Боли глава

5% Албанци и 95% Македонци

Во институциите се отвораат стотици работни места, а пропорцијата на застапеност е некаде околу 5% Албанци и 95% Македонци.

Арбен Таравари, Канал 10 (Косово), 11.06.25.

нема
16.06 09:26
Македонија подобра од десет членки на ЕУ

Минималната плата во Македонија има поголема куповна моќ од десет членки во ЕУ.

Трајко Славески, Бизнис21 на ТВ21, 11.06.25.

нема
12.06 16:04
Што си мислат, кој ќе им се јавува на телефонската линија што ќе ја отворат од утре?

Што си мислат, кој ќе им се јавува на телефонската линија што ќе ја отворат од утре? Родителите на починатите, повредените, можеби некој од починатите да им бара помош?! Каква помош замислуваат дека ќе им бараат, парична или лекови?! Што си мислат овие дотераниве што не станаа од столица да се соочат со стварноста, наместо да пуштаат писма што други им ги составиле на чело со таканатечената претседателка на сите. Се исплака на првиот ден од пожарот, па си продолжи по патот на менување фустани, ракувања и ракоплескања на секакви глупости. Тие не се ни политичари, ни луѓе, не се дури ни фуснота. Создаваат со години држава дивоградба.

Не дека со години не тоне секакво сочуство и емпатија во тие кругови што упорно го повторуваат она глупаво „секој еден„ и „истиот“. Не дека со години не се градат кули од лаги и лажни ветувања, создавање замаглен прозорец кон светот, но сега прозорецот полека се заѕидува.

Нема ништо пострашно од тоа да немаш сочуство и да не се соживуваш со туѓата болка. Да повторуваш како расипана плоча што направиле тие претходно и дека протестите во Кочани се политички инструирани. Језиви сте бре!

Офелија Димковска, Фејсбук, 08.06.25.

нема
09.06 12:59
Мора некоја епска бурлеска да се снима

каков циркус: данела, боки 13, русковска, блен, вмросдсм, совет на град скопје… мора некоја епска бурлеска да се снима, нема друго објаснување. каков неуспешен експеримент сме ние, кој сака нека честита.

Д. А. Лори, Фејсбук, 04.06.25.

нема
04.06 18:08
Изгубен град

Отидов до Стара чаршија да напишам нешто… Ја најдов уште понова од новата што ја видов лани. Нема веќе стара чаршија, освен ановите останати од турско. Тоа е хаос во кој никој ништо не почитува, ѓубре и бездомни кучиња, маси, столици насекаде, два-тројца уште се држат од некогаш кога имаше ресторани клубови и ред.

Ако во една реченица може да се напише, таа е оставена кој што сака да прави, па и масовно да одгледува вештачко цвеќе и да си го стави Ердоган на објект и да си отвора обложувалници среде гостилници и чадори што се распаѓаат…

Скопје, европска престолнина на културата.

Изгубен град.

Офелија Димковска, Фејсбук, 31.05.25.

нема
02.06 12:15
Колку се проблематични ваквите проекти, најдобро се гледа од унгарскиот заем

Колку се проблематични ваквите проекти, најдобро се гледа од унгарскиот заем. И него го најавуваа помпезно уште пред да стапат на власт, ги криеја деталите од очите на јавноста, не консултираа ни професори, ни невладини, ни никој во процесот. И сега, една година откако беше најавен заемот, не гледаме ама баш ништо од него. Тоа мислам дека ќе се случи и сега. Ќе се тресе гората неколку месеци, а нема ни глувче да се роди.

Впрочем, ова не е првпат некој во Македонија да најавува милијарди. Тупурковски го почна процесот во 1990-тите, Груевски гордо го продолжи, Заев го заокружи. Од толку многу милијарди, вистинско чудо е како сме уште најсиромашната земја во Европа.

Сега ова се претставува како стратешко партнерство со Британија, што дава доза на сериозност, ама ни тоа не е гаранција дека навистина ќе има инвестиции од пет милијарди фунти. Од она малку што беше споделено со јавноста може да се заклучи дека договорот само дава основа за соработка во висина до пет милијарди фунти, ама не и дека навистина има проекти во целиот тој износ.

И мислам дека токму ова е главната причина за нетранспарентноста и за неинклузивноста – ако се знаат деталите и ако се вклучени стручни независни лица во процесот, владата нема да може да продава приказни од кои на крајот нема да има ништо.

