1029 hPa
80 %

-4 °C
Скопје - Сре, 12.02.2025 02:59
Замислете лекови кои ги активира светлината и дејствуваат само на оној дел од телото што е осветлен. Новиот пристап во развојот на таканаречените фотосензитивни лекови, наречен фотофармакологија, е насочен кон дизајн на супстанци кои е можно да се активираат или деактивираат со користење светлина.
Пристапот во развојот на лекови е многу променет последниве децении. Напредокот на полињата на биомедицината и технологијата беше проследен со појава на нови групи лекови како моноклонални антитела, РНК вакцини и генска терапија. Многу од овие лекови станаа дел од клиничкото секојдневие и благодарение на нивното воведување во терапевтските протоколи променет е пристапот во лекувањето на најтешките аболувања. Еден од новите концепти опфаќа дизајнирање лекови чија активност може да се контролира со помош на светлината.
Денес е тешко, речиси невозможно, да се замислат здравствени установи без дијагностички и терапевтски постапки кои користат електромагнетни бранови вклучувајќи ги рентгенот, КТ скенерот, нуклеарната магнетна резонанца, гама ножот и радиотерапијата. Меѓутоа, светлината како дел од електромагнетниот спектар видлив за човечкото око сè уште не најде поголема примена во медицината.
Видлив дел од електромагнетниот спектар е воведен во клиничката практика во рамки на фотодинамичната терапија. Оваа постапка подразбира земање фотосензитивно соединение по што следи изложување на светлина на делот од телото каде треба да се постигне терапевтскиот ефект. Под влијание на светлината доаѓа до разградување на фотосензитивните молекули со создавање големи количини токсични продукти, кои потоа ги оштетуваат клетките и доведуваат до нивно уништување. Иако на овој начин се постигнува локално дејство на лекот, единствениот можен исход од оваа терапија е уништувањето на клетките, што значајно ја ограничува нејзината примена.
Основната идеја е да се синтетизираат соединенијата кај кои доаѓа до промена на структурата под влијание на светлината, а настанатата промена да ја следи појава или губење на биолошката активност. Целта е овие структурни промени да бидат повратни и откако соединението ќе престане да се изложува на светлина по одредено време да се врати во својот првобитен облик.
Најчесто користениот метод за синтеза на оваа група соединенија подразбира воведување структури чувствителни на светлина во веќе постоечки лекови. Вообичаено се работи за структури кои можат да постојат во два облици: транс и цис. Разликата помеѓу овие две форми е во распоредот на атомите во просторот - кај транс обликот одредени делови од структурата се наоѓаат еден наспроти друг, додека кај цис обликот истите делови се наоѓаат еден до друг. Повеќето од овие структури во нивната основна состојба ја земаат транс формата, но кога се изложени на светлина, карактеристичните својства се менуваат од транс форма во цис форма, а настанатата промена на распоредот на атомите во просторот предизвикува промени во биолошката активност.
Постојат два модели за потенцијална примена на фотолековите. Во рамки на првиот модел лекот се зема во својот неактивен облик а потоа се активира со осветлување на заболениот дел од телото. Затоа, активниот облик на лекот постои само на осветленото место и само таму го изразува своето терапевтско дејство. Неопходно е овој облик да биде исклучително нестабилен за да се деактивира набрзо по престанувањето на изложување на светлина и за да не предизвика системски несакани ефекти. Овој пристап може да биде корисен кај лековите чија употреба е проследена со сериозни нуспојави и во моментов најмногу се применува за развој на помалку токсични хемиотерапевтици.
Вториот модел на примена подразбира активација на лекот непосредно пред примената. Потоа, активниот облик ги изразува сите свои ефекти на ниво на целиот организам но постепено доаѓа до негово спонтано преминување во неактивна состојба. Ваквиот пристап ветува кога е во прашање развојот на нови антибиотици. Имено, мноштво лекови од оваа група се излачуваат од организмот на луѓето и животните во својот активен облик во кој заостанува во животната средина предизвикувајќи побрз развој на бактериска резистенција. Фотосензитивните антибиотици значително помалку придонесувале за развој на резистенција, зашто доаѓало до нивно целосно деактивирање пред излачувањето од организмот.
Фотофармакологијата во моментов постои само во светот на науката. И покрај интересниот и ветувачки концепт, потребно е да се вложи уште многу труд за да се синтетизира соединение кое не само што е ефикасно туку и безбедно за здравјето на луѓето. Повеќето соединенија од оваа група ја менуваат структурата само при изложување на УВ светлина, која не може да се користи кога се работи за живи организми заради ризик од предизвикување мутации. Од друга страна, иако овој пристап може да биде од голема корист кога се работи за болести кои ги зафаќаат површинските органи, како кожата и очите, или органите кои се наоѓаат непосредно под кожата како што е штитната жлезда, успешната примена на принципите на фотофармакологијата за лекување на внатрешните органи бара развој на нови техники кои би овозможиле продирање на светлината длабоко во ткивото.
Превод: Алек Кузмановски
Скулптури: Anastassia Zamaraeva
Извор: https://naukakrozprice.rs/