Пеколен договор за платформската работа

26.02.2024 01:37
Пеколен договор за платформската работа

Кон крајот на минатата година преговорите во Советот на Европа за регулација на платформската работа пропаднаа зашто дванаесет земји членки ѝ се спротивставија на последната верзија на текстот на Директивата за платформска работа која ја состави шпанското претседателство на Советот, па гласањето не се ни одржа. Кон крајот на јануари новото белгиско претседателство на Советот на Европа најави дека има намера да постигне договор и најпосле да ја протурка Директивата за платформска работа до крајот на својот мандат. Бидејќи Белгија спаѓа во таборот држави наклонети кон заштитата на правата на работниците, наспроти другиот табор на чело со Франција која заговара заштита на „флексибилноста“, многумина тоа го дочекаа како добра вест.

Меѓутоа, во најновиот пресврт се покажа дека белгиското претседателство премногу им излезе во пресрет на барањата на Франција, држава која најжестоко се противи на европската интервенција во националното законодавство и се залага за „слободата“ на платформските работници да останат со статус невработени, без основните работнички права. Таканаречената претпоставка за вработеност (presumption of employment), клучен дел од Директивата, во најновиот текст на документот е значително разводнета. Целата поента за регулација на платформската работа е да ја вклопи работата на дигиталните платформи - работодавачите во националните закони за работата, со оглед на тоа дека платформите со нејасен статус работодавачи-кои-не-се-тоа ги заобиколуваат обврските кои би биле принудени да ги исполнуваат како работодавачи. Претпоставката за вработеност е механизам кој би требало да ги усогласи начините на кои државите членки дозволуваат рекласифицирање на платформските работници од самовреботени во вработени во компании, во ситуации кога постојат доволно докази кои упатуваат на односот на подреденост на работниците од платформите.

Претпоставката за вработеност, во разните варијанти на предлозите за Директивата, до неодамна вклучуваше јасно поставени критериуми од кои секој упатуваше на подреденоста. Ако работникот задоволил одреден број од овие критериуми, тогаш би можела да се покрене претпоставката за вработеност. Меѓутоа, договорот постигнат во тријалогот целосно ги укинува критериумите, а наместо тоа бара создавање „ефикасни правни претпоставки“ во сите држави членки. Значи, за начинот на класифицирање на работниците од платформите ќе одлучува секое национално законодавство поединечно, што ја доведува во прашање целата поента на европската директива. Со ваквото решение не се задоволни ни работниците ни претставниците на работодавачите, односно платформите, зашто двете страни се надеваат на единствени правила на ниво на целата Европска унија.

„Ова е катастрофално“, го коментираше развојот на ситуацијата претставничката на Левица во Европарламентот, Лејла Чаиби. Таа беше подготвена да ја прифати шпанската компромисна варијанта на директивата, но новиот нацрт на белгиското претседателство ја запрепасти со враќање на самиот почеток на преговорите. „Верувавме во Белгијците, но навистина нè разочараа“, рече Чаиби. Како што истакна Европската конфедерација на синдикатите (ЕТУЦ) во отвореното писмо до белгиското претседателство објавено кон крајот на јануари, најновиот предлог е полош од статус кво-то, зашто на платформските работници во моментов им е подобро без никаква алтернатива отколку да се одобри предложената верзија.

Со гласањето на претставниците земјите членки ќе имаат можност да го отфрлат предлог текстот на директивата на која ѝ се спротивставија и синдикатите и платформите, зашто работниците не сакаат заштитата на основните права да им зависи од тоа во која држава од ЕУ живеат, а истото не им оди во прилог ни на платформите. Додека ги чекаме резултатите од гласањето платформските работници во Велика Британија стапија во петчасовен штрајк за да предупредат за ниските плати и лошите работни услови на доставувачите како Uber Eats, Deliveroo и Just Eat. Исто така, на Валентајн, неколку илјади доставувачи од 17 до 22 часот одбиваа да работат, а штрајкот го организираше организацијата Delivery Job UK. Англиските доставувачиу кои работат за Deliveroo немаат можност за зачленување во синдикат, според одлуката на Врховниот суд од ноември минатата година. Истиот ден платформските возачи во САД организираа двочасовен штрајк во поголемите градови како Чикаго, Мајами и Филаделфија. Во објавата на групата Justice for App Workers, која вели дека претставува повеќе од 130 000 платформски работници, се наведува дека на членовите „им е мачно да работат 80 часа неделно само за да врзат крај со крај, во постојан страв за сигурноста и грижата дали ќе бидат деактивирани со притискање на копчето“.

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Kim Daehyun

Извор: https://www.bilten.org/