Лениновата лекција за Израел и Украина

12.02.2024 01:05
Лениновата лекција за Израел и Украина

Помина еден век од смртта на Владимир Ленин и повеќе од три децении откако пропадна неговиот болшевички проект. Меѓутоа, додека поголемиот дел од неговиот политички живот од денешна перспектива е мошне проблематичен, неговиот немилосрден прагматизам, да го наречеме така, и денес има значење.

Да се сетиме на познатата ленинова посветеност на „конкретната анализа на конкретната ситуација“. Треба да се избегнат догматската верност на идејата и непринципиелниот опортунизам. Во условите на реалниот свет кои се менуваат забрзано, единствен начин да му останете вистински верни на принципот - да останете „ортодоксни“ во позитивна смисла на зборот - е да ја промените сопствената позиција. Така во 1922 година, откако победија во граѓанската војна, болшевиците здушно ја прифатија „новата економска политика“, дозволувајќи многу поширок простор за приватната сопственост и пазарот.

Објаснувајќи ја оваа одлука, Ленин се послужи со аналогијата со планинарот кој мора да се врати чекор назад „за да скокне напред“. Откако ги наброја достигнувањата и неуспесите на новата советска држава, Ленин заклучи: „Комунистите кои немаат илузии, кои не се оддаваат на малодушност и кои ја задржуваат својата сила и подвижност 'за да почнат од почеток' повторно и повторно во извршување на некоја изразено тешка задача, не се проклети (и веројатно нема да исчезнат)“.

Во тоа не може да се слушне одекот на Серен Киркегор, данскиот теолог од кој марксистите би можеле многу да научат. Ниеден револуционерен процес, веруваше Ленин, не е постепен, туку се повторува, тоа е движењето со повторување на почетокот повторно и повторно.

Дали може подобро да се опише нашата положба денес? По „опскурната катастрофа“ од 1989 година која дефинитивно стави точка на епохата започната со Октомвриската револуција во 1917-та година, повеќе не може да се поврзе никаков континуитет со она што значеше „левицата“ последниве два века. Иако засекогаш во сеќавање ќе ни останат неизбришливите моменти како што се јакобинската кулминација во Француската револуција или Октомвриската револуција, тие приказни се завршени. Би требало од нов аспект сè да се промисли одново.

Денес, кога глобалниот капитализам стана единствената вистинска револуционерна сила, новиот пристап е поважен од кога било. Она што остана од левицата е опседнато со заштита на старите достигнувања на државата на благосостојба, проект кој во голема мера игнорира колку капитализмот ја промени структурата на нашите општества последниве неколку децении.

Секако, има исклучоци. Јанис Варуфакис е еден од ретките теоретичари и политичари кои го препознаа овој процес таков каков што е. Капитализмот, тврди тој, се претвора во техно-феудализам, заради што традиционалната антикапиталистичка реторика ја губи силата. Тоа имплицира дека треба да ја напуштиме социјалната демократија и нејзината основна идеја за лево-либерална држава на благосостојба.

На вистински ленинистички начин Варуфакис гледа дека предметот на нашата критичка анализа (капитализмот) се променил и дека ние мораме да се менуваме со него. Во спротивно само ќе му помогнеме на капитализмот да се ревитализира во нов облик.

Лениновиот прагматизам не ѝ е достапен само на левицата. Минатиот месец Ами Ајалон, поранешниот челник на Шин Бет (израелска внатрешна безбедносна служба), повика на промена на парадигмата: „Ние Израелците ќе имаме безбедност само кога тие, Палестинците, ќе имаат надеж. Тоа е формулата“. Бидејќи Израел нема да биде безбеден сè додека Палестинците немаат своја држава, израелските власти би требало да го ослободат Марван Баргути, заробениот водач на Втората интифада, за да води преговори за нејзино создавање.

„Погледнете ги палестинските анкети“, вели Ајалон. „Тој е единствениот лидер кој може да ги предводи Палестинците до создавање држава до Израел. Пред сè затоа што верува во концептот за две држави, а второ зашто си обезбеди легитимитет во нашите затвори.“ Навистина, многумина го гледаат Баргути (кој е на робија повеќе од две децении) како еден вид палестински Нелсон Мандела.

Еве пример кој можеби изненадува уште повеќе. По медиумските написи дека би можел да биде сменет од функцијата, командантот на украинската војска Валериј Залужни објави коментар во кој ги изложи своите приоритети за Украина и ги идентификуваше оние кои се најважни за воените напори. „Предизвикот со кој се соочуваат нашите вооружени сили е огромен“, напиша тој. „Треба да се создаде сосема нов државен систем за промена на вооружувањето.“

Тоа значи уште повеќе „беспилотни системи - како што се дроновите - заедно со другите видови напредно оружје, што ќе ѝ овозможи на Украина да избегне да биде вовлечена во позициска војна, во која ние немаме предност“. Потоа, „железниот генерал“, како што го нарекуваат понекогаш, призна дека Украина мора да се подготви за редукција на воената поддршка, бидејќи клучните сојузници се притиснати од сопствени политички тензии.

Краткиот коментар на Залужни го гледам како ленинистичка (односно, принципиелно-прагматична) интервенција. Навистина, и радикалните левичари и самиот Залужни ваквата карактеризација би ја сметале за апсурдна, а јас не сум стручњак за борбите за превласт кои моментално се водат во Украина, ниту за улогата која Залужни ја игра во сето тоа. [Залужни сепак беше сменет во меѓувреме]. Само велам дека генералот вешто ја спои верноста кон целта (одржување на независноста и територијалниот интегритет на Украина како демократска држава) со конкретна анализа на ситуацијата на бојното поле.

Грубо кажано, помина херојската фаза на народниот отпор против освојувачите и борбата гради в гради на првите линии на фронтот. Украина мора да го промени фокусот со усвојување нови технологии кои им одговараат на потребите на продолжената војна, со што ќе биде чекор пред растечката неподготвеност на западните земји бескрајно да испраќаат помош. Украина исто така ќе мора да го доведе во ред сопствениот двор, со одлучно дејствување против корупцијата и олигарсите и јасно артикулирање за што се бори.

Пред сè, на Украина ѝ е потребна заедничка визија која не е тесно националистичка ни дефинирана од сомнежот на украинската левица за проруско влијание. За да им одолеат на последиците од воената исцрпеност, Украинците треба да резонираат како планинарот на Ленин.

Превод: Алек Кузмановски

Карикатури: Awantha Artigala

Извор: https://www.project-syndicate.org/

ОкоБоли главаВицФото