Боли глава

Потрошувачка кошничка само за нас тројца е прилично стеснета

Во април годинава, во своето обраќање пред Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Мицкоски изјави дека многудетните семејства се патриотска должност и дека она „јас, мама и тато“ ќе се дополни со „и дада и бато“.

Во истиов месец истиот тој премиер ни соопшти дека минималната потрошувачка кошничка ќе се пресметува за тричлено, а не како досега, за четиричлено семејство. Овој потег на македонскиот Худини нѐ остави со подзинати усти. Каде исчезнаа дада и бато?

Дури и оваа потрошувачка кошничка само за нас тројца е прилично стеснета, односно од неа е извадено она што Мицкоски и неговите министри го дефинирале за луксуз – одмор во странство, цигари и алкохол. Тамам работа, јас, мама и тато да се опуштиме, да отпатуваме или да запалиме цигара со кафето. Тие „мали радости“ треба да останат реалност само за тие што ја имаат привилегијата да нѐ пребројуваат како ќе им текне.

Ирена Цветковиќ, Призма, 29.04.25.

12.05 2025
Состојбата на децата и младите во Северна Македонија

— 63% од учениците не знаат да читаат (функционално се неписмени);

— Две третини од децата во МКД на возраст 7-9 години се дебели;

— Три четвртини од децата се дисциплинираат со ќотек;

— 30% од адолесцентите пријавиле умерена до тешка депресија;

— 40% од морбидитетите кај деца се од респираторни заболувања;

— Кај младите (14 до 24 г.) постои голема желба за иселување, при што 62% изразуваат подготвеност да заминат ако им се даде можност;

— 32,7 проценти од децата во државата живеат под прагот на сиромаштија;

— 94,2% од адолесцентите се чувствуваат непријатно да разговараат за прашања поврзани со менталното здравје поради општествената осуда и стигма;

— 67% од тинејџерите поминуваат повеќе од пет часа дневно на интернет, а дел од нивната активност е фокусирана на игри и социјални мрежи;

— бројот на деца е намален за 18% за 10 години.

УНИЦЕФ: „Анализа за состојбата на децата и младите во Северна Македонија“ (мај, 2025)

нема
06.05 2025
Нареден пад ќе ни падне небото на главите

Мине народ скршен, сѐ шо имале носат урамено у раците, а скотовите од кафичите по ќеј ни да станат да оддадат секунда почит.

А не па да поддржат!

Не па да се придружат!

Не па они да се иницијатори...

Останете да животарете себично и скотски, нареден пад ќе ни падне небото на главите.

На сите!

Кирил Стоименов, Фејсбук, 30.04.25.

нема
04.05 2025
Срамота за нашиот град!

Цел живот и цела моја младост ја поминав на улици и по протести. Мислам дека од ова поважно денеска немаше. Да не се појави нашиот град и само да застане покрај родителите на живи изгорени деца е еден од најголемите порази што мислам дека сме ги доживеале некогаш, било кога.

Не може бре тие 300 луѓе во овој град за секој еден проблем, до изгорени луѓе и болници, права на жени, лгбти луѓе, фемициди, корупција, поскапување на струја, работнички права- тоа да се луѓето што гледаат дека ги мачи и дека ќе се осмелат да го направат минимумот, да излезат на улица. Значи, истите луѓе, апсолутно истите цели 10 години се гледаме и си викаме и си офкаме. Ама денес мислам издишавме.

Ние сме стварно будали што досега сме мислеле како да им го наместиме протестот на луѓето да им е после работа, па да не им е многу жешко, па да има сенка, па да не ги дувне ветер, па сега да не е многу долго, па како ќе го доодат, па сега ако врне па ај дали ќе дојдат, па сега може и од работа не ги пуштаат, па не може знаете секој. Дајте да завршиме со ова и да се помириме со тоа дека ние живееме во град и држава оперирана од секакво чувство на емпатија и колективна грижа.

Срамота за нашиот град!

Секоја чест на овие храбри луѓе од Кочани што скршени од болка бараат одговорност!

Ангел Димитриевски, Фејсбук, 30.04.25.

нема
30.04 2025
Метафорите на премиерот се бесмислени

Пишувајќи текст на Нулта за говорот на омраза и манипулативните говори, за поттикнување на ниски страсти кај гласачите, најдов текст од триесетина реда на еден портал што зборува за вокабуларот на премиерот, на кој потоа има точно 675 коментари во кои му предлагаат како да ги нарекува овие од опозицијата. Од карциноми до гниди.

Всушност, метафорите на премиерот се бесмислени, ги лупа од ракав и прво што ќе му падне на памет, со оглед на својот ограничен вокабулар. Не е ни прв ни последен, но му успева да ја постигне целта - да се сврти вниманието.

