За потеклото на војните и eкстремната форма на капитализам

14.02.2024 01:27
За потеклото на војните и eкстремната форма на капитализам

Овие денови намерно забораваме да го цитираме Жан Жорес кој рече дека капитализмот носи војна во себе како облакот кој носи бура. И некој би можел да додаде дека оваа вистина е уште пофлагрантна кога капитализмот ја добил политичката форма на фашизам. За да застанеме на Втората светска војна и нејзините рани симптоми, неспорно е дека фашистичкиот капитализам бил нејзиното потекло. Мусолини ги нападна Етиопија и Албанија, Хитлер ги зазеде Австрија и Чехословачка, милитаристичка Јапонија ги нападна Кина и Советскиот Сојуз, Франко, потпомогнат од Германија и Италија, ја порази Републиката. Во последниот чекор, Хитлер ја започна светската војна со напад на Полска.

Веројатно никогаш нема да дознаеме со математичка прецизност колку смртни случаи предизвика светскиот масакр. Несомнено, во педесетте милиони од Азија до Европа и Африка, од кои околу дваесет милиони цивилни или воени жртви припаѓаат на Советскиот Сојуз, кој во овој случај тешко може да биде одговорен.

Во општите рамки на оваа светска војна се појави најсуровиот и најистребувачкиот израз на капиталистичката експлоатација: онoj на коj беше подложен трудот во концентрационите наци-логори. Хитлеровите концентрациони наци-логори првично беа наменети да ги одвојат од останатото германско население политичките противници кои беа третирани толку грубо што многу голем број од нив умреа помеѓу 1933 и 1940 година. Последователно, одредите СС, кои беа чувари на логорите, ги користеа затворениците за да заработат пари така што ги тераа да работат во фирми што ги поседуваа, особено во каменоломите.

Од 1942 година, големите германски воени монополи бараа прекумерната мобилизација на традиционалните работнички сили да се компензира со интензивна употреба на трудот во концентрационите логори. Во логорите се појавија фабрики за различно оружје, а надвор, во командосите, каде што начинот на живот и смрт во никој случај не се разликуваше од оној на концентрационите логори, од кои тие зависеа – понекогаш тоа беше уште полошо – компании зависни од сите гранки на големата индустрија: авијација, хемикалии, металургија, рударство итн. Затворениците таму работеле дење и ноќе. Тие беа робови. Нивните животи им припаѓале на одредите СС, без ограничување.

Меѓутоа, како што напиша еден историчар, „не смееме да паднеме во стапицата. Нацистичките концентрациони логори и нивните „командоси“ не ја воскреснаа античката економија. Производителите на првите балистички ракети V-2, пушки и авиони, кои ангажираа стотици илјади затвореници, не припаѓаа на свет на којшто му се туѓи движењето на капиталот, берзата и консолидираните биланси.“1

Мастермајндот на индустриската експлоатација на затворениците од концентрационите логори е директен заменик на Химлер, шеф на одредите СС и целата полиција, генералот на одредите СС Освалд Пол, шеф на Врховната канцеларија за економска администрација на одредите СС, WVHA, која тој ја создал на 1 февруари 1942 година. Врз основа на директивите на Освалд Пол ќе се организира она што Хитлеровиот министер за правда, Ото Тиерак го нарече „истребување преку работа“.

Принципот е релативно едноставен. Работната сила во концентрационите логори мора да обезбеди додадена вредност што ќе ги покрие трошоците за нејзино одржување од страна на СС и ќе обезбеди најголем можен профит за експлоататорските фирми, кои се движат од најголемите (Krupp, Siemens, IG-Farben Industrie, Messerschmidt, итн.), до најмалите — дури и од занаетчиски тип. За да ги задоволи барањата на индустријата, одредите СС ѝ изнајмуваа затвореници по цена многу пониска од онаа на бесплатната работна сила. За да останат и самите корисници, одредите СС мора да ги намалат трошоците за одржување на затворениците (храна, облека, сместување) колку што е можно повеќе. Освалд Пол ги ангажира своите експерти. Тие откриваат дека рентабилната точка одговара на просечниот животен век на затворениците од околу осум месеци. Тогаш е доволно под разни изговори да се заменат со живи, чиј број не недостига во освоените земји.2

