„The Beatles” - „Now and Then”

21.02.24 11:21

Првично снимена како демо пред повеќе од четири децении, „Сега и тогаш” (Now and Then) е песна за прв пат напишана и испеана од Џон Ленон во 1978 година, неодамна завршена од Пол Макартни, Ринго Стар и - вештачката интелигенција.

Кристално чистиот глас на Џон Ленон одѕвонува во новата, неодамна објавена песна на „Битлси”. Вештачката интелигенција овозможи издвојување на вокалите на пејачот од старата снимка и на тој начин виртуелно повторно ја обедини популарната четворка од Ливерпул.

„Ова е веројатно последната песна на „Битлси” и слушнете, тоа е вистинска снимка на Битлси”, рече Пол Макартни во кратката видео порака за создавањето на меланхоличната композиција, во која се мешаат звуци на пијано, соло гитара и гудачки инструменти.

„Now and Then” е објавена како двојна А-страна. Оваа песна беше една од неколкуте песни на касетата што Ленон ја сними за Макартни во неговиот дом во Њујорк во 1979 година, една година пред неговата смрт.

Макартни ја добил снимката од Јоко Оно во 1994 година. Останатите две песни од касетата, „Free As A Bird” и „Real Love”, се тонски прочистени, завршени и објавени во 1995 и 1996 година.

Битлси се обиделе да го направат истото со песната „Now And then”, но никако не можеле да ја отстранат бучавата во позадината од снимката. Извлекувањето на вокалите на Ленон сега е овозможено со вештачка интелигенција.

„Ни остана гласот на Џон, кристално чист”, рече Макартни.

При создавањето на „Now and Then”, инженерите во Вингнат работеле со шеесет часовен материјал снимен со еден микрофон со кој доаѓаат до израз инструментите на музичарите во бучната гужва, но не во внимателно изработен микс. Микрофонот, исто така, ја доловува бучавата и џагорот во позадина, поради што голем дел од снимката е неупотреблива. Тимот одлучува да ги искористи можностите на сѐ попопуларната вештачка интелигенција за да го одвои гласот од другите звуци.

Двајцата живи Битлси ја завршија „Now and Then” минатата година во студиото „Капитал” во Лос Анџелес и во снимката ја вметнаа електричната и акустичната гитара на Џорџ Харисон, снимена во 1995 година. Пол и Ринго ги додадоа своите делови на бас, пијано и тапани.

Продуцентската куќа која работеше на песната е позната по франшизата „Господар на прстените”, а исто така го продуцираше документарниот филм „Get Back” во 2021 година, во кој „Битлси” ја снимаат „Let it Be”.

„Битлси” - Ленон, Макартни, Стар и Харисон се разделија во 1970 година и никогаш повеќе не свиреа заедно.

„Кога почнувавме, мислевме дека можеби ќе издржиме 10 години заедно, тоа беше некој максимален домет за рокенрол група”, рече Макартни.

„Никој од нас не мислеше дека нашата популарност ќе трае повеќе од една недела! Пол планираше да пишува, јас имав намера да отворам фризерски салон, Џорџ да земе гаража. Но, авантурата продолжи и потоа заврши. И мислам дека заврши во вистинско време. Но, знаете, тоа не нѐ спречи да свириме заедно”, изјави тапанарот Ринго Стар.

Иако нивната проценка е повеќе или помалку точна во однос на времето во кое „Битлси” навистина снимаа заедно, откако се разделија нивната музика продолжи да плени и инспирира нова публика со генерации.

Извор:https://magazin.politika.rs

Слични содржини

Музика / Око
Технологија / Око
Свет / Технологија / Уметност / Око
Графички Дизајн / Технологија / Око
Графички Дизајн / Книжевност / Технологија / Око
Свет / Технологија / Око

ОкоБоли главаВицФото