Конкурс за кратки раскази, преглед 14-22 февруари

22.02.2011 11:38
Конкурс за кратки раскази, преглед 14-22 февруари

Габриела Стојаноска-Станоеска

Радост

Радост“. Едно, две – „Радост“. Само тоа и’ се наметнуваше како име на расказ. Мавни ми се оттука, каква радост? – одрекуваше вртејќи со главата. Откаде сега пак „Радост“? Ела сфати ги насловите! Понекогаш се крајно неразбирливи, а безобразно нападни. Знаат дека на крајот им се исплаќа, па ете... Но, и да е така, од која дупка сега да го извади тој расказ што би одговарал на таков наслов? Се чувствуваше мизерно и знаеше дека на ред е некој мизерен расказ за некоја мизерна, бизарна или апсурдна ситуација. Умееше таа да ја препознае мизеријата и да ја измолкне како циркуска шамија од уста, па после да ја тутка и вообличува во некоја бенкичава разресена ситуација, во некој исторбешен повратен лик...
Но, „Радост“? Насловот во неа, кликаше: „Радост. Радост!“ Дури потпевнуваше: „Раааадооост!“ Што радост? – се чудеше очајната домаќинка на расказот. Која животна радост? Да, животот е убав! Животот е радост! Но, сега? Што значи сега ова? Ај, кога не можам да напишам некој убав радосен расказ, барем да напишам некој расказ со радосен крај и... мора да е тоа... тој ќе ми донесе радост, ха, ха.

Тостер

Напнатоста меѓу нив нарасна како тесто. Чадеа и чуреа со свртените грбови во двата агли на дневниот простор широк како фудбалски терен. Одеднаш, некаде во средината на отворената кујна, рипна препечено парче тост и во полукружен лак чвркна на ладните плочки. Двајцата со иста мисла се свртија еден кон друг и по само еден момент истовремено погледнаа кон кабелот на тостерот кој неприклучен лежеше на шанкот свиткан во форма на опавче. Второто лепче кое летна уште повисоко ги извади од ум и тие штрекнати се фрлија да го дофатат пред да падне на подот. Тостерот продолжи да исфрла лепчиња небаре полуден апарат за лото топчиња. За чудо, лепчињата имаа мирис на мајчина душа. За чудо, на двајцата им ги изгорија дланките и носевите. Не е никакво чудо што станот се претвори во пекол за само петнаесет минути. На крајот мирисаше на обична пепел.

Трка

Одделението е доведено до совршенство. Подовите светат. Лебарките се испратени на другите катови. Болничкиот кадар е беспрекорно хуман, помилуван од божја рака. Докторката ме гледа како ќерка, вели мајка ми. Неколкуте различни нтервенции во пределот на главата што се вршат на тој оддел не се крупни по својот зафат, тежината и времето потребно за изведување, но, како и сите интервенции бараат прецизност и знаење. Се изведуваат со локална анестезија и за сето време се разговара со пациентите. За што разговараат таму - не знам, но пациентите кои ги враќаат во седечка положба, во оние колички со големи тркала, без разлика дали се со преврзано око, уво или со чалма од завој околу главата, сите до еден имаат широка насмевка. Секој зафат започнува со техника за разбивање на стравот. Двајца дваесет годишни болничари доаѓаат со количките в соба и викаат: „Ајде кревет еден и два, седнувајте!“ „Подготвени?“ И „Врм, врм...“ започнуваат трка на едно колце низ долгиот ходник. Кој прв ќе стигне до операционата сала, тој прв ќе биде опериран. Утрово и е редот на мајка ми. Мене ми го дадоа марамчето да означам старт! Можеби сепак требаше да побараат некој пообјективен, јас навивам за мајка ми!

Ана Ефтимова

Момчиња

Околу два саат по полноќ, сè живо спие, улиците се прегледни но штури. Дува есенски ветар помешан со паднатите лисја. Од едeн премин меѓу две куќи се слуша глас. Момчиња на дваесетина години стојат и разговараат. Понискиот, во црн отворен капут, во рака држи полупразно шише црвено вино. Повисокиот е во светла јакна и фармерки, објаснува, но ветерот фучи силно, шумовите се гласни па зборовите не можат да се разберат. Повисокиот загрижено зборува додека другиот се налева со уште некоја голтка од виното, по што си ја избриша устата со ракав. Оној потоа му се приближи полека на својот пријател, го потпре на ѕидот од куќата и почна да го бакнува. Момчињата се прегрнуваат, се спојуваат цврсто од колената до главите. Во тој миг некој од соседните куќи излегува на чист воздух да се накашла. Додека се свртиш пак кон преминот момчињата веќе ги нема и само стакленото шише останува да се тркала по земја, туркано од ветрот.

Будење

Се измешаа сонот и свеста за реалноста, светлината му засветка во очите, отпрвин сивило а потоа миг на несфаќање каде се наоѓа, како изгубен. Се присети на настаните и сфати, добро е, тука е, сепак, а и каде би бил. Му надојде одеднаш нагон за повраќање, ко да трпеше нагонов додека овој спиеше и веќе не можеше да издржи. Набрзина се наведна над подот и поврати на три пати, тепихот го поплавија гадостите од неговиот желудник, неподнослива смрдеа, веднаш почна да му ја мисли како ќе го исчисти сето тоа, но претходно ќе мора да се освежи со ладна вода. Стана прескокнуваќи го жолтеникавиот вир повраќаница и се упати кон купатилото. Си плисна неколку раце во лице, си ја исплакна устата и се погледна во огледало. Првиот збор што му дојде во глава беше „пропаднат“: исушено бледолико, речиси мртовечко лице, вдлабнати образи, растурени веѓи, а само од потонатите очи, околу чија збрчканост се криеа долги часови болка, наѕираа две светло плави планински езерца; гледаше во нив како само тоа да му остана.

