Боли глава

Тутуруткине од “Вечер” тврдат дека јас сум еден од “одбраните новинари” што ги плаќа фондацијата Сорос “за рушење на македонизмот”. На веб-изданието им оставив ваков коментар: “А бе, глупчовци едни, зошто не покажат вашите инспекции некое пусулче, па да се види кога зел Героски пари од Сорос, за трибините на Граѓани за европска Македонија? Или од кого било друг? До кога, бе, ќе тртљате дека земаме пари од грчки или од некои други, таинствени странски извори? Да имаше нешто такво, тајната полиција на ВМРО-ДПМНЕ досега сто пати ќе го откриеше, а вие, нормално, први ќе го објавевте”.
Има ли, бе, во оваа држава некое чоече што се вика Јавен обвинител? Па да не’ поапси нас, предавниците, или да ги поапси овие удбашки и србомански копилиња што се претставуваат за македонски патриоти!

Бранко Героски, „Време“, 19.12.09

21.12 2009
1
Филтер

Во седумдесеттите години кога немаше колор-телевизори, луѓето ставаа на екраните филтри со бои на виножитото и тоа им создаваше илузија дека имаат слика во боја. Владата сега ни нуди токму таков филтер и нè убедува дека црното е бело, зеленото црвено, а само портокаловото - портокалово. Чиј идентитет го брани власта од таква далтонистичка позиција ако претходно, по „букурешки“ принцип, веќе ги подели граѓаните на бругарофили, србофили, грчки сватови и албански снаи. По толку поделби, во земјава не остана ни еден типичен Македонец, освен се разбира, оние ретките што добиле сертификат за тоа од ВМРО-ДПМНЕ.

Катерина Блажевска, „Дневник“, 19.12.09

21.12 2009
Ах, Ѓелиќ, Ѓелиќ

Ах, Ѓелиќ, Ѓелиќ, за сè е виновен тој Божидар Ѓелиќ, сегашен колега на Наумовски и бивш министер за финансии во српската влада. Да не попуштеше, своевремено, пред убедувањата на Љубчо Георгиевски, па Грујота да си го задржеше за свој советник, наместо овој сега трапаво да глуми лидер вмровски... Не гарантирам за повеќе, ама, во најмала рака, ќе имавме 100 отсто повеќе шанси за прв пат во историјата да бидеме пред Србија. Да, кој знае кај ќе и’ беше алот, ако и таа тргнеше по советите на нашиов „преродбеник“... Биваше ли, стопанката, на толку грчки сватови ем невести на ДУИ, како капак на сè, и српски советник баш сега да нè стрефи!?

Никола Младенов, „Фокус“, 18.12.09.

18.12 2009
Гарнитура

„Гарнитурата“ на г. Груевски на многу лесен начин и со голема политичка ноншалантност успеа да завладее со целокупната јавна сфера во Македонија. Таа потчини под својата „чизма“ сè што можеше: законодавството, извршната власт и јавната управа, администрацијата, полицијата и нејзините служби, регулаторните тела, огромни сегменти од судството, локалната власт, јавните образовни, научни и културни институции, воспостави контрола врз голем дел од медиумите, синдикатите, студентските организации, невладини организации, институти и тинк-тенкови, рекламни агенции и креатори на јавното мислење, ги натера приватните компании здружени во комори да се натпреваруваат во додворувањето кон неа, ги исплаши малите бизнисмени кои се чувствуваат безнадежни и незаштитени од „гарнитурата“. Конечно таа „гарнитура“ стекна контролата и врз шефот на државата. Ништо веќе не постои што е надвор од затворениот и контролиран круг.

Никола Поповски, „Дневник“, 17.12.09

18.12 2009
Нема потоп

Затоа, овие ликови се обидуваат со бедна пропаганда да ја зајакнат масовната хипноза, психоентропија, невроза и комплекс. Тие не се заинтересирани за суштинска катарза на националниот идентитет на Македонците низ кој би излегле како нација суверена во самоспознанието и со државотворен капацитет. Напротив, тие би ја спречиле таквата еманципација и соочување по секоја цена, зашто од масовното несвесно ја црпат својата политичка енергија. Оттаму, за нив решение за името претставува пропаст. Откако проблемот ќе се реши и државата ќе се придвижи напред, сите ќе сфатиме дека нема потоп и масовната хипноза ќе исчезне.

Петар Арсовски, „Утрински весник“, 17.12.09.

17.12 2009
Прекалени борци

Партијата може да даде неопходна дисциплина, нејзината цврста структура и војничка дисциплина може да го скроти постмодерното бунило. Ценам некои прекалени партиски борци, како Влатко Ѓорчев на пример, луѓе кои го понесуваат товарот...

