1006 hPa
67 %
15 °C
Скопје - Чет, 25.04.2024 15:59
Мислам дека доблесно е оние кои меѓусебно се факторизирале со осомничените да се воздржат од критики и загрижености, било да се политичари кои шурувале со нив или “новинари” кои добро знаеле кого и како промовираат и каква омраза сеат.
Просто е навредувачко ова припаѓање во несвест.
Подобро нека почекаат официјални информации, нека размислат за својата улога, па тогаш нека се обратат.
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 03.12.23.
Во право е Кирјакос Мицотакис и кога вели дека поставувањето на таканаречените „Елгинови“ столбови во Британскиот музеј е како да го пресечете лицето на Мона Лиза на два дела.
Има уште подобар пример кој што можел да го искористи грчкиот премиер. Поставувањето на таканаречените „Елгинови“ столбови во Британскиот музеј е како насилно да преименувате една земја во „Северна…“ против волјата на нејзиниот народ.
На „Елгиновите“ столбови местото им е во Атина, во прекрасниот Музеј на Акропол, исто како што нашето име е Република Македонија!
Ќе дојдеме полека и до правда за Грција, но и до правда за Македонија!
Ивица Боцевски, на веста дека Велика Британија не сака на Грција да ѝ ги врати скулптурите кои Британците во 19 век ги отклесале од фасадата на древниот грчки Партенон на ридот Акропол во Атина; Фејсбук, 27.11.23.
Бидејќи „Сашовци и Грујовци“ не знаат албански јазик, нема каде да ги сместиш во затворите пренаселени со македонски Албанци. Во овие затвори, каде што речиси нема Македонци и „жителите“ зборуваат само албански, тие нема да имаат со кого да разговараат на својот македонски јазик!
И дали некој е стварно толку наивен да се надева дека Албанците од македонските власти се таму за да ги спасат своите сонародници осудени на доживотен затвор преку монтирани судски процеси?!
Ким Мехмети, Shqipmedia, 08.11.23.
Апсурдно е воопшто и да се дебатира дали сме или не сме медиум. Вакви „дебати“ доликуваат во држави како Северна Кореја и Бахреин, а не во држава која се нарекува европска.
Сашка Цветковска, ИМА, 17.11.23.
Колеги, крајно непочитување на професионалната етика е да се шпекулира самоубиство.
Не може да се напише „жена падна или скокна” без прво да знаете дали паднала или скокнала.
Ако скокнала - нема зошто да објавите.
Ако паднала и се отворат прашања за безбедноста на трговскиот центар - тоа е друга приказна.
За самоубиство не се информира!
Лекција број еден!
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 15.11.23.
Скандалозни се наодите на судот со кои се сугерира дека на ИРЛ наводно им требало дозвола за да емитуваат истражувачка содржина. Уште поскандалозна е забелешката дека ИРЛ биле здружение на граѓани, но не биле здружение за објавување информации во средствата за јавно информирање.
Ова е преседан со кој суд од македонското правосудство укажува дека за некое здружение да може да објави став или наоди од истражување во јавноста, всушност му била потребна дозвола или посебна регистрација.
Дали тоа значи дека неколкуте илјади граѓански здруженија и невладини организации од утре не треба да комуницираат со јавноста? Ова не е цензура, ова е судски диктат кој не може да помине.
Марјан Забрчанец, Фејсбук, 11.11.23.
Она што знаеме со сигурност: во меѓународната политика нема гаранции за ништо. Сме се извлекле толку пати, можеби ќе се извлечеме пак, е ставот на противниците на промените на Уставот.
Лично сметам дека без напредок кон ЕУ, опстанокот на македонската држава е загрозен. Мислам дека ѓаволот ја однесе шегата и дека, ако повторно заглавиме, овојпат тешко ќе се извлечеме. Се случува нешто многу сериозно со македонското општество, нешто што сече преку границите на партиските поделби.
Денко Малески, Слободен печат, 06.11.23.
Во смачканата Газа децата на дланките ги запишуваат своите имиња и чии се.
Со тоа човештвото напиша сè за што вредеше да се пишува.
Менсур Ќатиќ, Фејсбук, деновиве
Ако се донесе законска одлука за интонирање на државната химна, сигурно ќе мора да се почитува и мнозинството граѓани, кои се од албанска етничка припадност, па ќе мора да се пее и албанската химна.
Билали Касами, градоначалник на Тетово, ТВ 21, 25.10.23.
Сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство? Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години, како овие други земји? Слушам дека Европската унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас нѐ оставате да ве чекаме премногу.
Јан Коп, холандски амбасадар, Окно, 24.10.23.
„Становите на Груевски проценети на 1,9 милиони евра, приближно 2 милиони евра - како со премиерска плата заработил толку пари само за станови?!”
Е како де?
Ништо, луѓе, нема како да откриеме, ова е толку комплицирано, одговорот толку непознат, нема друго чаре, ќе мора значи да се врати човекот, во наш интерес е да се врати, најдобро е тој да си биде во Македонија, има човекот информации…
Не знам како не разбирате, вие јавачи на регресот и блокадите!?
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 21.10.23.
Цел ден немам зборови за ѕверството врз македонската правда и држава, за ова немилосрдно корнење на столбовите на земјава во која криминалци и бесрамници, заедно со нивните бедни поданици, се обединети во обидот да ни ја уништат секоја надеж за подобро утре.
Сите вие кои молчите за ова, кои се дрзнувате нам да ни зборувате за дефетизам, спамирате со партиски стокмени пусулчиња, сите кои немате срам да браните очигледни ортаци збратимени во ова зло, сите кои ослепевте од блеењето во „големата слика”, сите просјаци на трошки милостина од газдите и лидерите ви, сите вие овци и овчички - не давам бре да бидете блиску до мене, ни физички, ни виртуелно.
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 17.10.23.
Луѓе мои, каква беља!
За газ ми срасна фотелја!
Морам сега да се смирам:
без функција - не функционирам.
(Мартијал од Долно Гаштани, 10.14.23)
Поминав сабајле покрај Треска и видов колку напреднала работата со градбите таму. Растат грдите скелети на комплексот кој шит портали како Либертас, како платена реклама на владата, го претставуваат како „модерен и урбан“ со „уредено зеленило“, што од лично искуство знам дека значи 4 метра квадратни трева пред зграда додека на двајца од станарите не им текне дека им пречи земјата ради бубачки и ја бетонираат.
Значи, добиваме уште станбени згради наместо парк што можеше да му даде воздух на ова преизградено маало да подише. Децата немаат ни тротоар за да играат (тротоарите се на колите), а улиците се секако на колите. И после - зошто седат дома? Надвор едино може во кафич да седнат. Нека се навикнат на што ги чека. И така, маалово, по која уличка и да свртам, нови темели, нова прашина, нови материјали.
Нема везе, поентата ми е -
На 99 проекти произлезени од корупција и ненадмината алчност, ЕДЕН (1) да правеа за луѓето, ќе беше оваа држава многу поубаво место за живеење.
Хана Корнети, Фејсбук, 10.10.23.
Фашизмот е тема на петте книжулиња во третиот том на едицијата ОК.NO.
Десет песни од новата Темплум книга во едицијата „Модерна Македонија“.
OK.NO. - нова едиција книги по повод петнаесетгодишнината на нашиот портал.
Тони Димков го водеше разговорот со Никола Гелевски, основачот и главниот уредник на порталот Окно.