Трамп анте портас

08.02.2024 15:15
Трамп анте портас

Доналд Трамп незапирливо оди кон третата претседателска номинација на републиканците и кон нов историски дуел со претседателот Џозеф Бајден, кој во ноември нема да ги одреди само правците на развој на американската демократија, туку и значајно ќе ги обликува глобалните односи.

На прајмерите – серијата гласања низ сојузните држави на кои демократите и републиканците ги избираат кандидатите за претседателските избори и ги именуваат делегатите за завршната партиска конвенција – Трамп во Ајова триумфираше со повеќе од 50 отсто од гласовите, оставајќи ги далеку зад себе гувернерот на Флорида Рон Десантис и поранешната амбасадорка во ОН Ники Хејли.

Иако беше второпласиран, но со 30 поени заостанување, Десантис реши да се повлече од скапата и турбулентна осуммесечна кампања. Некогаш обележуван како најсериозен предизвикувач на Трамп, гувернерот ги чува амбициите за изборите во 2028 година, а својата поддршка му ја ковертираше на својот довчерашен огорчен ривал, кој за време на кампањата го навредуваше, го омаловажуваше и го нарекуваше „предавник“.

Потоа Трамп победи и во Њу Хемпшир, станувајќи првиот републиканец надвор од Белата куќа што триумфирал на прајмерите во првите две држави во кои се одржуваат. Трамп забележа 11 поени предност во однос на Хејли, ќерка на имигранти од Индија, фаворитка на помладите, пообразуваните, поумерените и понезависните републиканци. Трамп се надеваше дека по Десантис од трката ќе ја исфрли и Хејли, но не успеа. Барем привремено.

– Оваа трка е далеку од завршена. Останаа уште десетици држави, а следната е мојата слатка Јужна Каролина – се охрабрува Хејли, која ќе ги прескокне прајмерите во Невада на 8 февруари за да се концентрира на државата во која е родена и во која беше гувернерка. Некои аналитичари велат дека Хејли има две опции: да се повлече од трката, да го поддржи Трамп и да се посвети на пораз на Бајден, или да се подготви Трамп да ја разбие на прајмерите на 24 февруари во Јужна Каролина, бидејќи има значителна предност што се проценува на дури 38 поени.

Драматично се намалуваат шансите Хејли да победи во дуелот еден на еден и така да внесе нова динамика и неизвесност спроти „суперпетокот“ на 5 март, кога ќе гласаат две третини од сите републиканци во 16 држави и територии. Ниту еден кандидат на републиканците во современата ера не ја освоил номинацијата, а да изгубил во Ајова и Њу Хемпшир. Ретко кој верува дека ќе се оствари последното преостанато сценарио на ривалите на Трамп, кои се залагаат за генерациска смена во Добрата стара партија, како што ги нарекуваат републиканците.

Некои посматрачи укажуваа дека ако Хејли не победи, ги задржува своите шанси, чекајќи Врховниот суд да одлучи дали името на Трамп ќе се појави на изборите во Колорадо, Мејн и во некои други сојузни држави. Демократите и некои изборни функционери тврдат дека Трамп го дисквалификува улогата што ја имал обидувајќи се да ги оспори резултатите од изборите во 2020 година, за кои тврдеше дека Бајден ги украл.

Сите изгледи се дека Трамп (не)очекувано брзо и ефикасно ги гасне надежите на своите противкандидати дека гласовите на републиканците ќе се расеат на три групи: на оние што секогаш го поддржуваат, на оние што никогаш не го поддржуваат и на оние што ја ценат неговата политика, но за лидер би сакале некој помлад, без толку баласт.

Се покажа дека Трамп е незапирлив. Повторно излезе како победник над републиканските стратези, поранешни конгресмени и донатори, кои уште од 2016 година настојуваат да го спречат неговиот подем кон командниот мост. Капетанот Трамп успешно плови низ годините на правни, политички и други кризи. Преживува сѐ: два обиди за отповикување, три изборни трки и четири кривични тужби и нередите во Капитол Хил во 2021 година.

Истражувањата покажуваат дека Трамп има поддршка од близу две третини од републиканците, кои сметаат дека единствено тој го чува идентитетот на конзервативците. Сакаат да му дадат втора шанса на поранешниот претседател, на неговиот агресивен настап, промоцијата на конзервативни вредности и извикот „Америка прво“. На гласачите очигледно не им пречат 91 точка од кривичните обвиненија со кои Трамп е соочен во четири независни процеси. Веруваат дека само неговото движење МАГА може „да ја направи Америка повторно велика“.

Трамп очигледно повеќе нема премногу да се занимава со прајмерите, туку својата агресивна реторика и желба за освета ќе ја насочи кон Бајден. Единствениот начин републиканците да се ослободат од авторитарниот шеф, кој во текот на престојот во Белата куќа го омаловажуваше Конгресот, ги заобиколуваше законите, ги навредуваше ривалите и странските сојузници, а критички настроените новинари ги прогласуваше за „непријатели на државата“, е тој да изгуби во ноември.

– Секој што искрено се грижи за иднината на Републиканската партија, а би требало ако ви е до јакнење на демократијата, во ноември има само една опција: Гласајте за да ја уништите Партијата за да ја спасите – порачува колумнистот на „Вашингтон пост“, Јуџин Робинсон, потсетувајќи дека Трамп испраќаше вооружени бунтовници врз Капитолот во обид да го поништи својот пораз на слободните и фер избори. „Што може да ги спаси републиканците од самите себе? Пораз. Тежок, недвосмислен пораз“.

Шансите тоа да се случи, засега, се мали, наспроти поделбите во ГОП. Доналд Трамп анте портас.

Таквото сценарио шири паника низ круговите на либерална Америка, но и Европа, каде што отворено стравуваат од „Трамповата диктатура“. Ситуацијата во светот е лоша, а поредокот заснован на демократијата и владеењето на правото е во опасност. Европскиот систем на безбедност е загрозен со војната во Украина. На Блискиот Исток се тестираат балансите на глобалната и на регионалната моќ. Американско-кинеската конфронтација ја обележува Азија.

Сите тие се тестови на Соединетите Држави, а одговорите значително ќе зависат од тоа кој по ноември ќе биде во Белата куќа. Разликата помеѓу визиите на двајцата очекувани кандидати е, би можело слободно да се каже – драматична. Ова веројатно не се изборите што Америка ги сакаше, ама имајќи ја предвид сериозно нарушената состојба на нејзината политика, дуелот на двајцата возрасни и непопуларни кандидати се чини е најдоброто што можела да го смисли.

Карикатури: JOHN HOLCROFT

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото