Јазик на Ликус

28.02.2024 01:28
Јазик на Ликус

 

Од „тајните и пословечки говори“ кои Цепенков внимателно ги бележел во втората половина на 19 век (најмногу од Прилеп), за Окно го избравме фасцинантниот дијалог меѓу татко и син, даден во двете варијанти, реалната и онаа со „тајниот јазик Ликус“. Интересно е како еден измислен збор, кој ништо не значи, на некој начин го пребојува целиот разговор, го маскира или засенчува, што е мошне интересно, и од книжевен и од, да речеме, психоаналитичарски агол. Цепенков, инаку, сочувал и запишал барем десетина слични „тајни и пословечки говори“.

 

Јазик на Ликус

‒ Дај ми, тате, пет пари да си купам симиче, оти ми се јади.

‒ Дај ми ликус, тате ликус, пет пари ликус, да си купам ликус симиче ликус, оти ликус ми се јаде ликус.

 

‒ Немам дробни, бре чедо, ај утре ќе ти даам.

‒ Немам ликус дробни ликус, бре чедо ликус, ај утре ликус ќе ти даам ликус.

 

‒ Неќум утре, тате, да ми даиш, неќум, сега сакам.

‒ Неќум утре ликус, тате, да ми даиш ликус, неќум ликус, сега сакам ликус.

 

‒ Е, е сега сакаш, бре чедо, ами кога немам, роди бабо дете де, ха!

‒ Е, е сега ликус сакаш, бре чедо ликус, ами кога немам ликус, роди бабо дете ликус, де ха ликус!

‒ Имаш, тате , имаш, не лажи ме.

‒ Имаш, тате ликус, имаш ликус, не лажи ме ликус.

 

‒ Веруј ме, бре чедо, оти немам.

‒ Веруј ме ликус, бре чедо ликус, оти немам ликус.

 

‒ Хаа, немаш, немаш, извај го ќесето да ти го видам, де.

‒ Хаа, немаш ликус немаш, извај го ликус ќесето ликус да ти го видам ликус, де.

 

‒ Еве ќе го изваам ќесето, да видиш, ако имам ‒ арно, ами ако немам, после што да ти праам?

‒ Еве ќе го изваам ликус ќесето ликус да видиш ликус, ако имам ликус ‒ арно ликус, ами ако немам ликус, после што да ти праам ликус?

‒ Ако немаш, да ми удриш една шлаканица.

‒ Ако немаш ликус, да ми удриш ликус една шлаканица ликус.

 

‒ Не, не една шлаканица да ти удрам, ами две, ем печени да бидат, така дури препечени.

‒ Не, не една ликус шлаканица да ти удрам, ами две ликус, ем печени ликус да бидат ликус, така дури препечени ликус.

 

‒ Арно, удри ми две шлаканици.

‒ Арно, удри ми ликус две шлаканици ликус.

 

‒ Еве види сега, бре синко, оти немат во ќесето. Дај сега да ти удрам две шлаканици.

‒ Еве види ликус сега, бре синко, оти немат ликус во ќесето ликус. Дај сега да ти удрам ликус две шлаканици ликус.

Цртежи: Stefan Zsaitsits
Извор за текстот: Марко Цепенков - Македонско народно творештво (том 10)

ОкоБоли главаВицФото