1006 hPa
100 %
9 °C
Скопје - Сре, 24.04.2024 03:59
Војната во Украина, која предизвика економска и енергетска криза, многу сериозно ги погоди општините во земјава и им ги зголеми трошоците и поголем дел од буџетите за финансирање на трошоците за енергија.
Во анализата на UNDP со податоци од деветте месеци, констатирани се ефекти кои говорат за катастрофално лош однос на општините во услови на енергетска криза. Со бројки, трошоците за енергија вкупно во општините во деветте месеци од 2022, се зголемиле за една милијарда денари.
Општините тој трошок се обиделе да го надоместат со намалување на капиталните инвестиции, но таа милијарда ја надоместиле со намалување на капитални инвестиции за 1,9 милијарди или двојно повеќе, и притоа ги зголемиле долговите за дополнителни 800 милиони денари, што говори за еден катастрофално лош или нерационален однос кон развојот на општините и кон граѓаните.
Ристо Пенов, на конференцијата „Година на нови можности“; Окно, 06.02.23.
Кажува дека сторил одвратен злостор кога бил тинејџер, ама не се будел врискајќи во ужас секоја ноќ, не се исповедал, не побарал помош од психијатар, не се самокастрирал, не се посветил на работа со малолетни деликвенти, не се замонашил, не полудел од грижа на совест туку, гнасно социопатско бедниче, тргнал да се фали по емисии. Ваков немоќен гнев изгледа ја создал идејата за пекол.
Душица Димитровска, коментар на „исповедта“ на Драган Павловиќ Латас дека како тинејџер силувал 15-годишно девојче; Фејсбук, 19.02.23.
Човекот од партијата каде кумот на премиерот беше министер за финансии, а братучедот шеф на УБК, Антонио Милошески, обвинил дека новиот министер за здравство е кумашин на Таравари.
Да не знаеш на што и на кого во реченицата попрво да превртиш очи. Интегритет до интегритет, и лево и десно, и внатре и надвор.
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 16.02.23.
Овие случки во Собранието вчера и денеска малку ја расипуваат математиката на власта, па есапот на крај може да излезе егал, условно речено, односно да добијат осум, а да изгубат пет-шест-седум, можеби и осум пратеници. И не знам како ќе функционира тоа.
Петар Арсовски, Топ тема, 13.02.23.
Фино што конечно во 2023 година се најдоа пари за „регистарот на државна помош“. Првпат нашата организација, предложи негово итно формирање пред 5 години, за потоа, исто така на наш предлог, обврската за негово формирање да се најде во „Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025“ и во „Планот на Владата за борба против корупцијата“.
Останува да видиме кога и како конечно ќе се воспостави овој регистар. Следиме...
Герман Филков, 29.01.23.
Настрана хистеријата на патриотите и бројките, сосе кусурот, кој колку поседува, фрапантна е информацијата дека 36% од становите во државата - се празни. Тоа укажува дека дури и во услови на инфлација (оние со бројките за етничките кусури изгледа не ги засега инфлацијата), кога и побарувачката за станови е пониска отколку во мирнодопски економски услови, цената на метар квадратен расте лудо и незаборавно.
Знам, ќе дофрлат мудропрдловците од двете страни, поскапело железото, материјалите, ама и становите изградени во 90-ите, и оние во 60-ите, па дури и оние од 50-ите, па овие денешниве картон-ѕид - прдни-на-први-да-те-чујат-на-шести - пази богати инвестиција.
Би било добро, онака пост-ковид-изолациски, да пресмета некој ербап, по колку метри квадратни му следуваат на секој роб во оваа наша неслободна - како и да ја именувате - држава.
Мариглен Демири, Фејсбук, 01.02.23.
Најголемото откровение и воедно најверодостојниот доказ за вистинитоста на објавата на Третата светска војна е токму бугарското вето, бугарските ултиматуми и бесната колерична грозница што излегува од нивното нетрпение повторно на каков и да е начин да „администрираат“ со саканата Македоња. Бугарската психопатија влегува во емисија, дури еруптира, секогаш кога соседите ќе препознаат светска војна, и кога во големите геополитички делења карти ќе препознаат сила што ќе ѝ ја понуди македонската земја во замена за лојалност во војната. Тоа се случи во Првата светска војна, тоа се случи и во Втората светска војна, а тоа се случува и деновиве во Третата светска војна. Секоја чест, братја, никој на планетава не е во состојба да ја препознае својата шанса во светска војна како вас!