Бранимир Јовановиќ, Призма, 20.05.25.

нема
30.05 10:18
Сонот на медиумските сопственици и на алгоритамската „јавност“ е остварен!

Денес може да добиете одличен текст од 500 зборови за актуелната пакистанско-индиска воена криза за 15 секунди, на македонски јазик, составен од кој било чет-бот, дури и во видео или во аудиоформати презентирани од згодни, млади, исончани виртуелни презентери. Не мора да имате надворешно-политички новинар, кого треба месечно да го плаќате, да го финансирате некаде да патува, повремено да се разболува, да доцни наутро на работа, да пуши и да пие по пет кафиња дневно, да старее и да ви ја троши тоалетната хартија во редакцијата. Сонот на медиумските сопственици, а и на алгоритамската „јавност“ е остварен! Останатото е историја.

Сашо Орданоски, Локал Актив, 23.05.25.

нема
27.05 11:32
Политичкиот момент на овој договор е можеби позначаен од економскиот

Политичкиот момент на овој договор е можеби позначаен од економскиот, а тоа е дека владата сериозно се оддалечува од ЕУ и се свртува кон други партнери. Тоа го почнаа со унгарскиот заем, за кој, да не заборавиме, Унгарија веројатно е само посредник на Кина. Го продолжија со аплаудирањето на Џеј Ди Венс во Минхен, потоа и со неодамнешната посета по Блискиот Исток, и сега го заокружуваат.

Можам да ги разберам мотивите: ЕУ навистина не беше фер кон нас и условот за продолжување на евроинтеграциите е како грст печени скакулци што тешко се голтаат, а и кога ќе се проголтаат, остануваат во грлото.

Бранимир Јовановиќ, #интервју #ТриСоТри, 20.05.25.

нема
23.05 11:20
2025 како 2008

Дури и таа опседнатост на македонската власт со Трамп, како контратежа на превртливата и лажлива Европа, ме потсетува на 2008. Демек, Америка ќе нѐ спаси од залошништвото на ЕУ. Во април 2008, американскиот претседател Џорџ Буш беше уверен дека на Самитот на НАТО во Букурешт покана за членство ќе добијат Хрватска, Албанија и Македонија. Оти нели, трите земји бевме нераздвојната „јадранска тројка“ и летавме заедно „со јато во НАТО“. И оп, и покрај изјавите на Буш, и покрај неговиот најавен говор на плоштад во Загреб, веднаш по завршувањето на Самитот на кој требаше да се прослави приклучувањето на трите балкански земји, Грција стави вето, Хрватска и Албанија набрзо станаа членки на НАТО, а јатото се растури.

Така што и сега, кога од 2025 се враќаме во 2008, нам ни преостанува да копаме гробови и да го бараме Александар.

Горан Михајловски, СДК, 16.05.25.

нема
20.05 19:29
Потрошувачка кошничка само за нас тројца е прилично стеснета

Во април годинава, во своето обраќање пред Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Мицкоски изјави дека многудетните семејства се патриотска должност и дека она „јас, мама и тато“ ќе се дополни со „и дада и бато“.

Во истиов месец истиот тој премиер ни соопшти дека минималната потрошувачка кошничка ќе се пресметува за тричлено, а не како досега, за четиричлено семејство. Овој потег на македонскиот Худини нѐ остави со подзинати усти. Каде исчезнаа дада и бато?

Дури и оваа потрошувачка кошничка само за нас тројца е прилично стеснета, односно од неа е извадено она што Мицкоски и неговите министри го дефинирале за луксуз – одмор во странство, цигари и алкохол. Тамам работа, јас, мама и тато да се опуштиме, да отпатуваме или да запалиме цигара со кафето. Тие „мали радости“ треба да останат реалност само за тие што ја имаат привилегијата да нѐ пребројуваат како ќе им текне.

Ирена Цветковиќ, Призма, 29.04.25.

