Заедно кон интимната бездна

27.02.2024 11:32
Заедно кон интимната бездна

(Кон претставата „Странци“ по текстот на Паоло Ѓеновезе во режија на Нела Витошевиќ и во продукција на Драмскиот театар од Скопје. Главни улоги: Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Ирена Ристиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Сања Арсовска)

Паоло Ѓеновезе во сценариото на својот филм од 2016 година „Странци“ (еден од најгледаните во таа година и добитник на престижната награда Давид и Донатело) зборува за заложништвото на социјалните мрежи и мобилните телефони во кои се заплеткуваат сите интимни и „јавни“ тајни. По ова сценарио кое во една пинтеровски напната атмосфера го држи вниманието на гледачот до последниот миг, Нела Витошевиќ создаде режисерски концепт кој - иако ни во естетска, ниту пак во филозофска смисла не се оддалечува од базичното сценарио на Ѓеновезе - носи сосема поинако толкување на секојдневните лаги и измами во брачниот живот. Сето тоа во опкружување кое не се разликува многу од нашето; сопругот е сопруг, љубовниот триаголник е љубовен триаголник, а перверзијата - перверзија.

Имено, играта на компромитирање што ја отвораат три брачни парови е сигнификантна на ниво на интимни релации, но и на ниво на позиционираноста во јавниот живот. Конфликтот и во сценариото и во театарската интерпретација е внатре, во самиот драматуршки пресврт, со таа разлика што во театарското „тука и сега“ се инсистира на виралноста на истиот.

Нела Витошевиќ своето режисерско видување го базира врз актерската енергија која во оваа претстава е она најкруцијалното, а секако и на самата компактност на дејствието кое е, се чини, вистинскиот двигател на претставата. „Странци“ (насловот на филмот е „Совршени странци“ кој алудира на подлабока дистанцираност) во себе содржи една staccato драматика чии координати се токму во пресвртите што ги диктираат социјалните медиуми и телефоните. Тука, во сите нелагодности што ги предизвикува треморот на новооткриените релации, се крие и една тешко аргументирана „оправданост“, а тоа се „лажните вести“. Другата страна на конфликтот кој трите пара самите го конструираат е тоа меко и привидно оправдување во кое лежи и тенката нишка на апсурдот во целото дејствие и на ниво на драматургија, но и на ниво на режија.

Актерскиот сегмент во „Странци“ е она што најмногу импонира во целата претстава, пред сè актерската креација на Билјана Драгиќевиќ Пројковска која својата Карлота ја одигрува со совршено детализирана животворност градејќи лик на изневерена жена која не може да го сокрие својот „путер на главата“. Комплексна во својот актерски израз и во внатрешните, но и во говорните дјествија, оваа извонредна актерка на сцената донесува комплексен лик кој одлично го води со силна доза на транспарентност на сите негови карактеристики. Неа ѝ се придружува и Ирена Ристиќ која ликот на Ева, од која и почнува целата ригидна игричка која отвора многу неискажни и сокриени интимни тајни, го одигрува во еден здржан манир, но со одлично изразена сокриена емоција. Нејзината Ева е т.н. tough girl, која би рекле дека поминала „сито и решето“, но е и еден длабоко повреден женски лик со веќе дефиниран амалагам на феминизам во себе. Мајсторски одигран лик кој - иако Ирена Ристиќ не го води со априорност во својот актерски израз - успева да го типизира и да го предаде на дејствието и публиката со голема доза на шарм и стаменост. Што се однесува до машкиот кастинг, би го издвоиле Филип Трајковиќ кој својот атрактивен и привлечен Козимо го одигрува со екстравагантност сокриена зад духовитата невиност и неискуството. Оваа амбивалентност овој талентиран актер ја прецизира мошне умешно со благи хуморни состојки во својата актерска партија така што, всушност, својот сокриен „заводник“ го прави многу податлив и питок за публиката. Секако, сите ликови и нивните стории се питки до крај за театарските реципиенти, но на некој начин се и значенски сокриени во својата сопствена недореченост, во неможноста да ја сокријат голотијата на својот дух чија експонираност веќе станува неиздржлива. Низ овие тензични ходници се движат и актерските остварувања и на Сања Арсовска, Игор Ангелов, Зоран Љутков и Предраг Павловски.

Имајќи го предвид визуелниот и музичкиот сегмент од оваа претстава би констатирале дека нејзината ненаметливост е од огромно значење зашто она што е најважно за овој концепт да стигне до гледачите е тоа во себе да ја има органиката на сите конститутивни елементи на претставата. Реалистичниот предзнак на сценографијата на Константин Трпеноски кој би го окарактеризирале повеќе како елементи отколку генерална илустрација на дневна соба и воопшто пресек на домашен ентериер каде што некаде во перспектива гледаме и ходник, а и тоалет, е онаа визуелна лушпа без некоја поголема колоритност каде што и би требало да биде сместена човековата лага, но и суровата и безизлезна потрага по вистината, додека костимографијата на Розе Трајческа Ристоска си дозволила еден повисок колорит инспириран од самиот настан – вечерата на која актерите дошле во некоја своја поспецифична тоалета; би рекол дека е тоа релевантно со една мала искра на дисхармоничност на боите која делува комично во најубавата смисла на зборот. Во таа насока и музиката на Огнен Анастасовски не делува наметливо, но е во истата насока во која се движат режисерскиот концепт и актерскиот израз.

Она што е вистинската цел и на ликовите, но и на Ѓеновезе, а во случајот и на Нела Витошевиќ е – вистината. „Странци“ е претстава за невозможноста да се продре во јадрото на вистината во време кога медиумот станува осино гнездо на лагата. Маршал МекЛуан ја открил онаа позната ситагма која се нарекува „глобално село“ кое развојот на комуникациските системи и вештини го претворила во ситничава метропола за со текот на времето да не постане „глобално село без кучиња“. Оваа претстава зборува за наметнатите тензии на човекот во брачната заедница кои несомнено водат кон нејзино сè поголемо релативизирање и каде што конечно љубовта и разбирањето се нешто туѓо исто како што се и сите овие ликови меѓусебно туѓи.

Фотографии: Филип Кондовски

ОкоБоли главаВицФото