Интересно е да се споредат овие теоретски пресметки со реалноста. Потоа гледаме дека помеѓу 1942 и 1945 година - релативно краток период - просечниот животен век на затворениците во концентрационите логори бил приближно 8 до 9 месеци.3

Нема да се задржиме на прашањето за нацистичкото злато украдено од европските Евреи и транзитирајќи, особено, низ Швајцарија, за да се „испере“ таму и да се користи за набавка на воен материјал за Вермахтот. И овде тоа е трговија што се врши според најстрогите капиталистички правила.

Помалку познато е учеството на фирми, кои се сметаат за вредни, во германската економија за време на војната. Во декември 1997 год., британскиот весник „Гардијан“ објави студија на еден истражувач специјализиран за проучување на геноцидот на Евреите. Неговото име е Дејвид Цесарани. Проучувајќи што се случило во Унгарија за време на војната, тој го спомнал името на Валенберг. Знаеме дека Раул Валенберг успеал да спаси многу унгарски Евреи од смрт и дека мистериозно исчезнал во СССР, се чини, по војната.

Цесарани известува за работата на група холандски истражувачи кои го истражувале случајот Валенберг. Тие дошле до интересни откритија. Браќата Валенберг беа шведски банкари и индустријалци кои меѓу двете војни со германските индустријалци основаа картел кој контролираше 80% од европскиот пазар за валчести лежишта испорачани од фирмата SKF. Банката на браќата Јакоб и Маркус Валенберг, ENSKILDA BANK, од Стокхолм, тесно соработуваше со SKF, која продолжи да тргува со нацистичка Германија во текот на целата војна. Во 1943 година, SKF дури го зголеми својот извоз во Германија за 300%. Во 1944 година, SKF испорача 70% од сите лежишта потребни за воената индустрија на Рајхот. Американскиот генерал Карл Спаатс, одговорен за бомбардирањето, се пожали дека „сите наши воздушни акции (против германските фабрики) сe бескорисни“.

Во исто време, шведските банки ќе „исперат“ злато во вредност од 26 милиони долари ограбено од нацистите. Банката ENSKILDA купила од Германија помеѓу 5 и 10% од вкупно 350 до 500 милиони гулдени во хартии од вредност украдени од холандски Евреи. Оваа соработка со Хитлеровата Германија беше откриена по војната и средствата на Валенбергови во Соединетите Држави беа замрзнати. SKF, сè уште поврзана со Валенберг, потоа се сврте кон СССР, кој имаше големи потреби од топчести лежишта и му даде значителни кредити. Како што се развиваше „Студената војна“, САД прекинаа секаква помош за Советите и се заканија дека ќе ја објават соработката на шведските банки и фабрики со нацистите. Цесарани заклучува дека Раул Валенберг несомнено бил жртва на овие мрачни интриги кои, обезбедувајќи му на Хитлер стратешки материјал, предизвикале крвопролевање помеѓу 1939 и 1945 година.
_________________

1. Dominique Decèze, L’esclavage concentrationnaire, FNDIRP, 1979.
2. Активноста на Освалд Пол и неговите услуги беше откриена на судењата во Нирнберг.
3. Истребувањето на Евреите и Циганите во гасните комори произлегува од друга логика. Сепак, треба да се забележи дека одреден број државјани од овие категории биле користени како работна сила во Аушвиц и во други логори од овој тип од крајот на 1942 година.

Првпат објавено: Le livre noir du capitalisme., Pantin, France: Le temps des cerises, 1998, 427 pp.;

Превод: Томислав Захов

Фотографии од филмот Шиндлеровата листа (1993) на Стивен Спилберг

Слични содржини

Општество / Активизам / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија
Општество / Свет / Теорија / Историја
Општество / Свет / Теорија

ОкоБоли главаВицФото