска криза, која за сиромашна земја е посебно тешка одлука. Таа иста Албанија, на која ѝ се смеевме дека е хаос од држава, неорганизирана, мафијашка, а и денес некако со резерва ја гледаме, секако и во делот на заштитата на животната средина.

А каде е Македонија во делот на заштитата на природните богатства, посебно на реките, кои, буквално се сини жили на нашиот крвоток, без кои ни нема опстанок?

Југослава Дуковска, Фејсбук, 15.06.22.

нема
24.06 2022
Да се обединиме околу визија за правење на Македонија, пристоен дом за сите

Јас сум човек кој над 30 години во континуитет, со страст и верба, и докрај посветено, работеше на исполнување на сите критериуми за членство на Македонија во ЕУ.
Ваков француско - бугарски предлог кој по се изгледа ќе стане квази-европски предлог, го отфрлам со голема резигнација.

Не сакам ваков почеток на преговори ниту пак зачленување во ЕУ под вакви квази-европски а во суштина еднострани и несензибилни, национал популистички услови.
За жал, доколку останеме исправени (а треба) со цврста морална и етичка вертикала, ЕУ како дестинација е недостижна за нас. Затоа барам прочка од сите Вас, кои изминативе три децении ги убедував дека ЕУ е синоним за вредности. Очигледно сум бил во голема заблуда.
Ако ЕУ е блокирана дестинација за нас, и ако не сме добредојдени како Македонци тогаш да се обединиме околу визија за правење на Македонија, пристоен дом за сите. Притоа, да развиваме билатерална соработка со оние држави кои имат чесен, фер, искрен и пријателски однос 
кон нас.

No pasarán!

Ils ne passeront pas!

Тони Поповски, Фејсбук, 23.06.22.

нема
23.06 2022
Историјата ќе си остане таму каде што секогаш била

Уште наредниот ден ќе стане и повеќе од јасно дека небото нема да падне, светот нема да се урне, а историјата ќе си остане таму каде што секогаш била. Никој нема да ни ја украде. Целата безумна пропаганда со која себичните луѓе го зрачеа бугарскиот народ со години ќе пропадне за неколку минути. Односите меѓу двете земји и луѓето во нив драстично ќе се подобрат. Притисокот ќе се намали. Групата политички, медиумски и јавни измамници и шарлатани кои заработуваат за живот од овој главно вештачки надуен конфликт одеднаш ќе се почувствуваат непотребни, бескорисни и невработени. И оние во Бугарија и оние во Северна Македонија. Нема да пишувам имиња – добро ги знаете. Ќе можеме да се фокусираме на вистинските проблеми и предизвици пред нас, наместо секојдневно да се занимаваме со глупости. Три народи ќе Ве паметат по добрината што сте ја сториле.

Христо Комарницки, бугарски карикатурист, апелира до Кирил Петков да го укине ветото за почеток на преговорите на ЕУ со Македонија; Либертас,14.06.22.

нема
22.06 2022
Билатералните прашања не треба да станат дел од преговарачката рамка

Прво, како тоа Владата ќе се согласи во името на двотретинско мнозинство во Собранието да гарантира внесување на Бугарите во Уставот? Второ, како тоа македонската страна ќе прифати бугарско малцинство во Северна Македонија, кога бугарската страна уште има проблем со идентитетот на македонското мнозинство?Конечно, кога тоа се напуштила нашата црвена линија билатералните прашања да не станат дел од преговарачката рамка? Нели зборувавме цело време за португалскиот предлог? Таму овие прашања ги немаше никаде во рамката.

Со франускиот предлог на Софија ѝ се дава целосна власт врз нашата судбина. Црно на бело. Една бескрајна агонија.

Никола Димитров, Дојче веле, 18.06.22.

нема
20.06 2022
„Во интерес на Македонија е да остане ветото“

Во интерес на Македонија е да остане ветото, за да ја научи вистинската, а не измислената историја.

Екатарина Захариева, поранешната бугарска министерка за надворешни работи; МКД, 16.06.22.

нема
16.06 2022
На државна матура масовно се препишува

Паднат плафон во градинка. Се прашувам колку дена жал ќе прогласевме ако имаше мртви деца или учителки. Пред некое време беше изгорениот автобус или болницата. Тие што гинат на улица веќе не ги ни броиме како достојни за ден на жалост.

Како изгледа корумпирана држава денес во мојата област, образованието?

Еве, јас ќе ви го кажам она што сите го знаат:

На државна матура масовно се препишува. Прашањата се одговараат групно, тимски, весело. Екстерно тестирање или државна матура - го нема тој испит од којшто ние не можеме да направиме фарса. Оние што најмногу треба да го воспостават редот, достоинството, академската чесност на чинот - МОН и ДИЦ, влегуваат по училници и на наставниците што ги чуваат испитите им апелираат на „флексибилност“.

Татјана Б. Ефтимоска, Фејсбук, 14.06.22.

нема
14.06 2022
Работам карши две кафани и ова не е добро за мојата ментална и физичка состојба

Сакам да кажам, се виори мирис на пржени компирчиња, на печени вешалици, се слуша приборот како потчукнува и сецнува, џагор кој некако ете повикува...

Значи, не можеш да кажеш КАФАНА без АНА. Притоа да не зборувам дека сите зделки и животоспособувачки ситуации ме снашле во меана. Исто и МЕАНА не можеш да кажеш без АНА.

