1016 hPa
75 %

3 °C
Скопје - Пон, 17.02.2025 04:59
ПЕСНА ЗА ГАБИТЕ
Ин перпетум
дождовите беа милост
или заседи
на непорочниот крал на небото
И никогаш берачите со ножеви не поверуваа
во непробојноста на вашите шумски кордони
габи
утрово уште еднаш начнати
од светот на расправиите
и со попладневната починка
И сонцето ќе се одбива
од штитовите
на вашите згаснати светилки
на кујнската маса
КОНСОНАНТИ И ВОКАЛИ
Јуни во кал
Мртвуваат властелините и нивните коски сѐ уште
цврсто го стегаат среброто
Само месечината напати им го поткрева пулсот
Сакаш засекогаш да стои потопена во крвта на летото
Калуѓерките на намокрените зебри
тешко ги пресекуваат
синкавите плетенки на автомобили
го запираат градот
Од другата страна на улицата
на артериите на бедемот ќе запалат
свеќа за секоја воздишка
што заспаниот го привива крст
И гледај Оче наш
како под ѕидот
твоите консонанти и вокали
ја подигаат и ја спуштаат морската шир
БРОД ВО ШИШЕ
Оној што стои и не се движи е брод во шише
Заглавен во тишината на витрината
Со палуба полна со твои задолженија во дози
чии мерни единици се деновите
на календарот во петдневната или шестдневната прав
на поткровјето
врз чие теме се истури
целиот златен шут на есента од првата бреза
(зошто и есента се лизга а бродот не?)
И кога ќе престане твојата жед стануваш нервозен
зашто додека го иставаш бокалот т ја туркаш водата
а бродот не го може тоа
Тој не знае што е отворено море ни длабочина
оти тоа е копнен брод
и веќе единаесет лета
од полицата ја гледа бездната
Посакуваш да ја преуредиш собата
мебелот да го поместиш
за да плови и налик на девица восхитено
бродот во шише да пристигне во пристан
ВО МРАКОТ
Понапати седиш во фотелја
во мракот
Тогаш палиш палидрвце
и го гледаш архипелагот од пот
на кошулата
И ќе палиш уште додека си ја дресираш свеста
Како човек кој е на југ во дрвена колиба
и го чека денот кога за неговите очи
ќе се потроши небото
ПО МЛЕЧНИОТ ПАТ
Ноќе заминуваш и пристигаш во викендичката
по Млечниот Пат.
Пред пазарот не се ценкаш
со прекупците на сено
Ги опоменуваш дека веќе немаат право
да зборуваат за алги и за ѕвезди
Празнината на најразлични места
ги чува своите подружници велиш
па ноќе за да ја избегнеш
во подножјето на месечината простираш камилица
и нане
ДОГОВОР СО ПРАВТА
Времето ја дуе тишината
и ме таложи во правта како писмо
Живеам со правта
Дури и меѓусебно ја потпишуваме
заедничката припадност како своевиден договор
Наутро правта и јас
запрени во делчињата на понеделникот
изгледаме како да постиме
Наизменично
Но сосем мобилно е создадено
нејзиното вечно знаме
Размислуваш кој по собите
ја распределил правта
Правта е истрајна и бесконечна
и бесмислено е да чекаш да исчезне
со крајот на милениумот
оти таа се размножува
Сите држави се нејзини
па сепак химната ѝ е нечујна
На работната површина на кујната
ја собираш како раширена камилица
за чај
ВЕЖБАНКА ЗА ИСТОРИЈАТА
Веќе цела година
бесмислени сме билки на ноќно орманче
Ти подарив вреќа песок
ми подари полн џеп песок
да можам расчленета во секое зрнце
да се препознаам / препознаеш
и повторно да се соберам / собереш
во целина
Веќе цела година
сонувам прасвет делби и диносауруси
Веќе цела година
напати велиш дека си каријатида
и невешто ја придржуваш љубовта
Веќе цела година
во раме или во нога
одвреме-навреме ни потскокнуваат павијани
и си велиме: никаде не можеш
да заминеш од оваа двочлена и паравоена формација
уште не си му пратил / пратила
разгледница на Орландо
TERRA INCOGNITA
Немирно дишеш зашто стапнуваш на terra incognita
каде што цветовите се овошки
прво населба на бели пеперуги
па мрамор
Мразот во фрижидерот повторно
прилега на месечински камен
Капката на чашата е послична на горски кристал
Ако наскоро се смрамори сѐ што се движи
центрите за дишење ќе објават вонредна состојба
Ќе сака ли некој да го запре механизмот на ноќта
да го претвори во оникс
како дење небото во непомичноста на калцедонот
и да го прекине она што секогаш одново ти се прикажува
налик на заводлив стриптиз на молкот
ЉУБОВЕН ТРИАГОЛНИК
Немирот е колонизатор, утрото колонија на немирот,
раскажува детелината изговарајќи лето, токму како што
мразот или снегот ја интерпретираат зимата.