Омраза

Ќе ме обвини ли некој што ја мразам сопствената мачка? Ама ја мразам, ко што само човек може да мрази, ко што може да се мрази на светов. Да можев, ќе ја ставев во вреќа и ќе ја фрлев во река. Или можеби ќе ја отруев, во млекото ќе и’ ставев отров за глувци, ќе го испиеше, сто посто. Или да ја обесев, можеби така најуспешно ќе си ја насладев омразата, само ќе ја вразам за јаже и ќе ја закачам за нешто да виси. Но не можам да го направам тоа, етиката не ми дозволува, ме спречува моралот кој ми го вкорениле и, да му се невиди, ме кочи бе. Да не ме кочеше ќе ја средев уште поодамна. Море, како ќе и ги изведев зрцките, а бе ќе ја оставев да се пече жива во рерна, па нека писка, нека гребе по вжештените ѕидови, немаше да ми чуе, ќе си се ситев смеејќи се под мустак, да имав мустаќи се разбира, ама ги немам, штета што сум жена.

Размена

Со сестра ми решивме да си ги размениме профилите на фејсбук, така што јас ќе го земам нејзиниот, а таа мојот, за одредено време. Седнав и за првпат се вклучив на туѓ профил како да е мој. Толку многу луѓе, толку многу објави, и тоа од денес, ќе ми треба многу време само да ги разгледам. Но речиси сите поставени линкови ми звучат интересно, би требало да распоредам секој линк да го пуштам по две минути ако сакам да ги видам сите. Објавите, цитатите, и тие привлекуваат, види го ова: „Батка кој се согласува со тебе во сè што велиш, или е будала или се обидува да те соголи“. (Кин Хубарт). Колку е добро, морам да видам кој е човекот кој го поставил ова, и да видам кој го поставил линкот претходно што го слушнав, добра песна беше, мора да се тоа интересни луѓе. Чекај, некој пишува на chat, да одговорам прво, уште некој ми напиша нешто, во исто време и порака во inbox, не ми се верува. Еј, песнава ја знам, добра е, chat, пак inbox. Не ми се верува, во рок од пет минути милион луѓе нови ставија објави. Ова е интересно. Chat, chat. Ќе се мрднам. Некој ми ставил нешто на ѕид, и веднаш лајкови. Chat, чекај бе малку. Како постигнува? Chat: „Ќе дојдеш ли?“ Каде бе? Понуда за настан, изложба е изгледа, каде? Пак chat, де бре. Лудница.
- Е, овде е баш досадно, ај си ги вратиме профилите.
Уф, фала богу.

Различни светови

Прекрасен е, на многумина не би им се допаднал, но јас го обожавам она што другите не можат да го видат. Колку е само опуштен, дошол со бушава коса и во нешто што наликува на пижами, како може да биде толку природен? Оргинален е и инвентивен, тоа му се чита на целата појава. Постојано се смее и зборува, со рацете во џебови, мора да кажува нешто многу интересно. А како само го следат другите, го почитуваат, сто посто. Треба да му направaм муабет, да видам дали е таков каков што мислам дека е, но за што? Имам милион теми кога сум со луѓе што не ме привлекуваат, а сега немам благе везе што да речам. Можеби дека ми се допаѓа тоа што го прави, оттаму би почнале, да.
- Здраво.
- Здраво.
Кој кур, и онака припаѓаме на различни светови.

Филип Димкоски

Жолтиот лист раскажува

Ех, кога си бев млад и зелен, сите ја гледаа мојата убавина, а со тоа јас се гордеев. Сега нема на што да се гордеам. Остарев,ожолтев и веќе никој не ме сака. Се држам на една тенка жила од дрвово. Ако паднам во поточето, којзнае каде ќе ме однесе. Па, ако дувне северко ќе ме однесе многу далеку. Барем од кога ожолтев не ме грицкаат полжавчињата и црвчињата. Само да ви кажам: ,,Најубаво е кога си млад“.

Катерина Диманова

Сонот на самата

Реалноста беше нејзин патоказ.Таа знаеше каде отиде нејзината мајка.
Целото тоа време ја криеше во подрумот на нејзината баба себично и истрајно, беспрекорно надевајки се дека нема да ја откријат.
Доагаа двајца кои сакаа да ја земат. Ја затвори вратата од подрумот, ги затвори прозорците од терасата, не сакаше да ја пушти.
- Дали сакаш да останам?
- Не, не сакам, нека те земат, не си ми потребна.
Одекнуваа шепотења од таванот кој служеше како визба за тутунските топови од бербата во 2021. Дојдоа, ја извлекоа низ клучалката и сонот исчезна.
Кога дојде таа година, кога сè уште времето не поминало на мојот часовник? - се запраша.
Погледна во кафето на масата. Тоа ја потсети на последното кафе кое и’ го свари на мајка си. Реши да отиде и да и’ го однесе.
Нејзината реалност пак осамна.Таа остана пак сама.

Новата таа

Стругаше, стругаше, сакаше да ја измие целата нечистотија од своето тело. Калта што се наталожила од многуте мрцварења низ градот што и’ го гризеше желудникот исто како термитите во дрвото. Ноќ вредна за паметење. За првпат се чуствуваше чисто. Застана пред огледалото и за првпат се виде себе. Со помош на некое чудно чудо се почуствува себеси. Го симна товарот, ја изми душата, за да може понатаму да лебди низ воздухот. Стана бесмртна и се ослободи од нејзината сенка. Да, таа е бесмртна. Токму таа која се избања, се просветли. Самотија и’ требаше.