Алекс Букарски, „Дневник“, 15.12.09

17.12 2009
Возможно

Ова четиво, Апелот, е полно со себесожалување и проектирана омраза, која како гној цеди на сите страни и базди во истите правци. Тоа е роб на стариот злокобен македонски архетип, дека сите нè мразат и дека сме заобиколени со четири волка. Дека единствено во ропство, со песни и ора сме всушност слободни и непокорени - вистинските ние? Тоа е исто така текст кој покажува колку поробениот ум не може да ги разлачи рационално причините за нашиот - владин неуспех на патот кон НАТО и ЕУ. Не може погенерално да создаде приоритети на национални интереси и за нив да приспособи политика и дипломатија - за да ги оствари. Наместо тоа тој „гуслари“, пее песни тагувалки, плачипи....овски епови за проколнатите Македонци. Не бре, браќа и сестри демократи, вашата влада е неспособна да реши проблем, без при тоа да ги загрози националните интереси на Македонија. Нејзе и' се чини тоа невозможно во спорот со Грција. За неа и можно да е тоа невозможно бидејќи толку им сече. Но, не е невозможно, напротив, возможно е без загрозување на нашиот идентитет.

Љубомир Д. Фрчкоски, „Дневник“, 15.12.09

16.12 2009
SOS

Агресивната и конзистентна политика на владата гарантира дека за две до три години целото население ќе може да пазарува во ес-о-ес продавниците, а не само оние што ја имаа привилегијата да се преродат пред другите. Браќата и сестрите кои и покрај својата наивност и беспрекорните напори на владата нема да можат да влезат во категоријата на живите мртовци, односно во групата на мртвите гладни, ќе можат да си купат каладонт и главички од ситна риба за чорба ако плукнат плиток шлајм врз сликата на Љубе Бошковски што ќе се појавува на касиерските компјутери во Тинекс...

Бранко Тричковски, „Глобус“, 15.12.09.

15.12 2009
Леб и партија

Во едно колонијално дуќанче во приземјето на една скопска станбена зграда, какви што има илјадници, една жена го моли гранапџијата да и' даде на рабуш половина леб и по сто грама сирење и салама за појадок на децата. Трговецот со многу внимателност ја потсетува дека тоа му го повторува секое утро, но и оти има неплатен долг веќе два месеца. По повторната молба на сосетката тој ја советува за помош да и' се обрати на својата партија, чиј активист била и која е на власт. Сосетката му одвраќа, „тоа тебе да не те интересира, а јас повторно ќе гласам за мојата партија“.

Манчо Митевски, „Утрински весник“, 14.12.09

15.12 2009
Умри машки

Јас знам дека вие жените ќе одиграте машки!

Бранко Црвенковски им се обраќа на жените од СДСМ, 12.12.09

14.12 2009
Грујо да те бања гратис!

Насловите осамнаа со восклици. Гратис бања за пензионерите од премиерот! Седумдневен аранжман во бања за над 10.000 пензионери! Бесплатна рехабилитација за луѓето од третото доба! Од колевка па до гроба, најлепше је треќе доба!
Ете, тоа е премиер со визија. Ем пензионерите задоволни, ем бањите преполни. И сето тоа за бедни 1,5 милион евра. Башка, пред избори.
Има само една незгодна асоцијација. Кај нас, кога некој некому му мисли лошо, се вели: „Фиљан чоек да те бања“. Се мисли, секако, на последното бањање, откако човек ќе замине од овој свет. Сакам да кажам, се плашам да не почне Миленко сите да не колне: „Грујо да те бања гратис!“

Бранко ГЕРОСКИ, „Време“, 01.12.09

12.12 2009
Груевски тајмлес

Види Јорго, немој многу да се секираш кога Никола вели дека во следните сто години Грција нема да најде македонска влада што ќе ги прифати твоите барања. Барањата ти се ќумур, ама Никола си мисли на својата влада. Ако не знаеш, тој ни вети дека ВМРО-ДПМНЕ, со него на чело, ќе владее во наредните сто години.
Не ме прашувај, Јорго, како е тоа е можно. Груевски е тајмлес. Сите, бе, во Македонијава сме тајмлес. Ги виде ли нашиве студенти што протестираа пред зградата на ЕУ? Ни еден немаше под 60 години. Замисли само што ќе биде кога ќе дипломираат!

Бранко ГЕРОСКИ, „Време“, 11.12.09

11.12 2009
2012

Според календарот на Маите, во 2012 година е крајот на светот, така што ич не берете гајле, нема да има потреба повторно да се нервираме за нови документи - овие ни се доживотни.

Мирослава Симоновска, „Сега“, 10.12.09

11.12 2009
2012

Според календарот на Маите, во 2012 година е крајот на светот, така што ич не берете гајле, нема да има потреба повторно да се нервираме за нови документи - овие ни се доживотни.

Мирослава Симоновска, „Сега“, 10.12.09

11.12 2009

Препорачуваме

Најдобрите вицови на Окно

OK.NO. - нова едиција книги по повод петнаесетгодишнината на нашиот портал.

На маргините може да се пишува

Тони Димков го водеше разговорот со Никола Гелевски, основачот и главниот уредник на порталот Окно.

Во потрага по изгубеното Скопје во Скопје

Градежниот метеж, во кој е претворено Скопје, е најјасната слика за алчноста и трката по материјален престиж, кои владеат во Македонија.

Истанбулското утро – кошмарот на Ердоган

Се олабавува рамката во која Турција живееше 22 години.

ОкоБоли главаВицФото