Во меѓувреме, продолжуваме да живееме хаос и понижување на секој план. Законот се крши, се назначуваат на функции луѓе што оваа држава и понатаму ќе ја влечат во пропаст. Доаѓаат и локалните избори на кои никој нема да гледа во биографиите на таквите бизнисмени како Папазов, кој сега е во затвор.

Кога нема акција има агитација.

Офелија Димковска, Фејсбук, 12.04.25.

нема
28.04 2025
Продолжително подредената позиција на Скопје кон Белград

Во едно деноноќие се вклопивте во играта на Порфириј кој официјално го подреди „српскиот свет“ на Москва, додека Додик целно го антагонизира „српскиот свет“ кон Сараево. Целта е да го разиграте „јужниот коридор на српскиот свет“ во Северна Македонија - низ нова антагонизација на Македонците со Албанците - за продолжително подредена позиција на Скопје кон Белград. Во 1990-тите на Милошевиќ, сега на Вучиќ.

Ние Македонците, пак, со презир го отфрламе и последниов ваш обид националната надворешна политика да се користи за потпикнување шовинизам во наше име, а во интерес на руско-српската олигархија на Скопје низ коалицијата ВМРО-ДПМНЕ-СДСМ, промовирана на вашата „лидерска средба“.

Нам преговорите со ЕУ ни се дел од ослободувањето од таа олигархија и нејзините партии кои произведуваат штета по македонскиот идентитет, јазик и демографска одржливост. Во тоа ослободување основна е одбраната на просперитетот на македонскиот народ и на нацијата на Северна Македонија, свесни дека сме на „линијата на огнот“ од Балтикот до Егејот.

Ивон Величковски, Фејсбук, 25.04.25.

нема
25.04 2025
Патриотска должност е ослободувањето од заробеност

Во овој момент јас не мислам дека Министерството за образование и наука го води ниту оваа влада, ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту го води министерката Јаневска. Во овој момент Министерството за образование и наука го водат четири-пет ликови со име и презиме: Гордана Гоџо, Златко Бучковски, Љупчо Ристевски од Евангелската црква и Аргрита Атева, нашинка од Австралија.

Како стигнаа овие неколкумина луѓе, со поддршка на одредена фракција од Македонската православна црква заедно со Евангелската, да станат и посилни и од партијата на власт, е прашање со кое ќе треба да се бават овдешните безбедносни структури.

Проблематично е што овие неколку луѓе, кои ја формираа „Коалиција за заштита на децата“, се луѓе од партијата „Десна“, на Палчо. Тие заедно со Палчо седат на свои подкасти и зборуваат за заштита на децата.

Оттука, станува збор и за многу проблематични групи по однос на демократијата, но јас би рекла дека станува збор и за криминални групи. Во таа смисла, патриотска должност на секој граѓанин на оваа земја е да го ослободи министерството, да ја ослободи власта, да го ослободи образованието од заробеност.

Ирена Цветковиќ, шорткаст „Што има ново?“, 15.04.25.

22.04 2025
Културното наследство да го дадеме на приватниот сектор за да може да прави бизнис од него

Ние денес разговараме за законски измени да може да се отвори структурата како владини институции нашето културно наследство да го дадеме на приватниот сектор за да може да прави бизнис од него. На тој начин со приватно-јавно партнерство може да се материјализира целата работа. Целиот свет се отвори на тој начин, а само ние останавме да го штитиме и да го затвораме. Јас ќе жалам ако сега не ги отвориме законите и не направиме промени.

Зоран Љутков, министер за култура; Вин-Вин, ТВ Телма, 17.04.25.

нема
18.04 2025
Овде секоја будала со зли и себични интереси успева да добие поддршка од властите

Најужасно ми е што еден очигледно безмилосен убиец на деца се обидува да се извади со некои квази патриотски алибија и со заматување вода раскажувајќи заверашки приказни и испраќајќи пораки до милионери и милијардери.

Во исто време луѓе од партијата на овој ѕвер, напаѓаат луѓе, политичари, невладини, зад некаква наводна заштита на децата, шират завери против вакцинација, промовираат отворено насилство, дискриминација и нетолеранција, додека властите со своето молчење или помагање стануваат соучесници на ова зло.

Патем се гледа и враќањето на злото на режимските мегафони кои имаат функција да дефокусират и да шират омраза и поделби.

Овде секоја будала со зли и себични, користољубиви и партиски интереси, успева да добие на гласност и поддршка од властите.

Навистина не учиме ништо од минатото и од грешките.

Ивор Мицковски, Фејсбук, 14.04.25.

нема
15.04 2025
Ужасен срам

Додека по цела Европа ги поздравуваат студентите за она што го прават, и не само дијаспората (очигледно, раселената Србија во солзи) градоначалници на унгарски австриски германски градови, овде, навикнати да ги товарат во автобуси и да ги носат да скандираат и да јадат скара а да не знаат зошто го прават тоа, тргнале да го поддржат Вучиќ.

