1014 hPa
73 %
21 °C
Скопје - Чет, 10.09.2026 03:10

НЕМАРЕН ВОСОК
Расечи ја есента на фелии
и пушти ја, нека изгори
во внатрешниот земјин оган.
Ветер си, кој си игра дека е полноќ
и стеблата нежно ги става на починка.
Aкo те сонам,
до твоите колена
се прививаат кошути.
Ако прозборам,
врз твојата уста паѓа снег,
месечината те врзува со ежедневни зборови
кои капат врз мене
како немарен восок.
НИШАЊЕ НА ЗБОРОВИТЕ
Гледаш, темнината е птица без крилја,
приземјена во златната кал на молкот.
А тука е единствениот говор
што песот го носи до коски
и неговите лајачки очи
ги наговара на среќа.
Дали затоа сакаш да мислиш
дека темнината е пред и по светлината
и дека зборовите без престан
се нишаат над бездна?
Дали воопшто сакаш да зборуваш
или зборовите ќе ги сместиш во слики,
слики во црна жетва?
Да се вгледа во неискажлив снег
кој се рони
меѓу безработните прсти.
.jpg)
ПРСТ И ВРЕМЕ
Зборовите го превезуваат
мојот омилен ветер
во минатото и во иднината,
а меѓу јатата
здогледувам прст и време,
почеток и крај.
Секој збор
ги искушува моите коски.
Чека од која
ќе распука стебло,
од кој плод ќе прсне
лакома крв.
Мојот глас
е постар од мене.
Му го давам моето име
и по него го услагодувам јазикот.
Тој ме изговара така
како што ветерот
со снопови бои
исправа луѓе.
УКРАИНА
Војната ја празни рамнината од градови.
Белата партитура на смртта ги заменува луѓето.
Изгорените тенкови нурнале во земјата
и зјапаат во небиднината.
Може ли кислородот
да каже збор-два
наместо устите комори?
Може ли голата рака
да го обои мракот
со собрана светлина?
Во подивената рамнина
дишењето е чудо.
Земјата трепери, со неа управува
мајстор на посмртна музика.
.jpg)
ПОПРГАВА ОД СВЕТЛИНАТА
Зборот ти е мазен, темен и шушкав.
Поскоро е за мачкино уво кое го слуша нечујното
одошто за жена која му го придодава и она што го нема.
Твојот збор озвучува сè што си ти,
брза лутина, срамежлив спокој
и искрички од разиграни слики.
Те има ли воопшто зад зборовите,
строга во безвучнотo сведнување,
попргава од светлината смирена на стакло?
Или сета си само усни
кои, кога љубат, обликуваат зборови.
А кога зборуваат, поблиску се до бакнеж?
СКОК ВО ТИВОК БАЗЕН
Ја предеш небеската волна
која се заплеткува во косите на побелени моми.
Го нави времето
за да преостане до новиот ден
кој избива од песокот.
Твоите очи се пргави,
низ нив се вливаат светови.
Ако зборуваш,
зборовите би станале суштества
и би ги преполниле ливадите
со твои фантасмагорични животинки.
Но, помил ти е скокот во тивок базен,
потонување во нешто
што не може да се запише.
.jpg)
ГО ГАСНЕШ МРАКОТ
Кога ќе дојде утрото,
ќе се мерне ли некој од правта?
Дали патката и натаму ќе биде патка
или нештата можат да се одлепат
од сопствената светлина?
Сепак,
нечие око ни ја одредува црешата,
подготвува преса за нејзината крв.
И што и да стиснеш, капе од обилност.
Видот го умножуваш во поле со сончогледи,
го потупкуваш Ван Гог
и барем за миг го гаснеш мракот.
ЉУБОВТА Е БРЗА
Брза е љубовта.
Од птицата до земјата
таа е гранка што мисли.
Си засадивме љубов.
Ливадата ги протри очите,
стапалата ти ги обу во зелено.
Ја прашав љубовта за самата неа.
За смислата на мравината врвица
и за градот кој пополека гори.
Не може огледалото
да се види самото себе, вели,
а одразените во него
сите се големи и среќни.
.jpg)
САМО БОГ МОЖЕ ДА ГИ ЗАШИЕ СЛИКИТЕ
Иде време
кога небото ќе го испие морето,
кога човекот ќе стане
црна дамка на селскиот пат.