Д. Коцев

Ден на ѓубрарите

Вторник е. Ден за фрлање на ѓубрето, ден-празник. Сите го исчекуваа нестрпливо.
Дотерани, средени. Постарите уште пред изгрејсонце се подготвуваа, за последен пат ќе ја исчистеа куќата, ќе подготвеа убав семеен појадок и ќе ги разбудеа помладите. Овие пак веднаш на нозе, редици пред бањите. Децата, кои со денови постојано прашуваа за датумот, сега скокаа, пееа песни, во рацете носеа балони и украсни ленти. Тие требаше да ги пречекаат и да ги понудат со локум. Најпочитуваните членови до перфекција ги чистеа оделата за посебни пригоди, внимаваа на ноктите и ја мазнеа косата. Како се приближуваше часот улицата стануваше сè пожива. Си простуваа скараните, се пееја песни, свиркаа, имаше и тезги за пуканки, играчки, шеќерна волна. Одвреме-навреме ќе се слушнеше и по некое пиротехничко средство - оправдано.
Конечно, пристигнаа и ѓубрарите. Грмна ракоплескање, солзи радосници во очите, кубење коси, туркање... А тие поминаа, за минута го собраа ѓубрето и продолжија кон останатите слепи улички каде исто така имаше насобрано народ. Сега сите ќе се подготвуваат за наредниот вторник.

Белците незнаат да скокаат

Некои зими се особено студени, за тоа говори и фракталната уметност на прозорците во стилот на „Апофизик“. Топлиот и сув елемент на старогрчките филозофи сега полека го голта парчето дрво со нејасни иницијали, малку црвливо - пламен низ космички црвоточини. Има некој мирис, пријатен, што ти нуди сигурност, кога не си во оние дваесет и пет степени животна благонаклонетост. Од порано некои спомени на тапи удари на секира, во срцевината, на половина годови, па уште на половина... Плева во очи. Спомен за единственото дрво, на ова голо брдо, од кое, сега само корени кон центарот на земјата. Гранките посегнуваа кон небото, тоа со снег го допираше, сега трупец, што сопнува во темница.
На интернет се запознав со една жена од друга галаксија со сложено име, во чест на Месиер. На круната, горе високо меѓу гранките створени за седење бев поблизу до неа. Си шепотевме, се допиравме, со прст и пишував спојувајќи ѕвезди. Утринско кафе, вечерни закуски... Љубовта не познава светлосни години. Еве го нема веќе дрвото, само скокај, скокај и колни гравитација.

Вселената се шири, галаксиите се оддалечуваат,
а белците незнаат да скокаат.
Јас на прсти како балетан.

Закони и изреки

Човек без религија е како риба без велосипед. Молчи како риба, молчењето е злато. Обожавам златни риби. Тие исполнуваат желби, се разбира, ако ги пуштиш на слобода. Слободата е најубавото нешто што човек може да го има. Сè што е убаво кратко трае. Имајќи предвид дека времето е релативно (зависи од која страна на вратата на тоалетот си), некој порано, а некој подоцна ќе го разбере тоа. Со делби нема разбирање, па луѓето што ги делат луѓето на два вида, ги вбројувам во вторите. Па сега, човек на човек бил волк, ние за него, волкот на врата. Волкот ја нема онаа итрина на лисицата. Честопати греши, човечки е да се греши, никој не ги забележува големите грешки. Точно, но зошто велат, глупав си како коњ? - Што сакаат нека велат, лицемери, зад секој добар коњ се крева прав. Кукавици едни, ги рекетираат гнездата на славеите, и на нив некој фрла камен, но само женките кукавици. - Шовинист! Шовинистите се свињи,
Дебели свињи, непоправливи. Тогаш се нерасипани. In pig we trust!

Андреј Трајчевски

Цигари

„Ги мразам цигариве“ - со жар во очите извика додека ја гаснеше својата во полниот пепелник, не гледајки, веројатно од димот, дека и тој самиот беше цигара. Уште некое време сееше пепел; потоа догоре и го изгасија таму, во пепелникот, каде што впрочем завршуваат сите цигари/пикавци.

Симке

***

Ја погледнав таа градба на слики, беше неверојатна. Толку прекрасна и воодушевувачка. Ги дадов последните пари да отидам да ја видам во живо. Сакав да го соочам мојот поглед со градбата. Отидов, и кога ја погледнав одблизу, сфатив дека оваа градба е ужасна. Исто како и луѓето. Однадвор се прекрасни, сè додека не се приближиш до нив.

Моника Митевска

Последен ден

Последен бакнеж.
Последна насмевка.
Последна солза.
Збогум. А зошто, кога тука сум уште?
Те гледам и не можам да поверувам дека е за последен пат.
Но, не ти тука ќе си утре. Ќе имаш нов бакнеж и нова љубов, а јас? А нашето засекогаш? Сè ќе биде тука. И ти. И таа. И сите околу нас. А јас... мене веќе ќе ме нема.

Секојдневие

Барам денар, не добивам. Што е роденден? А диско? Никогаш не сум видел компјутер? Ти имаш сè, дај ми барем денар, јас од тоа живеам. Но не, пак ме одмина. Тој е десетиот денес, или не, јас до десет знам да бројам. Училиште е мојата улица. Семејство сите што минуваат по неа. А ти не сакаш да ми дадеш денар? Зошто? Затоа што сум црн? Погледни во мојата душа, бела е. Сега ќе сакаш да ми дадеш денар?

Arrested Development

Прв Состанок

Ивана! Здраво. Овде Марко, сакав...сакав да...Не! Глуп еден! Здраво Ивана, овде Марко и си мислев... Не туку мисли, идиоту еден! Здраво Ивана, сакав да те прашам дали си слободна, ако сакаш, не дека мораш... Не дека мораш? Што збориш бе? Марко, смири се, ти го можеш ова. Ајде. Дигни ја слушалката. Сврти го бројот. Само храбро.
Претплатникот не е достапен во моментот, ве молиме бирајте подоцна...

Некои нешта ги нема во книга

Владо ужива во малите моменти кога си се посветува себеси. Тоа е единственото задоволство што му остана во животот освен читањето. Родителите му беа одамна починати, а жена и деца немаше бидејки беше премногу срамежлив да и’ пристапи на некоја девојка. Омилен дел од денот му е кога ќе си дојде дома и ќе седне пред телевизорот да ја гледа омилената серија додека си го јаде сендвичот со шунка.
„Ах, ништо поубаво од топол оброк во сопствениот дом“, си мислеше.
Владо секојдневно дознаваше нови информации за светот што го опкружува. Знаеше многу за ѕвездите, планетите, животните и растенијата. Тоа што Владо не го знаеше е дека има само уште една недела живот.

