„Kichobal” - нов албум на Јордан Костов

26.02.2024 08:39
„Kichobal” - нов албум на Јордан Костов

Замислете лет на релација Њујорк – Скандинавија – Балкан – Блиски Исток – Кина – Индија – Јапонија. Сега замислете можност за време на овој лет постојано да слушате музика од регионот над кој во тој момент летате. Исто така, да речеме дека авио-компанијата на овој ексклузивен лет ангажирала некој вешт музичар чијашто работа е да ги интерпретира и интегрира сите тие различни музички форми во еден кохерентен музички израз.

Ако работата на тој замислен музичар е да ги реконтекстуелизира музичките состојки кои ги има на располагање во сосем нови музички констелации, тогаш Јордан Костов е првото име кое паѓа на памет. Тој е најнемирниот македонски музички скитник, секогаш поготвен во својата музика да интерпенетрира музички форми кои само навидум изгледаат неспоиви. Џон Зорн и неговиот постмодернистички пристап кон спојувањето разнородни музики (anything goes) паѓа на памет доколку сакаме да најдеме пандан на Костов во светски џез рамки.

Со над 40 албуми зад себе и неброени патувања низ целиот свет (особено Далечниот Исток), Јордан Костов го има оној редок музички сенс да направи македонската гајда да звучи како јапонски народен инструмент, ориенталните инструменти да ги процесира низ звукот на њујорошката даунтаун авангарда, гитарите да мигрираат низ џез, амбиент и фолк идиоми, а над сето тоа амалгамот да биде неговата хармоника, која звучи како магично лепило со моќ да ги соедини сите овие „наменско-скршени” инструменти во уникатна целина. Ориентално-балканска џез фузија, со здрава доза на психоделија, е хибридниот жанр кој можеби најпрецизно ја определува оваа музика.

Костов слободно ги спојува музичките наследства на црнечката џез традиција, Балканскиот културен „миш-меш” и бескрајното аудитивно богатство на Далечниот Исток. Крајниот резултат честопати ги изневерува нашите очекувања во поглед на тоа како хармониката „треба” да звучи. Но тоа, се разбира, не е лошо. Костов има пронајдено начин неговата хармоника да звучи како културен апропријатор, универзален преведувач и магичен интегративен фактор во еден уникатен музички дијалог, чиишто натамошни евентуални инкарнации се потенцијално бесконечни. Тој самиот наједноставно и можеби најпрецизно ја доловува оваа музика кога вели дека таа настанала за време на неговите бројни скитања со возови, автобуси, мотоцикли итн. – Психоделично патување низ недобројливите меридијани на светската музичка потсвест.

На овој албум Јордан Костов свири во македонска септет формација: сите докажани и релативно млади музичари на македонската фри импров џез сцена. Меѓу нив, секако најафирмирани се Филип Букршлиев и Драган Теодосиев, кои ја добија наградата „Најдобар млад џез музичар“ од светски реномираниот Скопски џез фестивал, за 2021 и 2023 година.

Двајцата членуваат, покрај нивните други бројни состави, во ноар-џез квартетот Taxi Consilium, чиј што деби албум (Essential Sunday Gloom) беше избран меѓу најдобрите џез албуми за месец мај 2021 година, од музичката платформа Bandcamp. Дамјан Грујо е редовен тапанар или перкусионист на албумите и концертите на Костов, а Стефан Карастојанов, покрај тоа што е басист на некои негови албуми и концерти, настапува и со српските бендови 4S Class и Sun Strings Band, со италијанскиот Sinergy Band, со Miss Machiko's Jazz Ensamble, Therma Quartet, Classical Meets Jazz и други.

Настанот кој ќе го промовира албумот е Јордан Костов квартет го свири Kichobal. Aлбумот ќе биде поставен на Bandcamp, со симболична цена од 1 евро.