Се крева ситен прав
и од очите му ја плакне иднината.
Островите се разместуваат во слики
кои само Бог може да ги зашие.
Иде време кога рибите ќе го завршат
неупотребливото водно пеење
и кога ништо нема да се противстави
на измислените бродови на морнарот.
Никој не трае подолго од сончогледите на Ван Гог.
Лажни се црните птици над жолтото жито.
Како враната семките,
смртта се изеде самата себе.
СВЕТЛИНАТА ПРОСТИРА МАСА
Светлината го истражува дното на сите нешта,
им дава неискажливи имиња
со кои стануваат вечни.
Па те заблеснува целиот живот
во сончевиот одблесок на очилата,
уште од капката светлина
што паднала во морето на твоето раѓање.
И најдлабоките пештери му ги предаваат на денот
своите најстари шкрабаници,
слепите човечки рипки
лакомо го голтаат сјајот наместо вода.
Светлината им простира маса на сите суштества
и виното го претвора
во модра небесна крв.
.jpg)
ДАВОР ШАЛАТ е поет, книжевен критичар, есеист, преведувач од шпански јазик и новинар.
Роден е во Дубровник, 1968 година, а целиот живот го минува во Загреб, каде што на Филозофскиот факултет дипломирал компаративна книжевност, напоредно со шпански јазик и книжевност. Докторирал во Загреб на Факултетот на хрватски студии на тема Хрватски поетски практики од 2000. до 2010. Работи како новинар и уредник во Третата програма на Хрватското радио.
Има објавено седум стихозбирки: Внатрешен допир (1992); Сновиденија на кревкото сонце (1999); Кошула на тишината (2002); Приспивна песна под пепелта (2005); Murmullo sobre el asfalto (Шепот над асфалтот, Мексико, 2008, заедно со Лана Деркач); Толкување на зимата (2009); и Ѕвезди, дамнешни лица на спасените (2019).
Објавил и шест книги со есеи и критики, главно за современи хрватски поети: Одложен молк (2007); Потклекнување како алиби (2011); Во тигрова куќа (2012); Огледален оглед (2014); Скенирање на ветерот (2016); и Зголемувач за поезијата (2021).
Ја има добиено наградата Горан за млади поети 1991-вата година. Книгата Огледален оглед ја понесе наградата Јулиј Бенешиќ за критика во Ѓаково 2015-тата година и е прогласена за најдобра збирка критики во истата година. Наградата Звонко Милковиќ за најдобра книга на интимистичка поезија ја доби 2019-тата година во Вараждин.
Ја превел збирката песни Вечности од нобеловецот Хуан Рамон Хименес, а има преведено и поетски циклуси од неколкумина истакнати шпански и кубански поети. Има приредено и со предговор проследено поетски избори од творештвото на: Жељко Сабол, Анте Стамаќ, Бранимир Бошњак, Гојко Сушац, Дубравко Шкурла, Звонимир Голоб, Ернест Фишер и на Стојан Вучиќевиќ, како и панорами на современата хрватска поезија на англиски и на германски јазик (заедно со Борис Периќ), а освен тоа е соуредник на антологијата на Меѓународниот поетски фестивал во Загреб Каирос во Загреб / Kairos in Zagreb.
Давор Шалат има учествувано на многубројни хрватски и меѓународни поетски средби и фестивали, како и на научнoкнижевни собири. Бил еден од водителите на Меѓународниот поетски фестивал во Загреб 2006. Има објавено поезија, книжевна критика и есеистика во многу домашни и странски литературни списанија, а негови текстови се преведени на англиски, германски, шпански, италијански, француски, словенечки, полски, бугарски, литвански, албански и арапски јазик. Застапен е во повеќе антологии и панорами на современата хрватска поезија во земјата и во странство. Учесник е, со избор и со лексикографски единици, во изработката на Лексикон на хрватската книжевност – Дела. Член е на Управниот одбор на Друштвото на хрватските писатели. Главен уредник е на списанието за меѓународна книжевна соработка Мост / The Bridge на Друштвото на хрватски писатели и член на Редакцијата на списанието Коло на Матица хрватска.
Избор и превод: Весна Ацевска
Слики: Anselm Kiefer