Никогаш повеќе

Седев вкочанета и преплашена. Секундите делуваа како часови додека тој со рамнодушен израз на лицето ми нанесуваше болка. Никогаш повеќе, никогаш повеќе, си велев во себе, стискајќи ја тупаницата врз коженото седиште. Не може ли да го види ужасот во моите очи? Нема ли малку сочуство за мојата агонија? Со голем професионализам продолжуваше да ја врши гнасната работа кога во еден момент сопре и со смирен тон ми рече: Исплукајте ве молам.

Љубов

Тој ден делуваше обичен како и сите денови пред него. Улиците беа преполни, луѓе еден куп, деца вриштат насекаде а еден пар безгрижно си се шета низ паркот.
- Погледни кутија! - извика девојката земајки ја металната кутија в раце.
- Отвори ја - љубопитно и’ рече момчето
Девојката без двоумење ја отвори кутијата и од неа излета ништо друго освен една одамна заробена душа.
- Ви благодарам млади луѓе за добрината што ми ја сторивте и што ме ослободивте од темнината на таа кутија. Како знак на благодарност на двајцата ке ви исполнам по една желба - им рече душата возбудено
Момчето ја погледна девојката во очи и цврсто изјави:
- Сакам нашата љубов да трае до крајот на вечноста!
Девојката го тргна погледот од момчето, ја погледна душата и проговори:
- Јас... јас би сакала да е крајот на вечноста.

Матурска вечер

Ене го Дејан цел бубуличав. Уште тој остана без партнерка за матура. Зошто мора да сме повеќе женски отколку машки во одделение. Се надевам дека ќе ме праша да му бидам партнерка до крајот на одморов. Подобро грд партнер отколку воопшто без партер како Сашка дебелана од последна клупа.(Ја погледнува Сашка која пика Смоки во устата.) Еве го, доаѓа накај мене, ДОАЃА НАКАЈ МЕНЕ!
- Здраво Сара, сакав да те прашам нешто...
- Е, прашај де...
- Има ли Сашка партнер за матура?

Ed Bloom Young

!, * ...

Книгата ја зедов од библиотеката. Веќе на втората страна ја препознав неа. Секогаш позади себеси ги оставаше истите ознаки. И секогаш покрај оние делови кои нè
скокотнале, но јас никогаш не успеав да ги одбележам, таа беше секогаш чекор пред мене. Ја затворив и оваа книга. Таа веќе беше прочитана.

Прв состанок

Се сеќавам на тој ден, сè уште, после години и години можам речиси да го опипам. Знам дека бев малечок и дека тоа беше мојата прва љубов, тоа беше мојот прв љубовен состанок. Кога завршив со секојдневните домашни обврски, стокмен целиот тргнав кон вратата. Се случи тогаш татко ми да ме повика, ме врати назад во собата во која седеше и ја вкусеше домашната ракија од чоканчето. Не знаев зошто, но ми ги побара ножиците. Почна да ми ја крати косата. Кратеше како што знаеше и умееше без причина, туку така, а јас тивко треперев, молчев... Го видов мојот одраз кој се оддаваше на прозорецот, бев едно сирото, потстрижено копиле, остана само мал дел од мојата бујна црна коса, раштркана низ главата, оскубена, бедна.
Не отидов на мојот прв љубовен состанок, никогаш немав прв љубовен состанок.

Марија Веселиноска

***

Телото беше на работ на колапсот. Навистина се исцрпив и после тешкатa физичка работа, со нетрпение се спружив на креветот. Едвај успеав да ги соблечам чевлите, пробав и чорапите, но не успеав. Спиев. Сонував.

Немаше слики, само чувство на страв. Одев, одев и одев... газев суви лисја и го слушав нивниот кршлив звук. Сè уште се плашев. Во мене извор на чувства, студена вода и жешки пламени црвеникав оган. Потоа темнина. Сега го немаше оној кршлив звук од суви лисја. Се качував по скали. Се повеќе ми недостигаше кислород, крвта ми струеше, а дишењето ми стана отежнато. Подзастанував уште некое време, потоа стравот исчезна. Го проголта белата светлина која ја видов на крајот на тунелот. Конечно светлина, се смирив, се радував. Сакав што побрзо да стигнам...

...се разбудив...

Празнина

Љубов во капките дожд, во ветерот кој ми ја мрси косата, во болката која ме прогонува и во солзите кои ме поплавуваат - секаде ја има, ја чувствувам бидејќи е толку присутна колку што боли нејзиното отсуство.
Секогаш наидувам на моќни чувства, онакви кои ме заробуваат, чувства полни, за жал, само со празнина.
Го гледав секој ден, поминуваше покрај мојата куќа. Секој ден, пет часа откако сонцето ќе блеснеше на небото. Броев, знаев кога ќе помине, чувствував. Ја чешлав косата, а потоа нагло се стрчував крај прозорецот. Тој веќе поминуваше. Висок, згоден, со прекрасни очи. Ми се насмевнуваше, а понекогаш срамежливо ја подигнуваше раката. Не ми беше грижа што беше десетина години постар. Беше волшебен. Ми подари страст, а тоа за мене беше вистинскиот знак. Го љубев. Чиста и искрена платонска љубов. Сакав да му кажам колку го љубам. Се спремав.
Врнеше дожд и дуваше силен ветар. Но бев решена дека денес мора да дознае. И токму кога поитав да му откријам, го здогледав под еден голем чадор. За рака држеше вита жена на негови години и притоа заедно туркаа бебешка количка...
Повторно истата празнина, среќа што врнеше дожд па солзите ми се соединуваа со капките...