12.05 13:14
Состојбата на децата и младите во Северна Македонија

— 63% од учениците не знаат да читаат (функционално се неписмени);

— Две третини од децата во МКД на возраст 7-9 години се дебели;

— Три четвртини од децата се дисциплинираат со ќотек;

— 30% од адолесцентите пријавиле умерена до тешка депресија;

— 40% од морбидитетите кај деца се од респираторни заболувања;

— Кај младите (14 до 24 г.) постои голема желба за иселување, при што 62% изразуваат подготвеност да заминат ако им се даде можност;

— 32,7 проценти од децата во државата живеат под прагот на сиромаштија;

— 94,2% од адолесцентите се чувствуваат непријатно да разговараат за прашања поврзани со менталното здравје поради општествената осуда и стигма;

— 67% од тинејџерите поминуваат повеќе од пет часа дневно на интернет, а дел од нивната активност е фокусирана на игри и социјални мрежи;

— бројот на деца е намален за 18% за 10 години.

УНИЦЕФ: „Анализа за состојбата на децата и младите во Северна Македонија“ (мај, 2025)

нема
06.05 10:18
Нареден пад ќе ни падне небото на главите

Мине народ скршен, сѐ шо имале носат урамено у раците, а скотовите од кафичите по ќеј ни да станат да оддадат секунда почит.

А не па да поддржат!

Не па да се придружат!

Не па они да се иницијатори...

Останете да животарете себично и скотски, нареден пад ќе ни падне небото на главите.

На сите!

Кирил Стоименов, Фејсбук, 30.04.25.

нема
04.05 08:27
Срамота за нашиот град!

Цел живот и цела моја младост ја поминав на улици и по протести. Мислам дека од ова поважно денеска немаше. Да не се појави нашиот град и само да застане покрај родителите на живи изгорени деца е еден од најголемите порази што мислам дека сме ги доживеале некогаш, било кога.

Не може бре тие 300 луѓе во овој град за секој еден проблем, до изгорени луѓе и болници, права на жени, лгбти луѓе, фемициди, корупција, поскапување на струја, работнички права- тоа да се луѓето што гледаат дека ги мачи и дека ќе се осмелат да го направат минимумот, да излезат на улица. Значи, истите луѓе, апсолутно истите цели 10 години се гледаме и си викаме и си офкаме. Ама денес мислам издишавме.

Ние сме стварно будали што досега сме мислеле како да им го наместиме протестот на луѓето да им е после работа, па да не им е многу жешко, па да има сенка, па да не ги дувне ветер, па сега да не е многу долго, па како ќе го доодат, па сега ако врне па ај дали ќе дојдат, па сега може и од работа не ги пуштаат, па не може знаете секој. Дајте да завршиме со ова и да се помириме со тоа дека ние живееме во град и држава оперирана од секакво чувство на емпатија и колективна грижа.

Срамота за нашиот град!

Секоја чест на овие храбри луѓе од Кочани што скршени од болка бараат одговорност!

Ангел Димитриевски, Фејсбук, 30.04.25.

нема
30.04 15:35
Метафорите на премиерот се бесмислени

Пишувајќи текст на Нулта за говорот на омраза и манипулативните говори, за поттикнување на ниски страсти кај гласачите, најдов текст од триесетина реда на еден портал што зборува за вокабуларот на премиерот, на кој потоа има точно 675 коментари во кои му предлагаат како да ги нарекува овие од опозицијата. Од карциноми до гниди.

Всушност, метафорите на премиерот се бесмислени, ги лупа од ракав и прво што ќе му падне на памет, со оглед на својот ограничен вокабулар. Не е ни прв ни последен, но му успева да ја постигне целта - да се сврти вниманието.

Во меѓувреме, продолжуваме да живееме хаос и понижување на секој план. Законот се крши, се назначуваат на функции луѓе што оваа држава и понатаму ќе ја влечат во пропаст. Доаѓаат и локалните избори на кои никој нема да гледа во биографиите на таквите бизнисмени како Папазов, кој сега е во затвор.

Кога нема акција има агитација.

Офелија Димковска, Фејсбук, 12.04.25.

нема
28.04 20:10

Препорачуваме

Голготата на жените  (дванаесет песни)

На 18.06.26. во Битола разговор за творештвото на Славица Гаџова Свидерска (1984-2025).

Политика на пријателството: теориски премиси и правни субверзии

Што е политика на пријателството? Дали општеството може да биде засновано на пријателство?

Ми го одземаа јазикот - македонскиот (пет песни)

Песните изворно напишани на грчки јазик, на македонски ги преведе авторот.

ОкоБоли главаВицФото