Боли глава

Секаде е убава традиција, а кај нас е непотизам

Кога синовите и ќерките ќе ги наследат своите родители, секаде тоа е убава традиција, а кај нас е непотизам.

Елвин Вели, Претседател на Здружение на обвинители; Детектор, 04.03.23.

нема
08.03 2023
На 17 јуни 2018 г. македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена

Би сакал уште еднаш да потсетам, за што сум говорел многупати, дека до 16 јуни 2018 година за повеќе од 130 држави и за речиси 80 проценти од жителите на планетата Земја ние бевме Македонци што живеат во Република Македонија, а веќе на 17 јуни 2018 г. – само еден ден подоцна, македонскиот народ целосно исчезна од меѓународната сцена. Затоа, повикувам: одговорните за овој грозоморен чин јавно да им се извинат на Македонците, договорите со Грција и со Бугарија, коишто претставуваат културен геноцид на Македонците, во колективната меморија на македонскиот народ да се именуваат со синтагмата „македонски холокауст“.

Љупчо Коцарев, претседател на МАНУ; годишно Собрание на МАНУ, 21.02.23.

нема
05.03 2023
Бугарија планира да пушти владин авион полн со леб?

Бугарија планира да пушти владин авион полн со леб за Бугарите во Македонија или немо ќе ги гледа нивните страдања?

Иљче Затаракоски, Фејсбук, 01.03.23.

нема
03.03 2023
Уште нема финансиска децентрализација

Кога сме кај финансиите на општините, 18 години по воведувањето, финансиската децентрализација не е искористена. Не е мрднато чекор напред и тука најиздашниот извор на приход, данокот на имот, е најмалку искористен. Се смета дека повеќе од 70 отсто од објектите не се евидентирани за да се оданочуваат. Комуналиите кои општините ги доживуваат како најинтересен извор на приход кога се бара дозвола за градење, се исти веќе 20 години, а гледаме дека околу нас се градат екстремно профитабилни објекти. Цените на становите растат, а комуналиите не успеваат дури ни да ја финансираат обврската на општината за дадениот објект и се држат на ниско ниво. Да не говорам за цените на комуналните услуги каде што има чист популизам.

Во такви услови, спасот се бара во „дајте ми државни пари“, „дајте ни можност да се задолжуваме“, а сопствените ресурси кои стојат на располагање воопшто не се обидуваат да ги искористат.

Ристо Пенов, на конференцијата „Година на нови можности“; Окно, 06.02.23.

нема
01.03 2023
Лелемајстор

Лелемајстор - мајстор кој ќе дојде да ти поправи нешто дома, ќе ти го утепа цел ден и на крај ќе ти расипе уште барем две работи.

Милан Дамјаноски, 22.12.22.

нема
27.02 2023
Не е точно дека синот на Талат Џафери треба да се третира како секој друг

И не, не е точно дека синот на Талат Џафери треба да се третира како секој друг.

Токму зашто е син на висок функционер мора да се внимава на можноста да бенефицира од позицијата на таткото.

Токму заради тоа постојат и членовите 56 и 74 од Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Ама, како што реков, не можам да очекувам од човек кој дошол на функција како награда за своите терористички активности и останува на функцијата заради припадноста на мафијашката организација ДУИ, да го знае, а камо ли да го спроведува правото.

Мирјана Најчевска, Фејсбук, 23.02.23.

нема
24.02 2023
Државата немала механизам

Државата немала механизам да казни злоупотреба на пари за патни трошоци на пратеници; немала механизам да казни полагање правосуден испит пред диплома; немала механизам да казни користење државни ресурси лично од министрите, за доброто на нивната партија; немала механизам да казни незаконска распределба на милиони евра народни пари преку т.н. спортски ваучери…

Државата има механизам само како да го толчи граѓанинот претходно ограбен и понижен од немање механизми.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 23.02.23.

нема
23.02 2023
Војната во Украина многу сериозно ги погоди општините во земјава

Војната во Украина, која предизвика економска и енергетска криза, многу сериозно ги погоди општините во земјава и им ги зголеми трошоците и поголем дел од буџетите за финансирање на трошоците за енергија.

Во анализата на UNDP со податоци од деветте месеци, констатирани се ефекти кои говорат за катастрофално лош однос на општините во услови на енергетска криза. Со бројки, трошоците за енергија вкупно во општините во деветте месеци од 2022, се зголемиле за една милијарда денари.

Општините тој трошок се обиделе да го надоместат со намалување на капиталните инвестиции, но таа милијарда ја надоместиле со намалување на капитални инвестиции за 1,9 милијарди или двојно повеќе, и притоа ги зголемиле долговите за дополнителни 800 милиони денари, што говори за еден катастрофално лош или нерационален однос кон развојот на општините и кон граѓаните.

