1023 hPa
87 %
8 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 11:15
Од 7-ми октомври нападите на американските сили во Сирија и Ирак речиси се секојдневни. Повеќето од нападите се минорни, дури симболични. Меѓутоа, на 28-ми јануари три американски војници беа убиени во напад со дрон на Tower 22, американска база во Јордан, во близина на границата со Сирија.
САД имаат низа гарнизони и мали испостави во Сирија и Ирак. Некои од нив, барем официјално, претставуваат заштита од остатоците од Исламската држава. Други претставуваат бази за обука и поддршка на локалните „партнерски“ сили кои служат како де факто американски прокси. Двата видови испостави повремено одат во напад, а и самите често се на мета на локалните милиции кои ги поддржува Иран, а кои сакаат да ја протераат американската војска од оваа земја.
Дронот кој го изведе нападот на Tower 22, а кој речиси сигурно е направен во Иран, следел американски дрон по однапред одредено движење на летот назад до базата, што ги збунило системите за противвоздушна одбрана. Имено, еден од начините на кои противвоздушната одбрана избегнува соборување на сопствените авиони и дронови е воздржување од напади на летала кои се движат по одобрена патека.
Одговорноста за нападот ја презема Исламскиот отпор во Ирак, име кое обединува неколку групи кои ги поддржува Иран, вклучувајќи ги Ката'иб Хезбулах чии припадници беа убиени во американските воздушни удари на Ал-Каим и Јурф ал-Сахар во Ирак на 24-ти јануари. САД речиси сигурно ќе одговорат на нападот од 28-ми јануари со уште повеќе воздушни удари.
Јорданската влада прво негираше дека дошло до напад на нејзина територија, веројатно во обид да избегне дипломатски непријатности со Ирак или Иран. Tower 22 е база за поддршка на американскиот гарнизон од другата страна на сириската граница во ал-Танф. Малиот објект на јорданската граница е поволно место за паркирање хеликоптер, а има дури и фудбалски терен. Меѓутоа, ал-Танф претставува средиште на зоната на дејство во радиус од 55 километри, кое го воспоставија американските сили во источна Сирија откако Исламската држава беше протерана од оваа област. Тоа исто така е база за операции на американските прокси сили кои вообичаено се нарекуваат Револуционерна војска командоси (Jaish Maghavir al-Thavra). Сириските прокси сили живеат и тренираат заедно со американските војници (во моментов тоа се трупи од десеттата ридска дивизија).
Вашингтон пред речиси една деценија се откажа од рушење на Башар ал Асад, но постави бази во Сирија за борба против Исламската држава. Американските сили останаа на оваа локација по поразот на Исламската држава. Како и во ал-Танф, стотици американски војници се наоѓаат на североистокот кој претежно го контролираат Курдите и каде сириските демократски сили сè уште држат околу десет илјади следбеници на Исламската држава во логори.
Како и другите американски гарнизони, базата Танф номинално е тука за да спречи враќање на Исламската држава. Но исто така се наоѓа во близина на главниот автопат од Багдад до Дамаск. Ирачките милиции кои ги поддржува Иран контролираат дел од автопатот кој оди кон исток. Генералот Џозеф Вотел, тогашниот шеф на американската Централна команда, во 2018-та година рече дека позициите на САД во ал-Танф имаат „индиректно влијание на некои злонамерни активности кои Иран и нивните прокси групи и сурогати би сакале да ги спроведуваат во оваа област“.
Но ал-Танф не служи само за тоа. Израелски авиони често го прелетуваат во операции на воздушни удари во Сирија, за да ја избегнат сириската противвоздушна одбрана. Во 2019-та година Доналд Трамп сакаше да ги повлече американските сили од Сирија, но Бенјамин Нетанјаху побара да останат во ал-Танф.
Кога во 2021-та година Џо Бајден нареди ревизија на американската политика кон Сирија, беше донесена одлука да се задржат ал-Танф и другите испостави. Одржувањето рурални воени утврдувања е класичен империјален модус, па не е невообичаено САД да го прават тоа на Блискот исток; но многу испостави во Сирија и Ирак станаа проблем.
Во моментов изгледа дека нивната главна цел е да ги апсорбираат нападите мотивирани од бес заради американската поддршка на Израел и американското присуство воопшто. Нападите на американските сили во Сирија и Ирак често се опишуваат како доказ за мајсторството на иранската контрола на локалните пиони, но со тоа се занемарува внатрешната политичка динамика во Ирак и Сирија. Иако Иран секако е задоволен од овие напади, малку е веројатно дека тој ги насочува сите.
Американските пустински испостави во Левант изгледаат како анахронизми без јасна цел и очигледно се привлечни мети. Тогаш зошто не се затворени? Можеби повремените напади се сметаат за цена која е вредна за да се покаже дека американската помош се пружа длабоко во сириската пустина.
Стандардна практика е или американската империјална архитектура на извесен начин да се третира како природна, без потреба од кохерентно оправдување, или нејзиното постоење сосема да се игнорира. Игнорирањето е потешко кога гинат американски сили. Меѓутоа, на Блискиот исток стапката на загуби кај американските војници е мошне ниска. Можеби се смета дека поддршката за Израел и фрустрирањето вреди неколку животи.
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.lrb.co.uk/