Мирослав Грчев, Слободен печат, 02.02.23.
Кога агент „Иван“ со неговите психопат-подопашници во Бугарија, координирано со нашите агентурни глисти, агент „Тутунар“ и агент „Зорка“, со оние ексантичко-александарски несреќници, денес репресирани Бугари од Битола, го презедоа орото, ние стигнавме до историско најлошите односи во нашите две држави и општества во изминатите седумдесет години. Но, тоа им беше целта, тоа им беше задача од господарите од Москва и од Белград.
Простољудието, неиформираните и емотивни медиуми и јавноста од двете страни на границата се фатија на јадицата. Враќање назад нема. Или многу тешко. За жал, кон ова оро се приклучи и официјална Софија, предводена од претседателот Радев. Тие избраа сами да ја доживеат и последната, четврта национална катастрофа во Македонија!
Благојче Атанасоски, Слободен печат, 03.02.23.
Вие не сте тука повикани да давате коментари и да поставувате прашања.
Крешник Бектеши, министер за економија, ѝ се обраќа на новинарка која го прашува: „Зошто Министерството за економија и Владата набавуваат поскап гас од оној кој е на берзата?“; СДК, 02.02.23.
На шеесетгодишнината од катастрофалниот земјотрес Скопје мора да доживее „ослободување“ од стиропорот и невкусот на „Скопје 2014“. Скопје е нашата престолнина која претендираме да стане Европска престолнина на културата за 2028 година.
Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура; конференција „Година на нови можности“, 29.01.23.
Во 2023 наместо да бидат таму каде треба, вмровски докажани и/или осомничени апаши од деведесеттите, еве ги по телевизии, глумат ријалити ѕвезди, оговараат, се караат кој повеќе крадел, кој повеќе пари донел во здружението наречено партија, кој повеќе џаболебарел...
Луѓе мои, ова е веројатно еден од поголемите порази на македонското општество. Заедно со фактот што сите овие се нели дел од власта, пардон - од европската коалиција.
Јадна Македонијо!
Катарина Синадиновска, Фејсбук, 30.01.23.
Не е Скопје европска престолнина на културата. Скопје е европска престолнина на кадровската депонија во културата!
Ѕвездан Георгиевски, Призма, 24.01.23.
Светот станува толку ебено плиток, што веќе не можеш да нурнеш во животот без страв дека ќе си ја скршиш главата од некоја глупава карпа на рамнодушноста.
Владимир Лукаш, Фејсбук, 03.01.23.
Од делот од имињата што МНР сепак ги објави, може да се забележи дека меѓу петнаесетината носители на МКарта речиси рамноправно, со по 50 отсто, учествуваат иселеници Македонци и Албанци. Околу тоа секако би можело да се дискутира, но не е воопшто спорно дека македонската дијаспора, се разбира, ја сочинуваат припадници на сите етнички заедници во Македонија. Таков е случајот, на пример со деветте „детектирани“ во Норвешка, каде што очигледно е применет методот на меѓуетничка албанско-македонска терезија во изборот на имињата. Но, во соседна Шведска, во која живее далеку побројна македонска дијаспора, позната по своето петдецениско организирано работење за афирмација на сето она што се нарекува македонска култура, не е „детектиран“ ниту еден поединец достоен да добие МКарта.
Меродавен одговор зошто е тоа така, би требало да се очекува од Бујар Османи. Но, уште повеќе би требало од него да се очекува објаснување што тој подразбира под „промовирање на Македонија“, кога е во прашање ангажманот и дејноста што ја остваруваат македонските иселеници и „нивната активна улога во промоција на нашата држава во странство“?
Ивица Челиковиќ, Слободен печат, 11.01.23.
Фашизмот е тема на петте книжулиња во третиот том на едицијата ОК.NO.
Десет песни од новата Темплум книга во едицијата „Модерна Македонија“.
OK.NO. - нова едиција книги по повод петнаесетгодишнината на нашиот портал.
Тони Димков го водеше разговорот со Никола Гелевски, основачот и главниот уредник на порталот Окно.