Многу ме интересира кои се овие луѓе, кој ги плаќа автобусите и кој го организира ова бламирање. Не си ја гледаат бељата овде кај што живеат, отидоа други да оправаат и спасуваат. Јасно, на погрешната страна се…

Ужасен срам.

Офелија Димковска, Фејсбук, 12.04.25.

нема
14.04 2025
Не ја убивајте последната надеж за ова општество

Бев на протестот на Кој е следен? Бев и како репортер, ама повеќето време си одев како поддржувач, заедно со луѓето во колоните. Има народ искрен и жеден за правда и системски промени. Немојте да грешите душа и да ги клеветите овие млади девојки и дечки. Не подлегнувајте на пропагандата. Власта тоа вешто и подмолно го прави преку платени ботови, и платени медиуми. Го прави тоа популистички и преку експлоатирање на маките на луѓе во жалост.

Не ја убивајте последната надеж за ова општество.

Јане Ѓорѓиоски, Фејсбук, 11.04.25.

нема
11.04 2025
Класична релативизација на кочанската трагедија

Дали трагедијата во Кочани можеше да биде спречена ако функционираа институциите на системот за кои е надлежна Владата и нејзините институции по девет месеци и на општините безмалку по четири години на власт. На тоа, наместо јасен одговор, се повторува по стопати дневно дека ќе се апсат неселективно наназад 30 години сите виновници за сите големи несреќи што се случиле во Македонија.

Класична релативизација на кочанската трагедија.

На јавноста ѝ се сервираат приказни за лиценци, за корупција, за сѐ што нема врска со фактот зошто не се спречи најголемата трагедија во Македонија, бидејќи, не само таа вечер, имаше повеќе груби прекршувања на законите во кочанското огнено „кабаре“.

Како тоа поранешни началници на полицијата се уапсени, а министерот за внатрешни работи не чувствува ни морална одговорност за експресно да даде неотповиклива оставка. Врз која законска основа се заканите на власта врз медиумите да не се објавуваат снимки и извештаи од траорните настани и погребите? Под закрила да не се политизира трагедијата, па тоа да го дознаваме од странски медиуми.

Ерол Ризаов, Слободен печат, 09.04.25.

нема
09.04 2025
Нашиов систем буквално си ги уби своите деца

Постојат точно наведени критериуми за тоа какви мораат да бидат објектите кои се користат како ноќни клубови. Треба да бидат механички стабилни, значи носиви, стабилни, отпорни на земјотрес и на пожарно дејство, а секако да имаат и санитарно-технички услови. Пожарното дејство е точно наведено; дефинирано е дека за да бидат отпорни на пожарно дејство во нив треба да бидат вградени материјали отпорни на пожар и кои не горат. Сунѓер и стиропор не само што лесно горат, туку предизвикуваат огромна густина чад при што се испушта и цијанид, односно киселина на цијанид; знаеме тој цијанид, еден од најстрашните отрови за човекот, каде и како се користел во минатото.

Ова е доказ на тезата дека нашиов систем буквално си ги уби своите деца, оние што не успеа да ги истера надвор од државата. Тој почна да ни ги убива децата, и сведоци сме дека такви случаи во последниов период има многу.

Горан Марковски, декан на Градежниот факултет; „Бизнис 21“ на ТВ „21“, 26.03.25.

нема
06.04 2025
Некогаш стварно на човека му иде шот цијанид да се напие

Од едицијата „ние сме ненормални”, денес на мени: иде лето, идат и патлиџани јабучари, каварџик пиперки, па само памтете дека во Крива Река, која е притока на Пчиња, која е притока на Вардар, од пукната цевка се излеале арсен, олово и цијанид. Олово, арсен и цијанид!

Денес у вода, утре на астали, трпези. Животот во Македонија е лотарија. Некогаш стварно на човека му иде шот цијанид да се напие.

Марија Зафирова, Фејсбук, 29.03.25.

нема
03.04 2025

Препорачуваме

Сјај на мртва ѕвезда или вистински блесок

Списанието Маргина #98 ќе биде промовирано на книжевниот фестивал Друга приказна #11.

Изложба: Осумнаесет величествени маргинални уметници

Маргиналната уметност е главна тема на книжевниот фестивал Друга приказна #11.

Програма на книжевниот фестивал „Друга приказна“

Во „Центар Јадро“ во Скопје од 4 до 6 септември 2026 г.

„Овде воопшто не може да се разговара!“

Роберт Перишиќ е лауреат на фестивалот „Друга приказна“ кој ќе се одржи од 4 до 6 септември во „Јадро“.

ОкоБоли главаВицФото