Zhaa-G00 BAR

Курва

Твојот омилен актер, со кого имавте ист духовен водач, обожаваше икикеф, или како и да се викаше чинот во кој додека ја ебеше жена си, некој истото му го правеше и нему. Ти само сакаше да пиеш кафе во нивната викторијански уредена куќа. Курво една! Зарем навистина веруваше во твојата чистота, во твоето вечно „не за дроги“? Курвоооо, зарем навистина мислеше дека се пристојни актери што те засмејуваат? Ти беше студен намќор, не можеше туку така да го добиеш тоа, смеата ти доаѓаше од шишенцето поперс... „Што е ова?“ - „Капки за нашата нолина. Прекрасна е, зарем не? Има тенко тело со задебелување кон коренот. Исто како и твоето, хммм... исто како твоите колкови...“ Ти ги допираше косите со раце претходно натопени во којзнае каква хемикалија... „а косата ти е права како нејзините лисја“. И не требаше многу додека соковите не ти протечат по стеблото.
Ооороспијо! Кога те најдовме издрогирана во нивниот подрум те засакав уште повеќе. И сега те сакам и пишувам за тебе. Слушнав си станала јаготка. Дојди кај мене, ќе те дупам за да се пукнеш. Курвоооо, оти од кур не ме акаш? - Можеби ме љубиш?

Марлен

Куртоазија

Еднаш, сосема случајно, не по моја желба, Бог ме покани на ручек во неговата куќа. Огромна му беше кујната, и многу чудни гости имаа испоседнато, небаре апостоли. Подоцна разбрав дека некои од нив се принудени да седат таму. Јадењето го поставија две-три чудни госпоѓи со страдални брчки и блажени насмевки. Сите нешто чекаа, а јас како незаинтересиран дух, таму не сум по моја желба а не сум ни принуден да бидам, ја земав вилушката и земав еден залак од чудната суштина во чинијата. Не ЈАДИ!! - со строг тон ми рече несреќникот седнат спроти мене .Јас со недоџваканото нешто во устата, во рок од 15 секунди осетив врховни божји камшици по свеста, и наредните 10 минути се борев со своите нерни завршетоци, воспевности од наплив на бизарни телесни функции. На крајот, божјиот глас допре до сите пристуни да се изгубат од просторијата. Бог си ја собра својата мрсна брада, молчешкум си влезе во својот раскошен дом, и никогаш повеќе не ми се обрати. А и никогаш не ни сакал да ме покани, сè било игра на случајност, да не речат после дека не бил семоќен.

Тодор Сибиновски

Размисли

Доживеа да ги надживее своите родители,

Но не за долго!

Генетскиот материјал кој му го оставија во наследство беа билиони светкави златца кои ветуваа длабока старост! Но ветувањата се едно, а металната хебла директно во главата е нешто сосема друго!

Често се прашувам, каков ли ќе биде мојот крај!?

Љ.Такашманова

Барај ме...

Колку сакам таинственост...
Јас градам тајни премини а ти ги уриваш. Јас везам волшебни превези а ти ги продаваш. Јас го кријам сонцето само за да биде ноќ а ти како дете плачеш по зората. Дури и најобичната работа на светот е прекрасна само ако се пронајде. Затоа барај ме...! Низ темни лавиринти во непостоечки светови, во напнати ноти на фиктивни симфонии, во искинати платна на мртви сликари... и можеби еден ден кога ќе се заситиш од темнината и сè што е мрачно и нејасно, јас ќе ти бидам единствената светлина во животот.

Тули и тишина

Архитектонска еуфорија... згради, кули, улици. Дење – ноќе само згради, кули, улици. Во сонот гледам како естетиката ми бега пред очи. Аномија на уметноста, на визионерот – човекот со скици, прави линии и ситни бројки. Видот ми го косат градби предвреме осудени на презир поделени на наши и ваши, на нови и стари, на десни и леви.
...тивка граѓанска војна, марионети, стар сомот и искинати плакати. Тивок страшен немир скриен помеѓу згради, кули, улици.

Човек

Човекот е олицетворие на комплексна хаотичност. Имбецил на современото општество и воопшто на сето време наназад. Битие на парадоксот каде што не умее да ги следи дури ни советите што си ги дава сам на себе. Во заблуда бил оној кој ја дал онаа хиперболизирана дефиниција дека човекот е единственото разумно суштество на планетата.
...дури и лилјаните во градината знаат повеќе за себе, а исто толку знаат и за росата што ги покрива наутро.
Мануела Златкова (Штитеникот на дупки)
Посебната волшебна улица, со секојдневната дупка
Полна со вода, кралицата сепак згазна врз мене. Знаеше дека сум посебна, во посебната споредна, волшебна уличка во предградието. Во тој момент се сопна и падна... Извинете, јас не сум виновна, посебноста на уличкава е виновникот. Тогаш кралицата сфати дека само го извалка фустанот од свила со дијаманти.

Тони Павлески

Прашање

После она што го разбрав за него, нестрпливо очекував да го сретнам и да фатам кавга. Но, кога се случи средбата јас, едноставно, не знаев како да почнам. Навидум сè уште, онака пријателски, успеав само да го прашам каде го оставил човекот. Тој, не разбирајќи ме целосно, ми рече дека бил сам, дека не носел друг човек со себе. Невидливо во себе се насмеав и не продолжувајќи го разговорот, го одминав. Можеби во тие мигови и јас со својата двосмисленост, подзаборавив на човекот во себе.

Кучка

- Кучке една! – и’ викнав, додека таа онака понизно ме погледна под око, се поднаведна, постое малку, а потоа клекна во аголот. Сакав да ја утешам малку, да ја погалам по главата, но се премислив. Нека ја, и таа малку нека страда кога не знаеше да ме предупреди дека си доаѓа сопругата, па ме фати на дело со комшивката. Во аголот од дворот, крај неа си ги прибра малечките, и оттаму, сепак задоволна што не ја удрив, мрдна со опашката.

Перун(ика)

Жолти или опапагалосани?

„Плавуша: митовиц (упс... вицомит!) или вистина? – беше денешна тема на муабет во кафулето преку улица“, ми рече Наре.

- Велиш сосила пожолтуваат? - сечејќи му ја мислата, праша Трачка.
- Па така, црнокосата Маслена, најбубалицата во клас, се прашуваше како да стане попривлечна – присеќавајќи се на средношколските денови, продолжи Растко.

Школските Огов и ‘Рчков „четувајќи“ на „скајп“:
- Ја паметиш?
- Двојкакана! Со по пет кеца на полугодие?
- Со подникнатине корени? Нискоинтелигентнана!
- И, оп! Едно мануално чирибу - чириба со магично хидрогенче! Маслена стана плавуша – се доизрече раскажувајќи.
- Ама, нели, велат - плавите се глупави? – се збуни Прашувачката.

- И колешка ми Аншта, бринета со просек 9,8 на факултет, се офарба жолта. За да си ја скрие интелигенцијата – поентираше Растко.
- Се сеќавам, де! Аншта велеше дека мажите се плашеле од паметни жени. Затоа се опапагалосала. Што има врска тоа со тоа? – тешко расудуваше Трачка.

„Неана е природно жолта. (Како диња!) Оди, па оцени, колку и тежи паметот според бојата“, си помислил Наре, седејќи на соседната маса, некултурно прислушкувајќи ги двајцата сопружници.

Сонувачката

Продавница од соништата

Кога во градот ја отворија продавницата, сите беа прво зачудени, па возбудени, а потоа возбудата премина во хаос. Продавница за души! Ох, каква можност беше тоа! Сите ќе можат конечно да си добијат душа! Дојде тоа што толку многу им недостасуваше. Гратчето зуеше од оваа новост и сите избезумено трчаа до продавницата. Таму следеше одбирање на душа, а потоа горделиво излегување од продавницата. Сите носеа по еден убав пакет и со насмеани лица си одеа дома. И со денови така... возбудата не спласнуваше. Толкаво количество среќа не можеа да претпостават дека ќе се случи! А се случуваше. И беше прекрасно! Сите весело одеа по улиците потскокнувајќи, се гушкаа меѓу себе, се радуваа, се почитуваа, се сакаа... Конечно не беа повеќе само пусти тела без душа.
Тоа утро беше сиво, имаше маглина, а улиците беа помрзнати, снег не паѓаше. Градот беше пуст, само по некој граѓанин со блед изглед на тридневен мртовец ќе поминеше со спуштена глава и раце закопани во џебовите полни со пари. Па уште некој таков мртовец ќе поминеше, но сите заминуваа и никој ништо не зборуваше .Никој немаше храброст да изусти.
Тој ден не ја отворија продавницата за души. Ни денот потоа. Ни никогаш повеќе впрочем.
Немаше повеќе души за продажба.

Лидија Каранфиловска-Жикиќ

Ноќно кафе

Две црни очи, станаа едно големо око кое веќе не личи на око и стана еден мал остров кој почна да плови од брег до брег на нешто што порано беше лице.
Една голтка го измести релјефот. Ги испив очите, острoвот и лицето. Низ еден прстен гледам други можни светови.

Ананда

Дуалност

Вечно растргната помеѓу желбите и реалноста. Да, тоа сум јас! Проклетата дуалност ме изеде-час сум рационална, час емотивна до граница на патетика. Го мразам фактот што сум толку беспомошна и што заборавив како е да се живее сопствениот сон. Некогаш сакав да бидам писател...а сега му робувам на моливот, но од поинакви побуди. Се сеќавам, како ќе купев некоја книга и истиот момент ќе ја гушнев како штотуку родено бебе и ќе помислев - аххх... еден ден моето име ќе биде испишано на вакви корици. Паметам, сите ме мислеа за поинаква и чудна, а јас впрочем бев единствената СВОЈА во толпата на тие изгубени души. Јас знаев што сакам. Јас бев господар на сопствените мисли, желби, зборови. А сега... сега едноставно остарев и заборавив како е да се сонува. Еве... токму овој миг се трудам да ги премотам лентите и дојдам до моментот кога за првпат моите соништа беа распарчени од плочникот на она кое возрасните го нарекуваат зрелост, а мудрите го нарекуваат глупост. Не сакам да сум зрела, не сакам да живеам во рамките кои ограничуваат... сакам да сонувам, сакам да пишувам, сакам во сопствениот одраз да го пронајдам она нешто кое се нарекува Јас.

Исто небо

Зарем не е иронично? Сето она кое го читаше во оние романтични романи копнеејќи голема љубов да и се случи и на неа, се обистини. Но, за волја на вистината, Таа не се надеваше дека таа голема љубов ќе заврши вака. Стоеjа пред таксито кое отчукуваше а возачот нервозно воздивнуваше и коментираше како денешната младина не знае да го почитува тешко заработениот денар, па сега тој-возачот мора да чека некакви модерни Ромео и Јулија да се испратат и појдат секој по својот пат. И повторно иронија - отчукува таксиметарот, но отчукува и нивното време. Тие не можат да бидат заедно! Таа заминува во својата земја, каде ја чекаат лажните амбиции, моралните родители и лажливите пријатели. Дождот не сака да сопре. Се чини, како да небото плаче заедно со овие две изгубени души. Таа го погледна низ нејзините залепени трепки додека маскарата се слеваше во нејзините очи. Има ли потреба од зборови меѓу две срца кои говорат низ тишина? Ја бакна за последен пат и и рече - “Моето срце останува со тебе, да те следи каде и да одиш и колку и да си далеку од мене. И секогаш кога ќе погледнам во небото, ќе помислам, сепак истото небо не покрива.”

Сакам да пишувам

Уф, колку сакам да пишувам! Секоја буква, секој збор се како еден атом од мене кој го ослободувам врз овие страници. И тогаш...следи она чувство. Чувството кога од душава ќе излезе и последниот збор и мислата ќе заврши. Аххх... тоа чувство на празнина, на леснотија. Да, токму затоа сакам да пишувам! За да го почувствувам она што не е ниту почеток ниту крај, како што многумина мислат, туку празен простор... во кој се може да почне или заврши, како јас ќе посакам и во моментот кога јас тоа ќе го посакам. Еххх... таа точка на крајот ќе ме остави без зборови, но ќе ми го отстапи сиот простор, сиот Универзум на располагање... и вечната тишина на чии вибрации ќе танцувам.