Немирот е опасен, ја коси детелината, па гледам
како повторениот спокој ѝ ги разнесува откосите
и ги лечи расечените билки.
Во шумата и на ливадата немирот се гласи преку
птиците. Но немирот е и катализатор
одговорен за брзоплетоста.
Ретко некој може да го дигне, да го премести
на о-рук зашто само понекогаш е лесен
и едноставен.
Немирот е силно хемиско средство
кое го разградува сјајот.
Немирот е пророк.
Немирот, донесен од битие што пристига како
тројански коњ, може да стигне на кое било
место и да го освои.
И јас сум Троја.
Но кој на кого е кодирана картичка со која
ја отвора вратата помеѓу спокојот и немирот?
Ако живеам со немирот, а мислам
на спокојот, дали сум во љубовен триаголник?
СВЕТЕЦ
Во песокот на градилиштето „билда“ пустината.
Ја гледам од прозорецот и ѝ се спротивставувам
со растенија отпечатени на пижамата.
Со дрвја-намаленици.
Да слезам долу и да застанам на песокот,
за само неколку мига ќе создадам
оаза.
И попладне ѕирнувам низ прозорецот.
Пред два часа падна дожд кој сега веќе
воскреснува и се враќа на небото.
Во облакот повторно го добива
своето влажно тело.
Дождот е спасител и,
ако ги препознаеме неговите чуда,
би можеле да го прогласиме за светец.
ЛАНА ДЕРКАЧ е современа хрватска писателка. Родена е во Пожега, 1969 година. Дипломирала на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишува поезија, проза, драми и есеи. Нејзината оригиналност е препознаена, вклучена е во антологии, панорами и зборници во земјата и во странство. Настапувала на познати меѓународни поетски фестивали и книжевни настани, меѓу кои на: Меѓународен поетски фестивал (Хрватска); Стихот во регионот (Хрватска); Струшки вечери на поезијата (Македонија); Поетски ноќи на Куртеа де Арџеш (Романија); Светско поетско читање во Куала Лумпур (Малезија); Критија, Меѓународен поетски фестивал (Индија); Саем на книгата во Гвадалахара (Мексико); Лириконфест (Словенија); Меѓународна поетска средба (Кипар); Меѓународен фестивал Поетски пазар во Валона – Брисел (Белгија); Меѓународен поетски фестивал во Гранада (Никарагва); Медитеранска поетска средба во Мдику (Мароко); Стокхолмски меѓународен поетски фестивал (Шведска); Меѓународен фестивал на славјанска поезија во Твер (Русија); Ратковиќеви вечери на поезијата (Црна Гора) и други.
Нејзини песни, раскази и есеи се преведени на 20 јазици (англиски, шпански, француски, арапски, шведски, германски, италијански, португалски, руски, полски, унгарски, чешки, албански, македонски, кинески, оришки, малајски, романски, бугарски, словенечки).
Авторка е на деветнаесет изданија, од кои: десет поетски книги, две книги со кратки раскази, една книга со драмски дела, еден роман, една книга со есеи, како и четири поетски избори објавени во Гвадалахара (заедно со Давор Шалат), Брисел, Тунис и во Бијело Поље (Црна Гора).
Освен тоа, има приредено две посебни изданија: Каирос во Загреб (избор од поезијата на Меѓународниот поетски фестивал во Хрватска, заедно со Давор Шалат); и Third Word (Третиот збор, поетски избор од Меѓународниот фестивал во Калкута, заедно со индискиот писател Тахом Поил Раџеван).
Меѓу поважните награди што ги има добиено се: Хрватска книжевна награда „Здравко Пуцак“ за необјавена поетска книга на автор помлад од 30 години, доделена од Матица хрватска во Карловац за книгата Касичка за сенки, 1999 година; Награда за најдобра книга со песни на славонски автор „Духовна дабрава“, доделена на Поетските средби во Дреновци за истата книга, 2000 година; Награда „Ристо Ратковиќ“ за најдобра поетска книга во регионот (Црна Гора, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина) за книгата Посвојување на небото, 2016 година.
Избор и превод: Весна Ацевска
Слики: Bella Ormseth