Ристо Пенов, на конференцијата „Година на нови можности“; Окно, 06.02.23.

нема
21.02 2023
Гнасно социопатско бедниче

Кажува дека сторил одвратен злостор кога бил тинејџер, ама не се будел врискајќи во ужас секоја ноќ, не се исповедал, не побарал помош од психијатар, не се самокастрирал, не се посветил на работа со малолетни деликвенти, не се замонашил, не полудел од грижа на совест туку, гнасно социопатско бедниче, тргнал да се фали по емисии. Ваков немоќен гнев изгледа ја создал идејата за пекол.

Душица Димитровска, коментар на „исповедта“ на Драган Павловиќ Латас дека како тинејџер силувал 15-годишно девојче; Фејсбук, 19.02.23.

нема
19.02 2023
Интегритет до интегритет, и лево и десно

Човекот од партијата каде кумот на премиерот беше министер за финансии, а братучедот шеф на УБК, Антонио Милошески, обвинил дека новиот министер за здравство е кумашин на Таравари.

Да не знаеш на што и на кого во реченицата попрво да превртиш очи. Интегритет до интегритет, и лево и десно, и внатре и надвор.

Катарина Синадиновска, Фејсбук, 16.02.23.

нема
17.02 2023
Есапот на крај може да излезе егал

Овие случки во Собранието вчера и денеска малку ја расипуваат математиката на власта, па есапот на крај може да излезе егал, условно речено, односно да добијат осум, а да изгубат пет-шест-седум, можеби и осум пратеници. И не знам како ќе функционира тоа.

Петар Арсовски, Топ тема, 13.02.23.

нема
15.02 2023
„Регистарот на државна помош“ - конечно

Фино што конечно во 2023 година се најдоа пари за „регистарот на државна помош“. Првпат нашата организација, предложи негово итно формирање пред 5 години, за потоа, исто така на наш предлог, обврската за негово формирање да се најде во „Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025“ и во „Планот на Владата за борба против корупцијата“.

Останува да видиме кога и како конечно ќе се воспостави овој регистар. Следиме...

Герман Филков, 29.01.23.

нема
13.02 2023
Една од поважните информации собрана преку Пописот од 2021 година

Настрана хистеријата на патриотите и бројките, сосе кусурот, кој колку поседува, фрапантна е информацијата дека 36% од становите во државата - се празни. Тоа укажува дека дури и во услови на инфлација (оние со бројките за етничките кусури изгледа не ги засега инфлацијата), кога и побарувачката за станови е пониска отколку во мирнодопски економски услови, цената на метар квадратен расте лудо и незаборавно.

Знам, ќе дофрлат мудропрдловците од двете страни, поскапело железото, материјалите, ама и становите изградени во 90-ите, и оние во 60-ите, па дури и оние од 50-ите, па овие денешниве картон-ѕид - прдни-на-први-да-те-чујат-на-шести - пази богати инвестиција.

Би било добро, онака пост-ковид-изолациски, да пресмета некој ербап, по колку метри квадратни му следуваат на секој роб во оваа наша неслободна - како и да ја именувате - држава.

Мариглен Демири, Фејсбук, 01.02.23.

нема
10.02 2023
Бугарија и Третата светска војна

Најголемото откровение и воедно најверодостојниот доказ за вистинитоста на објавата на Третата светска војна е токму бугарското вето, бугарските ултиматуми и бесната колерична грозница што излегува од нивното нетрпение повторно на каков и да е начин да „администрираат“ со саканата Македоња. Бугарската психопатија влегува во емисија, дури еруптира, секогаш кога соседите ќе препознаат светска војна, и кога во големите геополитички делења карти ќе препознаат сила што ќе ѝ ја понуди македонската земја во замена за лојалност во војната. Тоа се случи во Првата светска војна, тоа се случи и во Втората светска војна, а тоа се случува и деновиве во Третата светска војна. Секоја чест, братја, никој на планетава не е во состојба да ја препознае својата шанса во светска војна како вас!

Мирослав Грчев, Слободен печат, 02.02.23.

нема
08.02 2023

Препорачуваме

23 начини на кои феминизмот ги подобри животите на мажите

Феминизмот сè уште често се смета за грд збор, а ретко се спомнуваат неговите позитивни учиноци, во корист и на мажите.

Деликатниот ромор на исраните овчи брбушки

Историскиот миг во кој се наоѓаме е повторување на малоумната атмосфера во изборната година 2006.

Петнаесет години Окно

Насловна на Окно од 13 март 2009.

ОкоБоли главаВицФото