Сонувам

Отсекогаш сум се чудела на сопствената способноста да сонувам! Ќе помине ли барем една ноќ а јас да не трчам забревтано од убиецот кој ми е зад петите, од погрдните зборови на мајка ми, од бакнежите кои ме тераат да се насмевнувам слатко, но тогаш ги отворам очите - и сфаќам дека се било сон. Сон...само обичен сон! Ништо од мојот љубовник кој ме опсипува со бакнежи и црвени рози, но сполај му на Бога - ништо и од морничавиот убиец и неговата зла насмевка. Се прашувам понекогаш, кога сум навистина будна, а кога пак сонувам? Каде е границата меѓу сонот и јавето? Што ако ова кое го нарекувам живот, ноќ, ден, фамилија, дом... е само сон од кој ќе се разбудам? Веќе додека ова го пишувам, чувствувам заморот како ме обзема. Се чини, пак ќе сонувам.

Живеј

Се наведнав за да можам за последен пат одблиску да ја почувствувам неговата кожа. За да можам за последен пат да се видам себеси во неговите очи. Тој умираше а јас не можев да направам ништо во врска со тоа. Животот е река, некој ќе рече, а оваа река тукушто пресушуваше пред моите очи. Не смеев да плачам, не смеев да тагувам - не...тој е сеуште тука покрај мене. Тагата ќе дојде подоцна, неочекувано и одненадеж како и оној момент кога докторите ни рекоа дека има уште неколку месеци живот. Што да му се каже на човек кој умира? Како да се олесни моментот кога знаеш дека крајот доаѓа? Зошто сево ова не е само претстава по која ќе следи громогласно ракоплескање, а Тој, главниот јунак ќе рипне од смртната постела и ќе се поклони на бројната публика? Зошто... сепак одговор нема. Се наведнувам над оној кој некогаш бликаше сo живот, а сега е само сенка. Го чувствувам здивот на смртта насекаде...и ги слушам неговите последни зборови - Живеј и радувај се! А потоа молк... и моите солзи кои единствено сакаат да му го исчистат патот додека Тој чекори кон рајот.

Александра Петрушева

C’est la viе

Растојанието од афирматив до негатив е како од зебрата на пешачкиот до автопатот. Неверојатно остра, граничи со пеколниот пир. А што кога интерогатив ќе се вмеша, а зелената боја на семафорот се искачува на Монт Еверест? Да исчекувам или да интервенирам принудувајќи ја на банџи џампинг?
... Сè што сакав беше “реално” адаптирано, Ројал резиденс пред мојот видик на случувања и активности, и само двеминутен говор пред кралицата. Но што со растојанието од реалното до нереалното и стартувањето на “можеби”, зачинето со фантазија? Што вели мојот неделен распоред? Зар да ја суспендирам можноста за подобри времиња? Излегов од реалното, па што да се вратам ли? Па Балзак стана мојата жртва, судбините на Рафаел и Горио се во мои раце. Но да се просперира во имагинацијата е исто како да се слави пораз во битката со должината на животот. А поразот е сигурно сознание, па зошто тогаш му се чудиме кога ќе дојде???
И сега да се вратам ли, или да го поднесам поразот достоинствено, со стил, како и победата, дали да се распостелам по алегоријата на опсесијата која крева и соборува? Се прашувам дали останаа човечки страсти и желби, или општите контури на пропаста се денешен класик?

Едмонд Фејза

Или – или

Се мислеше тоа утро дали да проспие уште еден час или да стане. Знаеше дека ако спие, ќе има еден час помалку. Изгубен час. Букфално изгубен час што нема да може да го врати назад. Но, од друга страна, ако спиеше уште еден час знаеше дека ќе добие неповторлив сон. Знаете, оној сонот кога ти звони алармот а ти си викаш „уште пет минути“. Си спиел цела ноќ, ама ги памтиш тие пет минути. Оти секоја минута ти се чини толку слатка, долга минута, а сепак кратка. Па затоа ти се брзаш да проспиеш повеќе. Патем, како може човек да проспие повеќе во една минута? Една минута си е една минута. Ама може – ако знае дека секој миг треба да се разбуди. Ако сонот му е сон. Ако спие, а е свесен дека спие.
Размислувањето кратко траеше. Обично толку размислува човек кога е ненаспан. Очигледно, се одлучи за сонот. Уште еден час сон. Уште 12 пати по пет минути задоволство.

демијан д.м.

Чекање

ги отворив очите и го видов прекрасното небо. има чуден правоаголен облик. ја вртам главата во чудење. не знам каде се наоѓам. зошто сум легнат? какви се овие земјени ѕидови околу мене? наеднаш нешто паѓа кон мене. ми паѓа на лицето. го вкусувам. па тоа е земја. јас лежам во гроб и ме закопуваат! да станам и да вриснам. не. ќе ги вознемирам сите беспотребно, веќе се помириле со мојата смрт. всушност и доста сум уморен. сигурно имало добра причина штом сум умрел веќе еднаш. најдобро е така и да останам. ги затворам очите и чекам. мачно е да се умира повторно.

