1017 hPa
38 %
23 °C
Скопје - Нед, 13.10.2024 14:59
Веќе неколку децении се водат бурни дискусии како левицата да се врати на старите патеки на славата. Во нив како централна задача редовно се истакнува нужноста за организирање на работничката класа како предуслов за каква било одржливост и ефикасност на левицата како политички фактор. Притоа, често како пречка за реализацијата на тој предуслов се истакнува „одлуката“ на левицата од разни профили да се даде приоритет на некои други општествени конфликти, а не на економскиот. И истакнатиот предуслов и препознаената пречка сигурно играат неизбежна улога. Меѓутоа, тешко ќе ја активираме класната димензија на политиката ако почетната претпоставка ни е едноставната „одлука“ на оние кои ја предводат левицата во последно време и ако се заплеткаме во бесконечни дискисии за приоритетите на општествените конфликти. Веројатно постојат подлабоки економски, историски и политички процеси кои доведоа до денешната состојба.
При анализата на овие процеси која е исклучително опсежна и бара многу, треба да се укаже и на очигледниот факт дека таквиот „традиционален“ модел на организирање, кој често се наведува како критериум според кој се оценуваат современите обиди и програми, на крајот доживеа неуспех. Секако, во таа насока се постигнати и бројни успеси во чии цивилизациски достигнувања уживаме и денес, но епилогот јасно ни сугерира дека не постојат однапред подготвени и разработени рецепти кои функционираат во сите околности. Во овој краток прилог нема да се занимаваме со некои нови рецепти кои се соодветни за современите околности туку само ќе укажеме на две замки при евокацијата на традиционалниот модел кои пречесто служат да ја потврдат левата автентичност на оние кои ги заговараат, а премногу ретко како инспирација за дејствување во денешните околности.
Значи, станува збор само за попатни забелешки чија цел можеби е некои од закоравените претпоставки да ги приближи до различните агрегатни состојби. Иако дополнително измислените идеали на класната борба од втората половина на деветнаесеттиот и првата половина од дваесеттиот век оваа борба често ја замислуваат како „чиста“ и како доказ дека исклучиво на класна основа може да се создаваат масовни движења, тие во себе содржеа бројни други барања и со нив мобилизираа во незанемарлива мера. Тоа се гледа и според резултатите на овие борби. Тие најпрвин ја донесоа демократизацијата и во пресудна мера влијаеја на креирањето институции кои денес ги сметаме за упоришта на либералната демократија и за кои денес вообичаено се мисли дека се подарок за општеството, создаден во умовите на мудрите либерали. Бројни историчари и теоретичари, вклучувајќи го и Ерик Хобсбаум, истакнуваат дека работничките движења, социјалистичките организации и нововоспоставениот Советски сојуз беа нужен фактор во демократизацијата на Западот, делумно заради владејачките внатрешни барања, делумно заради страв од револуција.
Исто така, овие движења се појавија во добата на индустријализацијата која ретко каде се одвиваше во демократски услови. Имено, селаните никаде своеволно не се префрлаа од селата во фабриките за да работат во тешки услови и под строг надзор. Секако, тука не можат да се сумираат сите облици на социјална динамика на процесот на индустријализација, но таа во значителна мера ги активираше и барањата кои го надминуваа „чистиот“ класен однос. Исто така, политичката историја на индустријализацијата би можела и подобро да ги разјасни демократските дефицити во социјалистичките режими на европскиот исток чија првенствена цел беше индустријализација претежно на аграрните земји. Само што таквите дефицити денес се објаснуваат со „тоталитаризмот“, а оние кои ја обележаа индустријализацијата на западот со породилните маки на демократијата. Историјата на таканаречеиот реалсоцијализам настрана, тука само сакаме да истакнеме дека настанокот и функционирањето на традиционалната левица никогаш не беа „чисто“ класни туку дека во контекст на индустријализацијата и недемократските режими вклучуваа и бројни други барања кои за некои од мобилизираните беа и поважни од класните или воопшто не ни можеа да ги одвојат.
Втората замка се однесува на барањето за реиндустријализација која самата по себе би требало да ја врати левицата во „природното опкружување“ и со самото тоа да овозможи и политички успех. Единствено што е „поприродно“ за левицата во „индустриските услови“ е полесното организирање заради поголемиот број работници на исто место. Меѓутоа, денешниот систем на производство одамна и токму заради тоа го „распрсна“ производството, а и левицата историски успеваше да ги организира работниците и пред изградбата на големите индустриски капацитети. Повикот за реиндустријализација може да звучи примамливо за левицата единствено ако го третираме како еден вид синоним за планирањето, што, се чини, често е и случај. Инаку, не постои никаква „природна“ врска помеѓу индустријата и левицата. Тоа е исто како да речете дека некои хороскопски знаци се подобри синдикални лидери од другите. Во овие повици се истакнува и економскиот аргумент зашто индустрискиот сектор за разлика од поголемиот дел од услужниот може да донесе повеќе нивоа на продуктивност, а со тоа и услови за поправедна распределба на богатството и работничките притисоци. Но повисокото ниво на продуктивност може и да го намали бројот на потребни работни места.
Исто така, привилегирањето на традиционалниот модел на организирање од златната доба на индустријата, освен што страда од доза историски ревизионизам и „измислување традиции“, со себе носи и моќна патријархална нота, без разлика дали оние што го привилегираат се свесни за тоа или не. Имено, често под изговорот no bullshit на синдикалното организирање се крие и имплицираниот став: немој сега да ме заморуваш со родови и еколошки прашања. Ако знаеме, а знаеме, дека нема ништо природно во капитализмот како економски систем, исто така мораме да знаеме дека нема ништо природно во само еден модел на социјалистичко и работничко организирање. Како што рече големиот британски историчар Е. П. Томпсон: нема ништо инхерентно социјалистичко во производството на јаглен или машините во споредба со услугите или културните производи. Единственото нешто што ги раздвојува е традицијата на работничката борба во овие сектори. А не смееме да бидеме заложници на таквата традиција зашто сегашноста ќе ни побегне.
Превод: Алек Кузмановски
Колажи: Rhed Fawell
Извор: https://www.bilten.org/