Филмот „20 дена во Мариупол” премиерно во „Бруталиск”

20.02.2024 10:51
„20 дена во Мариупол” премиерно во „Бруталиск”

Документарниот филм „20 дена во Мариупол”, кој е украинскиот двоен кандидат за овогодишните оскари за најдобар документарец и најдобар филм од неанглиско говорно подрачје, неделава ќе се прикажува во Културниот центар „Бруталиск”.

Филмот е на Мстислав Чернов, носител на Пулицерова награда од 2023 и претседател на украинската асоцијација на професионални фотографи, а во продукција e на Associated Press и Frontline.

„20 дена во Мариупол” е филм за украински воени репортери од Associated Press затекнати во опсадата на најнастраданиот и речиси уништен град на истокот на Украина и нивно сведоштво за страдањата на цивилите и херојските подвизи на бранителите на градот. Како последни меѓународни набљудувачи во Мариупол, тие ќе ги снимат ужасните снимки за неговото уништување кои подоцна ќе го обиколат светот и ќе сведочат за злосторствата на руската армија.

Инаку, авторот на филмот, Чернов повеќе од десет години работи за Associated Press покривајќи конфликти, општествени прашања и еколошки кризи во Европа, Азија и на Блискиот Исток.

„20 дена во Мариупол”, покрај двојната номинација за Оскар, е наградуван на десетици фестивали за документарни филмови, а на минатогодишниот Санденс ја доби наградата од публиката за најдобар документарен филм.

По проекцијата во четврток, 23 февруари, во КЦ Бруталиск ќе се организира разговор по повод двегодишнината од руската агресија врз Украина со Сеад Ризвановиќ, новинар и воен аналитичар.

Во продолжение може да се види распоредот на проекции кои ќе можат да се проследат во следните пет дена, почнувајќи од утре, среда, 21 февруари, во 20 часот.