Викторија Мирческа

Помалку шарен фустан на голата Вистина

Ја гледам Вистината пред мене. Гола. Ги искина сите лажни шарени фустани во кои ја облекував. А јас се изморив од прешивање и закрпување на сите парталчиња. Ме победи. И сега стои гола пред мене. Грда е, и не ја сакам. Но Кројачот на мојата судбина е безмилосен. Нема да ја покрие овојпат. Ја остави пред моите очи и не можам да ја тргнам од видикот. И ако успеам барем за миг да не ја гледам, тоа не значи и дека ќе можам да ја заборавам. Нема да исчезне.
Промени ја, помилувај ја. Имаш ли барем милостива прегратка за да ја прекриеш? Имаш ли барем искрен поглед за да ја погледнеш? Ги разбираш ли зборовите во нејзините очи? Каде е твојата Вистина? Сè уште ја криеш? Разголи ја и погледни ја! Донеси ја пред мојата Вистина, ќе се заљубат. Потем долго ќе водат љубав, ќе се сакаат и сè ќе си кажат вистински...бидејќи се вистини... голи вистини...немаат што да кријат. Тие не се плашат како нас, не сакаат да се облекуваат и покриваат како нас, не се срамат како нас, затоа се сакаат вистински.
И што сега? Нешто се менува? Не. Ова беше само уште еден помалку шарен фустан на голата Вистина. Но таа сè уште е гола и цинично зјапа во мене. Безобразничка!

Залутан талкач

Како залутан талкач... како бездомник кој бара покрив над глава во невреме... во бесознание бегам. Бегам и од себе, барам да се скријам таму каде што ќе бидам разбрана за тоа што понекогаш можеби и самата не се разбирам. Се засолнувам дури и под дрво со само едно ливче, развеано на сите страни од ветрот на времето и животот... но понекогаш ветрот го носи и над мојата глава. Само за момент. А јас го сакам само за себе.
Уморна сум од бегање,уморна и од силата што до сега ме држеше да останам храбра и да издржам. Но таа сила е само стаклено ѕвоно под кое крилјата на пеперутката ја губат својата моќ не можејќи да се рашират со сета своја раскошност. Ми треба мирисот на цветот кој повикува од далеку, од највисокиот врв на највисоката планина каде само небото е покривот под кој може да се издржат сите бури.
Чекорам без правец, без цел. Не знам дали се искачувам кон невидлив врв или тонам во бескрајна бездна, а сепак сум само на едно место,на една точка, која не е ни почеток ни крај.

Гала

Птицата и рибата
Рибата се чувствуваше осамено. Толку долго го имаше тоа чувство што се навикна на таа состојба, дури ја прифати како природна.
Еден ден, додека пливаше мошне близу до површината на водата, таа здогледа една птица. Одпрвин, се уплаши. Меѓутоа, оваа птица не беше од тие грабливи, крволочни галеби. Не, таа беше од прилика иста големина колку и рибата.
И птицата ја забележа рибата, и продолжи да лета во иста насока во која што таа пливаше, или можеби беше обратното. Толку долго пливаа и летаа на тој начин, што не можеше веќе ни да се каже.
Меѓутоа, ноќта падна и се разделија. Рибата беше возбудена цела вечер, не знаејќи точно зошто. Штом се раздени таа веднаш тргна да ја бара птицата. По кратко време, ја здогледа, овој пат леташе уште поблиску до површината на водата. И тој ден го поминаа на истиот тој начин се до ноќта.
Од тој ден па натаму, рибата и птицата ги поминуваа сите свои денови заедно. Ете, на тој начин се вљубија една птица и една риба, и, можеби дури и истовремено, се запрашаа каде ли ќе живеат?

За мене овојпат се

За мене овојпат се издвојуваат Ане Ефтимова-Омраза,Марлен-Куртоазија,Демијан Д.М-Чекање иако пишува со мали букви,можеби е некоја фора која не ми е позната и секако Перуника со луцидно испревртените имиња и извртени дијалози.

и да не ја заборавам Габриела

и да не ја заборавам Габриела со Трка,во нејзин стил

'Омраза' на Ефтимова и 'Прв

'Омраза' на Ефтимова и 'Прв состанок' на Ed Bloom Young

Катерина некако ми остави

Катерина некако ми остави впечаток со нејзината ониричка фантастика во Сонот на самата.Малку поразлично од нејзините претходни објавени раскази.Бравоо!!!

Се слагам со вас друже

Се слагам со вас друже книжевник,претходните раскази и’ беа малку луцидни и неразбирливи,али „сонот на самата“ е една длабока исповед проткаена со фантастика.Поздрав за позитивната промена!

Arrested Development !!!

Arrested Development !!! ПОДОБРО НЕМАМ ДОСЕГА ВИДЕНО НА КОНКУРСОТ

Arrested Development - може!

Arrested Development - може!

СЕКОЈДНЕВИЕ - ме наежи додека

СЕКОЈДНЕВИЕ - ме наежи додека го читав, генијално!!! Пофалби и за C'est la vie, загонетно, сатирично, а толку вистинско и искрено. И двата раскази го доловиле бескрупулозното секојдневие. А пак Птицата и рибата, загатка над која треба да се дејствува. поздрав

Се согласувам за Arrested

Се согласувам за Arrested Development, одлични текстови! Драги, ако си Драги Михајлоски професорот од Филолошки и прозното мајсториште - браво и за тебе!

Секојдневие!- вистинито и

Секојдневие!- вистинито и болно, краток опис на реалноста во која живееме!

Arrested Development i

Arrested Development i Katerina Dimanova se izdvojuvaat od drugite!!! Pozdrav i prodolzete taka!!!

Трка без конкуренција е

Трка без конкуренција е најдобар
патон

Ана ефтимова-интересни

Ана ефтимова-интересни теми,(Различни светови и Момчиња-подобри) и Закони и изреки- не е лош, сите на Arrested Development се одлични! Ги издвојувам и Прв состанок, Куртоазија, Прашање (без последната реченица) и Кучка,Перуника-онака овојпат(може и подобро),Продавница од соништата-многу е посилен првиот дел на возбуда и хаос, можеби можело тука да заврши без контрастната слика што следува т.е.до (Тоа утро беше сиво) така ќе беше поголемо чудо. Жикиќ-кратка и слатка.Симпатична е страста за пишување на Ананда и Живеј е добар.Птицата и рибата, одличен, ако не и најдобар за овој избор!(само да повнимава на изборот на зборови- од првин!и од прилика!?) :))Поздрав!

ОкоБоли главаВицФото