Зашто ми ово радиш, животе.

Гратис блех оркестар ечи од школо, се распуштаат и животот е песна.

Ана Голејшка Џикова, Фејбук, 09.06.22.

нема
13.06 2022
Едно прашање до оние што застанаа на истата („патриотска“) страна со ВМРО и Левица

Дали можете да ми посочите еден единствен пример кога некој од ВМРО (пред 14 април, 2022) кажал некогаш нешто против Ванчо Михајлов? Во свој говор, во своја колумна, или во муабет на маса?

Како тоа преку ноќ, на 14 април, Ванчо Михајлов стана ЛОШ? Како тоа тој стана ФАШИСТ? За првпат во историјата?
Јасно ли ви е зошто немаше ламбевци кога фигури од Ванчо Михајлов се ставаа во музеите во Македонија? Јасно ли ви е зошто немаше ламбевци кога се откриваа споменици од Тодор Александров и од Ќосето? Или кога на зградата од МНР беше поставена статуа од Симеон Радев?!
И сега ВМРО ќе ја спасува Македонија од фашистот Ванчо Михајлов?! Really?! Ќе ја спасува со ставање чорап на глава и предизвикување пожар? И со плакати „И јас сум Ламбе“?!

Па ЛАМБЕВЦИТЕ ги има и во Македонија и во Бугарија. Токму Ламбевците на двете страни од границата ги прават сите штети за Македонија. Свесно и смислено. И вие сега сакате да бидете Ламбе?!

Ацо Лукароски, Фејсбук, 08.06.22.

нема
10.06 2022
За народот што фрла пари за матурски и свадби

Народ што фрла пари по матурски, свадбени, и други веселбени помпи не треба да се грижи за Влада што фрла пари на кампањи, прислушкувања и други популистички „бомби“.

Тања Аждаја, Фејсбук, 09.06.22.

нема
09.06 2022
На што немаат право Бугарите кај нас

Во Македонија има луѓе кои себе се перципираат како Бугари.

Тие имаат право на ова и имаат право да формираат здруженија.

Она на што немаат право е:

- да пропагираат идеи на тоталитаризам и посебно највисокиот облик на тоталитаризмот - фашизмот;

- да ги повредуваат правата на другите со негирање на нивната етничка, национална, јазична определба;

- да делуваат спротивно на Уставот (на пример, контра суверенитетот на државата, службениот јазик на државата итн.).

Значи, кога зборуваме за отворањето на клубот со име „Иван Михајлов“ во Битола или регистрација на некое здружение, не се работи за тоа дали има или нема Бугари во Македонија и дали имаат или немаат право на здружување, туку за тоа дали се почитуваат Уставот и законите на Македонија.

Мирјана Најчевска, Фејсбук, 08.06.22.

нема
08.06 2022
Македонија личи на Белорусија?!

Се надевам дека е ова само уште една провокација, а не и сериозен предлог.

Во текстот се оди до таму со манипулациите и навредите, што разочараноста од отсуството на напредок во евроинтеграциите се прикажува како спротивставување на ЕУ идејата. Во текстот Македонија се изедначува со Белорусија.

Да не е толку безобразно опасно за иднината на државата ова би било навистина смешно.

Мислам, држава како Бугарија, перципирана како еден од најголемите поданици/пријатели на Русија и која ја направи европската перспектива далечна иднина за Македонија, да те обвини за проруско настороение е на ниво на драма на апсурд на Ежен Јонеску.

Мирјана Најчевска, Фејсбук, 031.05.22.

нема
01.06 2022
„Менталитетот на соседниот народ со доволен буџет може да се смени“

Кога Бугарија ќе изгради универзитет во Скопје, универзитети во Битола и уште три други града, да отвориме неколку гимназии и неколку основни училишта. Тоа чини пари. Ете ви буџет. Ако треба една милијарда, ако толку ни е важна таа Македонија, да извадиме една милијарда и да платиме за тие училиште. Да одиме со бугарски учебници во овие училишта и да престанеме да им бараме на Македонци да си ги сменат своите учебници затоа што не ни се допаѓаат. Ќе кажеме дека доаѓаме ние, со бугарски учебници, тие деца ќе учат според нашите учебници. Следствено, тие деца што ќе учат по наши учебници, сосем природно ќе посакаат да станат државјани на Бугарија и сосем природно ќе се идентификуваат со бугарската свест и култура. Ова е нешто што може дасе постигне за не повеќе од 10 години. Менталитетот на соседниот народ со доволен буџет може да се смени.

Соломон Паси, поранешен бугарски министер за надворешни работи; Македонски весник, 22.05.22.

нема
30.05 2022

Препорачуваме

Најдобрите вицови на Окно

OK.NO. - нова едиција книги по повод петнаесетгодишнината на нашиот портал.

На маргините може да се пишува

Тони Димков го водеше разговорот со Никола Гелевски, основачот и главниот уредник на порталот Окно.

Во потрага по изгубеното Скопје во Скопје

Градежниот метеж, во кој е претворено Скопје, е најјасната слика за алчноста и трката по материјален престиж, кои владеат во Македонија.

Истанбулското утро – кошмарот на Ердоган

Се олабавува рамката во која Турција живееше 22 години.

ОкоБоли главаВицФото