1020 hPa
93 %
8 °C
Скопје - Пон, 14.10.2024 05:59
Вилијам Закерман
Вилијам Закерман е роден 1885 година во Линијата на населување [Черта́ (постоя́нной евре́йской) осе́длости], дел од руското царство каде Евреите главно биле ограничени, место на сиромаштија и погроми. Неговото семејство успеало да побегне и емигрирало во Америка во 1900-та година.
За време на Првата светска војна, Закерман се вратил во Европа за да работи со добротворната организација која им помагала на американско-еврејските војници. Подоцна се населил во Лондон, каде го основал европското дописништво на влијателниот американски весник на јидиш Der Morgen zshurnal. По враќањето во Америка во 1948-та, го основал Еврејскиот билтен, кога е родена и новата држава Израел. Колумните на Закерман ги пренесувале десетици еврејски весници; тој станал њујоршки дописник на британскиот весник Еврејска хроника.
Еврејскиот естаблишмент можеби и ќе го прифател како угледна јавна личност, ако не постоел еден проблем. Ја критикувал политиката на новосоздадената еврејска држава, особено во однос на стотиците илјади палестински бегалци, кои бегале или биле протерувани и на кои им било забрането да се вратат. „Земјата која сега се вика Израел не им припаѓа помалку на арапските бегалци отколку на кој било Израелец“, напиша Закерман.
Залагањето на Закерман за палестинските бегалци ги вознемирило израелските дипломати кои од позадина успешно организирале кампања за да спречат неговите текстови да бидат објавувани во еврејскиот печат. „Да се наведе Еврејската хроника да се отараси од услугите на господинот Закерман, значи дека е извршена вистинска мицва“, се радуваше еден службеник.
Приказната за Закерман и неговото бришење е една од многуте кои ги раскажа Џефри Левин во својата нова книга Нашето палестинско прашање, за заборавената историја на критичките еврејски гласови во Америка во децениите по основањето на Израел. Тоа е единствеата од неколкуте книги кои ќе бидат објавени годинава, а кои ја истражуваат историјата на противењето на ционизмот и поддршката за палестинското прашање на американските Евреи.
Џефри Левин
Овие студии пружаат контекст кој е од суштинско значење за една од најжестоките дебати кои денес се водат во еврејските заедници: како да се одговори на убиствениот напад на Хамас од 7 октомври и на израелскиот напад на Газа кој следеше потоа. Многу Евреи сметаат дека егзистенцијалната заканата која ја претставува Хамас на Израел му дава право да ги преземе сите неопходни мерки за да ја елиминира оваа организација. За други, без оглед на страшниот напад на Хамас, уништувањето на Газа, смртта на повеќе од 25 000 луѓе и раселувањето на речиси целокупното население е бескрупулозно и во спротивност со еврејската етичка традиција. Овој расцеп предизвика бурни дискусии околу тоа што значи да се биде Евреин и што значи антисемитизмот.
Во САД двете прашања се видливи од последиците на дебаклот на Клодин Геј на Универзитетот Харвард. Како деканка на Харвард, Геј во декември имаше катастрофален настап во конгресниот комитет за антисемитизам. Подоцна беше принудена да поднесе оставка, кога критичарите ѝ ископаа плагијат во научен труд.
По оставката на Геј и критиката на Харвард дека ги изневерил своите еврејски студенти, универзитетот основаше работна група за антисемитизам, со која ќе претседава Дерек Пенслар, директор на харвардскиот Центар за еврејски студии и еден од најугледните историчари на јудаизмот.
Меѓутоа, како и Закерман за претходната генерација, за многумина Пенслар е погрешен вид Евреин, премногу критичен во однос на Израел и недоволно непријателски расположен кон антиционизмот. Републиканката од Конгресот, Елиз Стефаник,која претседаваше со комитетот кој ја испитуваше Геј, ги осуди „неговите одвратни антисемитски ставови“. Џонатан Гринблат, од Антидифамациската лига, го обвини за „клеветење на еврејската држава“. Бил Акман, менаџер на хеџ фонд кој ја поведе иницијалната кампања против Клодин Геј, предупреди дека Харвард го продолжува „патот кон темнината“.
Клодин Геј
Есејот објавен во 2021-та во еврејското списание Таблет ги означи Евреите кои се премногу критични кон Израел како еврејски отпадници. Три години подоцна овој опис изгледа доби широк одек.
Можеби во ниедна друга земја официјалниот остракизам на „еврејските отпадници“ не е толку вкоренет како во Германија. „Да се биде Еврејка левичарка во денешна Германија значи да се живее во состојба на трајна когнитивна дисонанца“, вели Сузан Најман, еврејско-американска филозофка која последниве 25 години е директорка на Форумот Ајнштајн во Потсдам. „Германските политичари и медиумите постојано зборуваат за заштитата на Евреите од антисемитизмот“, но многумина од оние кои „ги критикуваат израелската влада и војната во Газа се откажани и секако напаѓани. Јас сум државјанка на Израел, а во мејнстрим медиумите ме обвинуваат дека сум следбеничка на Хамас, па дури и дека сум нацистка. Дали треба да напоменам дека не сум ни едното ни другото?“
Германија забрани многу облици на критика на Израел (на пример, зборот дека третманот на Палестинците во Израел е „апартхејд“) и забрани изразување солидарност со палестинската цел. Најчесто мети се муслиманите, но и еврејските заговорници за палестински права исто така се деплатформирани и апсени. Како што наведува истражувачката Емили Дише-Бекер, речиси третина од откажаните во Германија заради наводен антисемитизам се Евреи. Како што еднаш горко забележа архитектот и професор роден во Израел, Ејал Вајцман, има одредена иронија во тоа што „предавањата[како да се биде исправен Евреин] ги одржуваат децата и внуците на убијците на нашите родители, кои сега се осудуваат да нè обвинат за антисемитизам.“
Сузан Најман
За многу поддржувачи на Израел, историјата на еврејското страдање, која кулминирше во Холокаустот, ја прави неопходна одбраната на нацијата и зачувувањето на нејзината безбедност по секоја цена. За неистомислениците токму од таквата историја извира моралната обврска да се бранат палестинските права.
Како што покажува Левин, Евреите кои кон крајот на четириесеттите и педесеттите години ја критикуваа израелската политика во однос на палестинските бегалци, биле приврзани до еврејската традиција која отфрла дискриминација или варварство кон која било група. „Мораме секаде да се бориме против угнетувањето“, зборуваше Дон Перец, истражувач од Американско-еврејскиот комитет и претставник на палестинските бегалци, кој како и Закерман, беше на мета на израелските претставници. Со тоа се раководат и денешните критичари како што е Најман. Германците, вели таа, „ја заборавија длабочината на универзалистичката традиција во јудаизмот, која достигнува до Библијата“.
Отфрлањето на таквите критички гласови како „отпаднички“, дури антисемитски, исто така има длабоки корени. Современите кампањи против личности како што се Пенслар и Најман се рефлексија на оние кои беа против Закерман и Перец пред 70 години.
Она што сето ова го прави особено загрижувачко, забележува Најман, е токму порастот на антисемитизмот во Германија и другаде. Наместо патролирањето над еврејските интелектуалци и активисти и „инсистирањето на безусловна лојалност кон Израел“ додека „се релативизираат страдањата во Газа“, Најман истакнува дека треба да се поддржат поединците и организациите во градењето облици на солидарност кои им се спротивставуваат и на антисемитизмот и на антимуслиманската нетрпеливост и заговараат правда во Палестина и Израел.
Дон Перец
Превод: Алек Кузмановски
Извор: https://www.theguardian.com/