„Поп култура” - фестивал на современа македонска поп хоп музика

16.02.2024 11:32
фестивал, „Поп култура”, поп хоп музика, поп музика, хип хоп, македонска музика, „Силата еу младите”

Оваа сабота, на 17 февруари, во 20:30 часот во едукативниот културен центар „Лабораториум” ќе се одржи фестивал на современа македонска поп музика „Поп култура”.

На фестивалот ќе настапат музичари/ки од актуелната домашна поп хоп генерација, Young Dadi, Zee, Matej Foltz и Vanski, а атмосферата ќе ја загрее диџеј сет на Dimchuga. Како специјална гостинка од Суботица, Србија ќе настапи и младата раперка Mlada Beba.

„Поп култура” е дел од платформата „Силата еу младите” и е резултат на партнерска соработката со ZIMA, WHY2K? и „Лабораториум”.

На сцената публиката ќе има извонредна можност на едно место да ги чуе во живо песните и хитовите на најзначајните млади претставници на современата македонска поп музика.

„Поп култура” прави пресек на хип-хоп движењето, како најраспространета и најпопуларна форма за израз на денешната младина, кое се развива во една свежа, модерна и динамична сцена, како носечка сила на новата генерација млади творци, чија музика веќе има свој одек и признание во регионот. Талентот и посветена работа ги прават овие музичари кремот на современата поп-хоп и воопшто млада македонска урбана култура.

„Поп Култура“ наскоро ќе добие и винил издание, албум-компилација кој дава пресек на современата поп продукција на млади македонски музичари. Компилацијата претставува значаен историски документ, запис за времето и квалитетот на оваа сцена, на сè уште најценетиот носач на звук во светот – винилот. Плочата ќе биде во издание на „ПМГ Рекордингс” од Скопје.

Билетите за фестивалот (200 денари претпродажба, 300 денари на врата) може да се обезбедат во „Лабораториум” и онлајн на bileti.mk.

Информации за фестивалот „Поп Култура“ и останатите настани и активности на платформата „Силата еу младите” редовно се објавувани на креираните страници на Инстаграм и Фејсбук.