Де се мразат, де се сакаат: Либија и ЕУ

22.02.2011 17:22
Гадафи во Франција

Цели три децении западот сметаше дека либискиот водач Муамер ел Гадафи е терорист. Потоа стана добредојден гостин. Либија заради своите залихи од нафта и гас е исклучително интересна област за државите од Европа.

Од своето непријатно минато Моамер ел Гадафи се ослободи со помош на парите. За терористичките напади во една дискотека во Берлин и за рушењето на авионот над местото Локерби плати две милијарди и 800 милиони долари отштета. САД беа дополнително задоволени со откажувањето на Либија од развојот на оружје за масовно уништување. Санкциите против оваа земја со околу шест милиони жители се укинати во 2003 година. Веќе следната година Гадафи го посетија британскиот премиер Тони Блер и францускиот претседател Жак Ширак, а потоа и германскиот канцелар Герхард Шредер.

„Оваа земја се промени во политичка смисла, што е за пофалба. Секако дека тоа не може да се спореди со политичката состојба во нашите земји, но насоката е правилна. Верувам дека меѓународната заедница има интерес да ги подобри врските со Либија“, изјави тогаш поранешниот германски канцелар.

Интересот на Европејците во прв ред е поврзан со либиските залихи на гас и на нафта.

Во Брисел под шатор

Гадафи во 2004 година го посети и Брисел. Тамо преноќи во својот шатор опкружен со веќе легендарните телохранителки. Своите партнери на состаноците ги нервираше со повеќечасовни монолози. Поддршката на терористите ја толкуваше како борба за слобода.

„Го правевме она што ни беше обврска. Ги трениравме борците за слобода, за тие да можат да се борат за неа. Верувам дека тоа е наша историска должност“, тврдеше Гадафи.

Посебни врски со Италија

Голем интерес за соработка со својата поранешна колонија има пред сè владата во Рим. Во Либија се активни бројни италијански фирми. Од друга страна, Либија има акции во бројни либиски концерни. Европската унија и Либија во 2006 година склучија договор за запирање на доаѓањето на илегалните имигранти од северот на Африка. Владата во Триполи ја возврат доби 50 милиони евра.

Одвреме-навреме Гадафи од ЕУ ќе побара и суми од неколку милијарди вера. Во спротивност, се заканува, сите бегалци преку морето ќе ги прати во Европа.

Односите со ЕУ се подобрија во 2007 година, кога Гадафи од затвор ги ослободи медицинските сестри од Бугарија кои со години неправедно беа затворени. Неколку недели подоцна францускиот претседател Никола Саркози потпиша договор за инвестиција во Либија од десет милијарди евра.

Бланко чек за диктаторот

Минатата година либискиот водач повторно ја посети Италија. Склучен е нов договор за соработка, иако некои, како сенаторот Марк Пердук, ја критикуваа таквата практика.

„Италија го ратификуваше договорот за пријателство кој со ниеден збор не ги споменува човековите права. Зборуваме за инвестиции вредни милијарди евра, а не зборуваме за екологијата, за правата на работниците. Му напишавме бланко чек некому кој веќе 40 години се истакнува со тоа што ги крши правата на граѓаните.“

Премиерот Силвио Берлускони го „проголта“ дури и тоа кога Гадафи во еден свој говор во Рим ги повика сите Европејци да преминат во ислам.

Извор: dw-world.de

ОкоБоли главаВицФото